Саша и Алан
7 април 2022Ниедна мака, ниеден прекор од родителите и учителките не можеа да ја симнат сончевата насмевка од милото лице на Алан. Неговата детска палавост редовно предизвикуваше изглумена строгост над едвај прикриените насмевки на лицата на неговите родители. Иако полн со центарфорска енергија, школскиот тренер инсистираше дека неговата агилност е поцелисходна во одбраната. И тоа беше предмет на неговите жестоки расправии со соиграчите и постарите роднини.
Неговиот омилен предмет, географијата, предизвикуваше искри во очите додека замислено ги отсликуваше светските пространства кои чекаа да бидат откриени од него. Кои почна да ги посетува во средношколските екскурзии. Но тогаш веќе ја осети неговата прва заљубеност во тивкото црвенокосо девојче од соседната гимназија и љубопитноста за авантурите потона пред напливот на љубовта. Која сепак ќе остане запаметена само како пубертетска затресканост, заборавена низ вревливите коридори на Универзитетот во Келн и среде масата полна со скици, хамери и шестари на неговите студии по архитектура.
Алан имаше бурни студентски денови и диви младешки ноќи. На првата средба со средношколските пријатели тој беше задолжен за транспорт на неговиот пијан пријател до неговиот стан. Услуга на која пријателот ќе возврати со трпеливо слушање на дилемите на Алан по една од неколкуте срцепарателни разделби со неговите девојки. Сѐ додека, сосема неочекувано, на едно студиско патување платено од Еразмус програмата не се запознае со прекрасната Н. од Лондон со која ќе помине неколку незаборавни денови скитајќи по улиците на Даблин. Велам незаборавни, бидејќи Алан наскоро ќе дознае дека во една од ноќите поминати со Н. зачнале нов живот. Незадоволството на конзервативните родители на Алан не помогна да се ублажи збунетоста на младите родители, кои сепак решија раѓањето на детето да го пречекаат преку размена на прстени пред матичар.
Намуртените веѓи на родителите на Алан траеја до првиот плач од болницата во Келн и веселите шеги на дедото додека ги менуваше пелените на внуката. Мислам, беше весело додека не зареди и второто, третото чедо од љубовта на Алан и Н. А потоа, расфрлените играчки, вревата на внуците и хировите на бунтовната внука ги потсетија дедото и бабата за сопствените проблеми со ишијасот, реумата и старечкиот умор. Малиот двособен стан ќе стане премал и Алан ќе се реши да се пресели во куќа на периферијата на Женева, но сепак блиску до неговото архитектонско студио и консултантската фирма во која работи неговата сопруга. Во таа куќа, обвиена со зеленило, ќе израснат нивните деца. Сѐ до нивното напуштање на семејниот дом и заминување на студии во Виена и Лондон. Каде ли само прелета времето, се прашуваше Алан додека неговите деца му јавуваа дека станал дедо по првпат, по втор, третпат, сѐ до неговиот омилен најмал внук Алан јуниор. На крај на својата кариера како успешен архитект, Алан ќе ги продаде своите акции во фирмата и придобивките ќе ги пренесе на сметка на неговите внуци. Кои за возврат, во последните мигови не неговиот здив, околу постелата, ќе му ја испеат омилената песна од детството, "L'ete Indien” од Жо Дасен.
„Има ли детево намера да прозбори веќе”, беше редовната поплака на мајката на Саша во првите две години од раѓањето во реновираната болница близу паркот во Киев. „Сѐ во свое време“, беше редовната реплика на неговата баба. Саша, незасегнат од нетрпеливоста на родителите, со светло сините, ширум отворени очи преферираше да ги набљудува и проучува возрасните и љубопитно да се чуди на малото четириножно суштество кое со мјаукање го грееше додека заедно се тегнеа под ретките сончеви зраци на балконот.
Секој опис на Саша започнуваше со „мирно, тивко дете“, љубено од сите, до раб на здодевност од гушкањата на мама и баба и наоѓањето спас во гаражата на татко си. Неговите попладневни часови на слобода по училишните часови, беа исполнети со одење по риба со дедото и бескрајните разговори за сите риби и животни. Дедо му трпеливо ја сослушуваше неговата решителност дека „сака да биде рибар кога ќе порасне, на море и по океани”. Ама не за да лови, туку да спасува животни, особено омилените делфини, белуга китови и пингвини. Кој можеше тогаш да претпостави дека неговата детска желба ќе биде толку силна што на крај ќе се обистини во неговата професија на ветеринар и презерватор на флората и фауната од Киев до езерото Тангањика Нил и дивите предели на Алјаска.
Делумно поради неговиот убав лик под „пуцвалт“ синокоса фризура, делумно поради лажливо срамежливата насмевка, Саша беше редовно популарен лик кај колешките низ институтите со кои соработуваше и истражувачките походи на кои учествуваше. Неговата љубов кон независноста и слободата траеше сѐ до запознавањето на нескротената М. од Чиле, која сопствената нервоза пред шармантниот Саша ја прикриваше со бескрајно дрдорење и нервозно виткање на косите. Соочени со неминовната взаемна зависност, Саша и М. се договорија дека нивниот брак и семејство никогаш нема да бидат статични, класични и пречка за патувања и спасување на животните на кој било крај на светот.
Достојно на традицијата и забава на снаата, неговата мајка повторно ќе изразува незадоволство што првиот внук ќе одбива да комуницира со баба си, сѐ додека не се реши дали првиот збор ќе и биде „мама” или „тато”. А кога веќе почна да се расправа со родителите и постарите, нејзиниот глас веќе тонеше во какофонијата на близнаците. Поради кои Саша беше принуден дел од својата работа да префрли во престижните лаборатории на ЕУ за заштита на животната средина, а неговата сопруга се врати кон професијата на бриселски дописник на националната телевизија од Чиле.
Откажувањето од патувањата не помина без последици, во вид на караници и епизоди на „не можам да те поднесам”. Кои сепак набргу завршуваа со помирливото разбирање на Саша и нивната предаденост кон децата. Сѐ додека нивното заминување на студии не ги остави Саша и М. оставени сами на себе и слободни да се вратат кон хоризонтите и меридијаните на светот. И така, до длабоката старост и заминувањето на М. По што Саша ќе се префрли поблиску до неговите внуки и внуци, учејќи и подучувајќи ги за прекрасниот свет на морињата и океаните. На крај на еден викенд поминат со внуците крај езерото, Саша ќе се задлабочи во гледање на некоја од емисиите на Дејвид Белами и тивко, во сон же се придружи на љубовта на неговиот живот.
Паметењата за Алан и Саша се прекрасни. Како и нивните животи.
Кои се немаат случено. Не им беше дозволено да се случат. Никогаш.
Алан Курди, милото детуле од Кобани, почина на тригодишна возраст во брановите на Средоземното Море, бегајќи од војната во Сирија. Саша Зданович, прекрасното четиригодишно дете од Вишород крај Киев, беше застрелано додека со баба му се обидуваа да се спасат од руската агресија врз Украина. Алан ќе биде најден на бреговите на Турција.
Саша ќе биде најден три недели по неговата смрт, сокриен во матните води на Дњепар. Сѐ што остана зад нив се приказните за што можеле да бидат, што можеле да направат, што би сториле за овој свет да биде поубав, посреќен за сите нас. Наместо тоа, Саша и Алан се потсетници дека секое убиство, особено на деца, е само по себе геноцид на генерации кои се спречени да бидат, да постојат, да градат иднина, да се размножуваат. Саша и Алан се деца на кои им е одземено правото и благословот да бидат љубовници, пријатели, родители, дедовци, зачетници на нови генерации. Алан и Саша можеа да бидат сѐ што ќе посакаат. Суровата судбина определи со нивните мили ликови да бидат олицетворение и потсетници на тоа како изгледа геноцидот.
Ние не сме цивилизација. И долго нема да имаме причина заслужено и гордо да се китиме со правото да се нарекуваме како такви. На почетокот на овој век кој го сметаме за врв на човечките успеси во науката и образованието, ние сме сепак нецивилизирана дружба на народи кои не успеваат да се согласат во договарање и придржување кон базичната норма на цивилизацијата која од навек важи како правило во светот на животните: да не се убива, туку да се заштити сопствениот човечки подмладок. По секоја цена.
- повеќе од авторот: Слава Україні!
Светот кој нема сила, волја и решителност да наметне базично правило меѓу народите и државите за необјавување војна сѐ додека прво не се евакуираат, заштитат и обезбедат децата, не може да се смета за цивилизиран. Оној час кога возрасните ќе се согласат да ја подржат Резолуцијата Саша и Алан како предуслов за давање легитимитет на колежите помеѓу возрасните, во тој час ќе заслужиме да се сметаме дека сме ја надминале границата помеѓу слепа крволочност и цивилизирана воздржаност. Дотогаш, обврска на човештвото е Алан и Саша да ги држи живи во колективното паметење и низ нашите животи да го споделиме она што така сурово им беше одземено. Несудената, неиспишаната иднина на нашите деца Алан и Саша.