Се враќа соживотот во Мостар
8 јануари 2011Во мостарската населба Пањевина една до друга се куќите на семејствата Џеба, Максумиќ и Судар, кои ниту војната не ги раскара, и денес се посетуваат за разни пригоди. Семејството Судар се радуваше на враќањето на захумско-херцеговскиот владика Григориј од Требиње во Мостар, а радоста со нив ја поделија и соседите Максумиќ и Џебa.
За враќањето на владиката во Мостар Драгица Судар вели:
„Ние овде имавме наша црква, но сепак сметам дека доаѓањето на владиката како верски поглавар е значајно за Мостар и за православните во градот.“
Гласот на православците во Мостар
Според Драгица, владиката Григориј треба да биде гласот на православците, да се заложи за нив и нивните права, и да ги повика назад Србите кои го напуштиле Мостар:
„Во неколку наврати тој вети дека ќе го стори тоа, јас му верувам.“
Сосетката на Драгица, Мелиха Максумиќ, смета дека враќањето на епископот Григориј е позитивно:
„Мостар отсекогаш беше единствен град и сметам дека во нашиот град сите верници треба да имаат свој поглавар.“
Владимир Џеба вели дека е најважно да се биде добар сосед, оти соседот прв помага во неволја:
„Во оваа улица секогаш сме биле тука едни за други, си честитаме и Божиќ и Бајрам и меѓусебно се почитуваме.“
Соборната црква ќе биде обновена
Со враќањето на епископот Григорије ќе се обнови и Соборната црква, која пред војната го красеше Мостар, и покрај џамијата, катедралата и црквата беше знак дека во Мостар живеат три народи и вери.
„Соборната црква постоела пред војната и треба да се обнови“, вели Мелиха.
Владимир Џеба додава: „Хрватите имаат своја катедрала, и православните треба да имаат своја соборна црква, да имаат каде да се собираат, да слават Божиќ и да доаѓаат на литургија.“
До почетокот на војната околу 18 проценти од граѓаните на Мостар, повеќе од 20.000, беа Срби. Денес во градот на реката Неретва, каде живеат Хрвати, Бошњаци и Срби, има само два до три проценти српско население. Досега нивното враќање се одвиваше бавно, а од објектите на православната црква во минатите 18 години обновени се манастирот во Житомислиќ и старата православна црква.
Автор: Милан Шутало/ Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Симе Недевски